Фото: „Детска Евровизија 2025“

Тринаесетгодишната Нела Манческа од Скопје, која освојува со своите извонредни вокални способности и досега освоила голем број меѓународни награди, на 13 декември ќе застане на сцената во Тбилиси, Грузија, и достојно ќе го претстави нашето знаме на „Детска Евровизија 2025“.
„Подгответе се за магија на сцената – наскоро следуваат повеќе детали за песната и подготовките“, велат од МРТВ, носителот на лиценца за овој престижен избор.
Нела, како што вели, се радува на учеството на овој фестивал, што е нејзина голема желба и остварување на нејзиниот голем сон.
Во иднина таа сака да стане познато пејачко име, а освен Тоше Проески, Каролина, Тамара и Калиопи, нејзини идоли се и Аријана Гранде и Витни Хјустон.
Таа веќе пет години заедно со други талентирани деца од земјава ја посетува музичката школа на Андријана Јаневска.
Познатата пејачка и музичарка, по повод изборот на Нела за македонски претставник на „Детска евровизија“ годинава, напиша: „Уште една моја ученичка на ’Детска Евровизија’! Горда сум на Нела Манчевска, која цели пет години ја гледам како расте, од музикално дете до вистински уметник на сцената! Долгогодишната работа секогаш носи успех! Да ѝ посакаме успех и да блесне на сцената!“
Инаку, Нела во мај го освои второто место на меѓународен музички фестивал во Валона, Албанија, што е последна од нејзините дваесетина освоени награди на разни интернационални фестивали.

М.Т.