Фото: „Нова Македонија“

Премиерот Христијан Мицкоски даде отчет за првите 100 дена од работата на новата влада, во кој опфати теми и прашања од повеќе области. Тој во своето експозе се осврна на евроинтеграциите, на односите со Бугарија, на реформите во правосудството, на борбата против криминалот и корупцијата, на реализираните проекти, на стабилноста на владината коалиција… Во продолжение ви ги пренесуваме неговите одговори за резултатите од сработеното и за идните цели на Владата

Отчет на премиерот Христијан Мицкоски по повод првите 100 дена од работата на Владата

Оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и на стратегиските правци на граѓаните. Никогаш нема да отстапиме од нашата стратегиска цел за полноправно членство во ЕУ. Но Владата никогаш нема да направи ниту една отстапка што ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, порача премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција за одбележување на првите 100 дена од работата на новиот владин состав.
– Ја уверувам македонската јавност за две работи. Како прво да веруваат дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и на стратегиските правци на граѓаните. Никогаш нема да направи ниту една отстапка што ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или други. Вие сте оние на кои им го должиме сето она што го претставуваме денес. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функционираме како ваши слуги. Втора моја порака е дека како влада никогаш нема да отстапиме од нашата втора стратегиска цел, а тоа е полноправно членство од ЕУ и, ако треба, ќе разговараме со кого било и колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на другите што живеат заедно со него – изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека фокусот останува на ЕУ, на работата дома, на внатрешните реформи, но без дополнителни понижувања и отстапки.
– Ќе мора да се навикнете на македонски политичари што не коленичат, не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ не потпишуваат договори на штета на својот народ и на своите граѓани. Мора да се навикнете на политичари што се грижат за своите граѓани, кои работат за своите граѓани чесно и одговорно, без да ги понижуваат, ограбуваат. А фокусот на оваа влада, како што кажав, останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратегиска цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели, многу пријатели што се дел од европското семејство. Продолжуваме да градиме пријателства што се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да им ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете јас не сум добар соговорник – рече Мицкоски.
Во врска со одбивањето од страна на Бугарија на посредништвото што го понуди унгарскиот премиер Виктор Орбан за приближувањето на ставовите Скопје-Софија, Мицкоски рече дека жали што соседната држава има таков став, но изрази подготвеност за натамошни разговори.

– Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. Еве, ние претседаваме со ЕУ, дојдете да седнеме да разговараме, да помогнеме колку што можеме. Прифатив, покажав конструктивност, жалам што нашиот источен сосед не прифати, јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, колку е потребно да разговараме, со денови, со часови, сѐ да ставиме на маса да го решиме ова еднаш засекогаш – истакна Мицкоски.
Во врска со изјавите на дел од неговите коалициски партнери од Вреди, односно вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој рече дека е уверен оти уставните измени ќе бидат донесени до крајот на годината, Мицкоски повторно направи паралела со Преспанскиот договор и го спомена принципот Pacta sund servanda, кој смета дека треба да важи и за Договорот во добрососедство, каде што нема одредба за уставни измени како услов. Премиерот повтори и дека, како и во однос на првиот договор, така и во случајот со Бугарија уставните измени треба да станат ефективни откако Софија ќе го ратификува претпристапниот протокол за членство во Унијата. П.Р.


Мицкоски: За 100 дена реализиравме, донесовме или почнавме над 100 проекти, мерки и одлуки

Првите 100 дена од изборот на новата влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно, покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас, порача премиерот Христијан Мицкоски. За 100 дена, нагласи тој, реализиравме, донесовме или почнавме над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните, додавајќи дека стоте дена не биле лесни, но се само почеток.
– Нашата примарна задача и фокус беа да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, на затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и на имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции што се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места и работевме и подготвуваме стотици нови проекти – истакна Мицкоски.
Тој напомена дека новата влада, за само 100 дена, преку линеарното покачување на пензиите овозможи повисоки пензии за над 330 илјади пензионери, нови странски инвестиции, поевтини катастарски услуги, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа, највисока откупна цена за винското грозје, ограничена маржа за над 70 прехранбени производи…
– Следуваат многу повеќе проекти, мерки и реформи за кои ќе работиме со целата наша енергија, со целото наше срце. Следуваат нови инвестиции, ценовни намалувања, одлуки за инвестиции, но и мерки за младите, и можам да кажам дека даноците ќе се намалат. Во наредните четири недели очекувајте одлука за дополнително намалување на даноците, со што ќе станеме држава со најниски даноци во Европа – најави премиерот Мицкоски.


Владината коалиција е стабилна, ни треба силна и конструктивна опозиција

Владината коалиција е стабилна и сите коалициски партнери се обединети околу стратегиските прашања, и покрај различните мислења за одредени прашања, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.
– Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонија и колегијален дух владеат во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратегиските прашања – наведе премиерот Мицкоски.
Тој ѝ порача на опозицијата да биде конструктивна и силна и да се натпреварува со политики што ќе им донесат подобар стандард на граѓаните наместо со обвинувања. Р.С.


Криминалот и корупцијата треба да бидат казнети, но заробените институции ја отежнуваат борбата

Потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети, но процесот е тежок затоа што имаме партиски октроирано и заробено обвинителство и судство, порача премиерот Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на прашањето за борбата против корупцијата.
– Човечки е да се простува, но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но има институции каде што се водат тие процеси, има закон, има Устав пред кој тие што сториле криминал треба да одговараат без разлика дали се тоа политички криминалци, бизнис-криминалци или некој друг вид криминалци што можеме да ги сретнеме сѐ уште на улиците низ државата. Затоа ве молам да бидете трпеливи, процесот е тежок затоа што имаме партиски октроирано и заробено обвинителство и судство, и тоа не мислам на сите обвинители и судии, туку на една мала група од нив што се партиски послушници, кои го контаминираа нашиот правосуден систем – рече Мицкоски.
Тој посочи дека до завчера, до кога бил рокот за предлог-реформи за правосудството, до Владата официјално не пристигнал ниту еден предлог, додавајќи дека ќе почне развивањето на наш систем за реформи во правосудството.