Меѓу последните јавни настапи на Бистрица, можеби и последен, беше оној во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, кога дојде по повод промоцијата на нејзината најнова книга, организирана од страна на Друштвото на просветни работници-литературни творци, кога в рака ми го даде нејзиниот најнов препев на моја песна на словенечки јазик… Каков спомен, се сеќава нашиот соработник, поетот Филип Димкоски
Во спомен на писателката Бистрица Миркуловска (14.3.1930-17.9.2024)
Не е пролет, а кокичето од нејзината градина сѐ уште стои меѓу листовите на мојата песнарка. Не е зима, а „ѕунат, ѕунат“ стихови наместо снегулки од нејзините безбројни песни што им ги подари на децата. Згасна летото и наеднаш дојде еден, заради згаснатиот сјај во нејзините очи. Си замина, но само физички. Како сонце ќе нѐ грее нејзината мила насмевка, која провејува низ деминутивите во нејзините стихови.
Во најмили спомени ми останува пријателството со нашата прекрасна професорка и поетеса Бистрица Миркуловска. Дури и на денот кога нѐ напушти, кога ја прочитав прошталната објава на нејзината ќерка, почитуваната професорка Милица, некако тажно, а истовремено топло ми дојде на душава. Дури и верувам дека со насмевка го напуштила овој свет.
Деведесет и четири лета, девојката, жената, поетесата, писателката, професорката, спортистката, мајката, бабата, сопругата, лекторката, преведувачката Бистрица Миркуловска го разубавуваше овој свет со својата енергија, со својот елан за работа, со својот докрај бистар ум, со своето чисто срце заробено во веќе умореното и повредено тело.
Авторка е на голем број книги поезија, раскази, романи, хаику поезија, романи и раскази за деца. Незаборавни се песните за деца, како што се „Работливо момиче“, „Дедо Снешко зимски цар“ и многу други, а некои од нив се отпеани и на детските музички фестивали.
Од творештвото за деца на оваа мошне плодна авторка ќе ги споменеме книгите: „Цвеќенца“, „Градинче“, „Првачиња“, „Празнични виделини“, „Виножито“, „Сите деца мили“, „Ѕвездена“, „Виделина“, „Клучарчиња“, „Тополите на крајот од дедовата ливада“, „Лице и опачина“, „Цвеќе на мирот“ и „Далечни проблесоци“.
Бистрица Миркуловска е плодна и како преведувачка од македонски на словенечки и од словенечки на македонски јазик, а за преведувачката дејност со опус од дваесет и две книги е наградена со „Потокарова повелба“ од Сојузот на книжевните преведувачи на Југославија, „Златно перо“, „Кирил Пејчиновиќ“ на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија и „Златно перо“ на СКП на Македонија во 2008 година за преводот на романот „Капелан Мартин Чедрмац“ од Франце Бевк.
Добитничка е на повеќе награди за поезија доделени од Друштвото на писателите на Македонија и од Здружението на просветни работници-литературни творци на Македонија, кое ѝ додели и награда за животно дело. Последниве неколку години е фокусирана на поезијата за возрасни и објавува книги од овој жанр. За поетската збирка „Фатаморгана“, ДПМ во 2017 година на Миркуловска ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.
Низ сите нејзини години на плодно литературно творештво, таа беше голем пријател на децата, на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, како и на „Колибри“.
Да, сето ова се фактографски податоци што покажуваат каква стаменита авторка имаме во ликот на Бистрица Миркуловска. Но мојата среќа и привилегија е што имав можност повеќепати да се сретнувам во пријателски амбиент во нејзиниот дом. Тогаш, очи в очи, во нејзината соба во која напролет низ вратата навлегува мирисот на зумбулите од градината, која таа толку многу ја сакаше, таа ги отвораше своите дамари пред мене како пред нејзин внук… Ќе си ги раскажевме и убавите и помалку убавите нешта, ќе ми раскажуваше долго за спомените, соработките, дружбите, животните искуства, за личните радости, за човечките пакости, но и за личните страдања, за болките и тагите, за љубовта кон својата ќерка Милица и внуката Темјана. Повеќе слушав, помалку зборував, оти пред ваквите луѓе-енциклопедии, подобро е да впиваш отколку да мудруваш… Ќе прочитавме и понекоја песна, а таа нејзината најнова ќе ја изречеше наизуст…
– Ех, Филипе, телото ми е старо, но душата ми е млада – ќе речеше вечно младата Бистрица.
Во соработка со уредничката на „Колибри“, Марија Таушанска, никогаш не заборавивме на големото дело на Миркуловска, па честопати објавувавме нејзини раскази и песни, а секогаш за нејзините нови книги, за нејзините родендени. Бистрица, пак, не забораваше да се јави, да се заблагодари, да каже некој убав збор…
При една средба, додека го дојадувавме колачот што го приготвила ќерка ѝ Милица, Бистрица ми подаде една папка, во која грижливо ги исекла и спакувала сите објави во медиумите поврзани со мене, сите мои текстови во „Колибри“, сите мои раскази, новинарски статии и интервјуа. Сега сфаќам уште повеќе колку многу сум богат што ги имам и нејзините книги, со секогаш уредно напишаните долги посвети, дури и тогаш кога веќе силата на рацете ја издаваше, па трепетливо ги везеше буквите.
Меѓу последните нејзини јавни настапи, можеби и последен, беше оној во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, кога дојде по повод промоцијата на нејзината најнова книга, организирана од страна на Друштвото на просветни работници-литературни творци, кога в рака ми го даде нејзиниот најнов препев на моја песна на словенечки јазик… Каков спомен!
Ах, и сега кога пишувам, иако за мојот релативно краток живот, повеќепати свирепо сум се соочувал со смртта на моите блиски, иако знаејќи дека смртта особено на возраста што ја имаше почитуваната Бистрица е очекувана, сепак сфаќам дека кога голема личност си заминува, голема празнина останува…
Низ глава поминуваат и средбите во Друштвото на писателите на Македонија, средбите во црквата „Св. Спас“ за време на фестивалот „Ракатки“…И пак се раѓа онаа верба во мене дека некои луѓе дури и двесте години да живеат, секогаш како зрак светлина ќе бидат потребни и секогаш ќе боли нивното отсуство. Таква беше Бистрица Миркуловска. Затоа се тука да нѐ греат нејзините песни, раскази, танка мигови, хаику сочиненија.
Вечен спокој и мирен сон без болки, драга моја госпоѓа Бистрица.
Со љубов и почит, твојот Филип Димкоски, малиот