Медицински совет
Пробиотиците се пријателски бактерии што живеат во цревата и му помагаат на организмот така што ферментираат диетални влакна и создаваат метаболити што се корисни за здравјето. Симптомите на подуеност, лошо варење, запек, нервозни црева и алергии на храна мачат сѐ поголем број луѓе. Веќе со децении микроорганизмите се доведувале во врска со дигестивниот систем, пред сè како причинители на труење со храна или инфективни заболувања. Салмонели и кампилобактерии се најчести бактерии што предизвикуваат гастроентеритиси, инфекции на цревната и стомачната мукоза, исто така познати како стомачен грип, проследени со дијареа и понекогаш повисока температура. Влегуваат во организмот преку контаминирана храна. Гастроентеритис може да предизвикаат и вируси. Некои болести на дигестивниот систем ги предизвикуваат и паразити (лентичиници, црви…), но денес паразитозите сепак се ретки. Многу проблеми на гастроинтестиналниот тракт се последица на нарушување на нормалната цревна флора, наречена микробиота. Микробиотата помага во варењето, го чува интегритетот на цревната мембрана, ферментира диететските влакна, учествува во разградувањето на протеините, го поддржува вегетативниот нервен и имунолошкиот систем во цревата, помага во одржување на нормалниот метаболизам и телесната тежина, благопријатно влијае на расположението, менталното здравје и спиењето.
Долготрајната употреба на лекови, најмногу антибиотици, го нарушува составот на цревната микробиота. До нарушувањето на нормалната флора во цревата доведува и исхрана што нема доволно растителни или диетални влакна, кои се храна за микробиотата. Различни болести, стрес, па дури и ноќна работа го нарушуваат составот на микробиотата. Дисбиозата се поврзува не само со диспепсија, нервозни црева или воспаление на цревата туку и со некои автоимуни болести, дебелина и дијабетес, различни видови канцер, па дури и со некои невролошки заболувања (на пр. Паркинсонова болест) и аутизам.


































