Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот глас од Канада: Поврзување на историјата со современата борба за зачувување на македонскиот идентитет

Драги Стојковски е истакнат македонски активист и долгогодишен претседател на организацијата „Обединети Македонци“ во Канада – најстарата национална и културна организација на Македонците во оваа земја. Неговата работа е тесно поврзана со зачувувањето на македонската културна меморија и со дипломатското застапување на македонските интереси пред канадските институции. Стојковски е познат како истражувач и публицист што работел во архивите на Канада и Америка, документирајќи го присуството на Македонците во Северна Америка уште од почетокот на 20 век. Според неговите истражувања, во канадскиот попис од 1911 година дури 813 лица се изјасниле како Македонци, што претставува значаен доказ за историското постоење на македонската заедница таму. Покрај истражувачката работа, Стојковски е активен и во дипломатско-лобистичките иницијативи. Преку „Обединети Македонци“ организирал средби со странски конзули во Торонто и со канадското Министерство за надворешни работи, барајќи признавање на независноста на Република Македонија. Неговата улога е препознатлива како мост меѓу дијаспората и матичната држава, со јасна цел да се зајакне меѓународната позиција на Македонија. Стојковски е и долгогодишен член на македонската православна црковна општина Св. Климент Охридски во Торонто, каде што ја продолжува традицијата на духовно и културно обединување на заедницата. Драги Стојковски претставува пример за дијаспорски интелектуалец и активист што ја поврзува историјата со современата борба за признавање и зачувување на македонскиот идентитет. Неговата работа е важна не само за Македонците во Канада туку и за глобалната македонска заедница, бидејќи покажува како културната меморија и правото на национално самоопределување можат да се бранат преку истражување, организација и дипломатска активност

Веќе 150 години трае бугарската заложба за освојување на душите и срцата на Македонците со цел да ги присвојат македонската славна историја и земја. Поточно гледано, точно 147 години заложба, ако сметаме од 1878 година, кога царска Русија ја совлада отоманска Турција и ја создаде бугарската држава, со желба преку нејзиното вазалство да добие излез на топлото Средоземно Море. Тука можевме да имаме „заедничка историја“ со Бугарија ако се оствареше сонот за санстефанска Бугарија, но западните големи сили како Велика Британија, Германија и Австроунгарија не смееја да го дозволат овој руски излет и излез на Средоземјето.

Бугарија нема историски легитимитет воопшто да се меша во македонските
работи

Бугарија водеше четири војни за освојување на Македонија (Првата и Втората балканска војна, Првата и Втората светска војна), но без успех. Сега, секирата им падна во медот благодарејќи на членството во ЕУ. Меѓутоа, гледајќи ги најновите геостратешки состојби во Европа и во светот, Бугарија наскоро ќе увиди дека повторно е влезена во губитничко сојузништво, т.е. во ЕУ, иако, меѓувремено, се труди крајно да го искористи членството во ЕУ како што своевремено се трудеше да го искористи сојузништвото со нацистичка Германија од 1941 година. Само умни македонски политичари можат да го побијат тоа со членство во Движењето на неврзаните, БРИКС и други слични организации. Но ова е сосема друга тема за која ќе треба да размислува една нова и идна генерација суверенистички македонски водачи и политичари.
Да се вратиме на најновиот обид за „освојување“ на Македонија, кој започна со самото осамостојување на Република Македонија од СФРЈ. Имено, Бугарија истрча прва да ја признае новопрогласената македонска држава, не од принцип, туку со задна намера и очекување дека веднаш потоа „залутаните србизирани Бугари“ во вардарскиот дел од Македонија самите ќе „бараат“ да се вклучат во бугарското трло. Но не само што не дојде до такво барање туку напротив, Македонците, желни за независна своја држава, ја видоа проѕирноста на бугарската подадена рака.
Но како по обичај, Бугарија и овој пат не се откажа од долгогодишната заложба. Веднаш по влезот на Република Бугарија во ЕУ, најдоа ново златно јајце за привлекување на Македонците. Замислата им беше преку доделување бугарски државјанства да ги „освестат залутаните србизирани Бугари“. Меѓутоа, наместо населување во „мајка Б‘лгарија“, и со тоа потврдување на тврдењето дека Македонците се Бугари, огромното мнозинство од „новозапишаните Б‘лгари“ заминаа по европските богати држави.
И ова златно јајце им пропадна: Прво – значењето на „бугарската самосвест“ беше многу мала пред бугарското зачленување во ЕУ, кое очигледно им пара очи на бугарските пропагандисти; Второ – бугарските државјанства се интересни само за Македонците на Балканот (Република Македонија, Албанија и Косово), кои сѐ уште немаат европски пасош за да си ја исполнат желбата за безбедно иселување во богатите поранешни колонијални држави; И трето – ни еден Македонец во егејскиот дел од Македонија (кои имаат европски државјанства) или во иселеништвото низ светот воопшто не е заинтересиран за бугарско државјанство. Само овој податок би требало да ги убеди Бугарите дека време е да се откажат од заложбата за побугарување на Македонците.
Меѓутоа, Бугарите нема да бидат Бугари ако едноставно ја погледнат вистината во очи и прифатат дека „и Исус Христ да се симне на земи, ќе увиде дека од Македонец не бидува Бугарин“. За жал, како што бугарскиот историчар Иван Калчев сликовито ја објаснува закоравеноста на бугарскиот менталитет: …„Има историчари што тврдат дека Бугарите се првиот народ во светот… дека ги имало на Хималаите, во Андите во Јужна Америка… Исус Христос на крстот зборувал на бугарски јазик… Има бугарски историчари, професори, кои тврдат дека бугарскиот народ постои од пред шест илјади години… Шопот, тоа ти е типичен Бугарин, оди во странска Зоолошка градина и здогледува жирафа, она животно со долг врат. Гледа, гледа, гледа, и си вели: ‘Е нема такво животно‘“. Со други зборови, Бугаринот среќава Македонец, човек што недвосмислено му изјавува дека е Македонец и само Македонец…. и Бугаринот гледа, гледа, гледа, и си вели: „Е нема такво животно“. Е сега, има ли можност ние да се справиме со луѓе со ваков закоравен менталитет?

Бугарија ги шири своите современи пропагандни пипала во светот

Не само што бугарската заложба за присвојување на македонската славна историја и земја не престанува, Република Бугарија сега ги користи најсовремените можни начини на ширење на својата пропаганда кон Македонците. Тоа сега им е најлесно овозможено преку мрежните средства, таканаречените поткасти.
На овие поткасти во последно време се користи влијанието на поединци како Иван Динев Иванов (благоречив гласноговорник во обелување/варосување на бугарската политика од март 1941 до октомври 1944), кој е член на неколку бугарски и пробугарски здруженија (МПО – каде што е потпретседател, Бугарско-американско здружение за пријателство и други) и професор на Универзитетот „Синсинати“ во САД.
Иако вакви здруженија и поединци веќе подолго време немаат влијание меѓу Македонците во Канада и САД, тие од петни жили се борат да не бидат минато-свршено време за нас Македонците. Сепак, вознемирувачки е да се гледаат разноразни поткасти што сакаат да ја поправат сликата на бугарската улога во Втората светска војна. Во нормални услови тоа е ширење на национална и расна омраза, но во нашиот случај важи максимата – „тие се внатре (се мисли на ЕУ), додека вие сѐ уште сте надвор“. Вистината тука нема никаква улога.
Иако бугарските пропагандистички гласноговорници знаат дека немаат никакво влијание меѓу огромното мнозинство Македонци на северноамериканскиот континент, сепак, се борат да го спасат извалканиот образ на бугарската држава во однос на нејзините историски злодела од времето на Втората светска војна. Имено, се трудат да докажат дека Бугарија никогаш не била фашистичка држава, па според тоа, во однос на Втората светска војна, не требало ние да велиме дека Македонците се бореле против бугарските фашисти.

Историски ревизионизам

Како прво, треба да направиме разлика помеѓу бугарскиот народ од една страна и бугарската држава и владејачка елита од друга страна. Тука ќе се осврнеме на вторите, т.е. бугарската држава и владејачка елита за време Втората светска војна. Фактите за бугарската фашистичка политика, дејност и злосторства за времето од март 1941 до октомври 1944 година се широко достапни за секој добронамерник, кој само со преглед на тогашните светски гласила доста точно ќе се запознае со вистината. Но тоа сега да го оставиме за друга пригода. Само ќе спомнеме два настана попатно: бугарската полиција/војска „совесно“ си ја изврши задачата за собирање на македонските Евреи од цела Македонија, ги затвори во скопскиот Монопол и со вагони ги испрати во концентрациониот логор Треблинка во Полска, додека потоа бугарските окупаторски власти во Македонија го пљачкаа имотот на испратените Евреи во логорот на смртта; и изврши „административно“ ликвидирање на младите македонски родољуби кај Ваташа, а имаше и илјадници убиени македонски борци и цивили.
За жал, фашистичкото влијание и во сегашното бугарско општество има одредени поддржувачи. Треба ли да го спомнеме фашистичкиот Луков марш во Софија, кој секоја година ги потсетува Бугарите на нивното „славно“ минато? Потоа, нацистичкиот поздрав на бугарскиот европратеник во самото европско собрание? Зарем помалку фашистичко е самото порекнување на постоењето на посебноста на македонскиот народ со свој јазик и писмо. Последново, за жал, благодарение на 150-годишната пропаганда е длабоко вкоренето меѓу обичните Бугари. За жал, бугарските пропагандисти не сакаат да разговараат за овие теми.

Драги Стојковски

продолжува