Има ли морал и етика кај нас во Македонија? Тоа прашање можеме да го формулираме и поинаку: Постојат ли основни и позитивни принципи и вредности што нѐ поттикнуваат кон успех и резултати. Дали постои македонско чувство за правда, праведност, законитост, лојалност, успех?
Серијал: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (4)
Ја живееме 34-та година од воведувањето демократија и плурализам во Македонија и на половина сме од третата декада на 21 век, а никако да воспоставиме парадигма на одговорност, принципи и етички и морални вредности во заедницата. Крајно време е да изградиме вредносен систем со демократски предзнак, чија есенција ќе бидат националната и општествената традиција и култура во кои ќе бидат втемелени работната етика и моралните принципи, како и одговорноста од секаков вид (кривична, прекршочна, дисциплинска, морална). За овие неопходни предуслови за одржлив демократски поредок и слободен општествен живот во државата и општеството пишува Сотир Костов во серијалот насловен „За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија“
Универзално прифатениот принцип на етичко однесување е содржан во познатата изрека на германскиот филозоф Емануел Кант: „Не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе“. Покрај споменатиот принцип за проценување на етичноста, односно неетичноста во однесувањето на луѓето, групите и организациите, во праксата на живеење и работење се прифатени и следните начела: а) корисност – најголемо добро, за најголем број луѓе; б) личноста – како поединец и неговите долгорочни интереси; в) правата на секој човек што се однесуваат на почитување на темелните права на луѓето, како што се, право на живот, рамноправност пред законите и слично; г) почитување на законите, при што однесувањето се третира како соодветно доколку е во согласност со законските одредби и не ги прекршува. Проблемите на етиката во концепцијата на вредностите, односите и соработката се слични на оние во деловната/политичка етика. Покрај можните етички дилеми во врска со односите со граѓаните/клиентите, менаџерите/политичарите мораат да ги решаваат и проблемите што произлегуваат и од односите со вработените, доставувачите, дистрибутерите и сите други соработници во синџирот на создавање и додавање вредности.
Сомнително етичко однесување на субјектите во македонскиот општествен живот?
Сомнително етичко однесување на субјектите на општествениот живот во Македонија е возможно во сите области работење. Така, на пример, можно е неетичко однесување во процесот на истражувањето на пазарот, во вид на манипулација со прашањата во анкетите и интервјуата. Следна област на потенцијални етички дилеми е областа на промотивни комуникации на организациите и институциите. Тоа посебно се однесува на рекламата. Се поставува прашањето дали треба да се претерува во рекламирањето на својата понуда прикажувајќи ги понудените вредности со имагинарни својства, кои тие ниту ги немаат ниту, пак, можат да ги имаат. Дали е етичко да се измамуваат граѓаните/клиентите со невистинити реклами и јавни кампањи? Или, пак, во право се стручњаците за маркетинг кога велат дека во тоа нема ништо неетичко!? Тие честопати се наоѓаат на лизгав терен на кршење на етичките принципи кога со најразлични поклони им изразуваат внимание на своите деловни партнери во бизнисот и на политичките субјекти во политиката. Тоа е така бидејќи од ситните поклони, до митото и корупцијата во деловните и политичките односи многу е краток патот.
Во сите напред наведени примери на примена на економска, социјална и политичка активност, етичките принципи и начела играат значајна улога. Етиката е дополнителна вредност што фирмите, организациите и институциите ја надградуваат на понудените основни вредности на пазарот (економски и политички). Работењето според етички принципи доведува до извонредно конкурентски предности. Многу е битно, без разлика дали станува збор за државни институции, профитни организации или, пак, организации на непрофитниот сектор, луѓето што работат во нив да имаат високи етички принципи и одговорно морално однесување.
Прашањето дали однесувањето на стејхолдерите ќе се насочува и обликува во етичка или неетичка насока, зависи од следните елементи: какво е семејното воспитување на личноста, кои религиски вредности ги поседува и какви се неговите лични стандарди и потреби; каков е менаџерот/политичарот, уметникот/спортистот, како член на конкретна организација/институција, која има своја култура, деловна етика и кодекс на однесување; какво е однесувањето помеѓу претпоставените и соработниците; видот на деловната/политичката/културната околина, т.е. какво е законодавството, кои се пропишаните норми, какви се усвоените вредности од општеството во целост, но и фирмите, организациите и институциите посебно.
Етичко однесување
Етичкото однесување на фирмите, организациите, политичките партии и институциите, во размената на вредности на пазарот, претставува додадена вредност, која граѓаните/клиентите, доставувачите, дистрибутерите, деловните партнери и целата широка јавност го препознаваат и знаат да го ценат. Како и спротивното: неетичкото однесување се казнува со најтешка возможна казна, а тоа е бојкот и бојкотирање на понудата и давање доверба на конкуренцијата.
Во овој контекст, кодексот на однесување е најдобар водич во струката. Како пример ќе го наведам Етичкиот кодекс на Американската асоцијација на политички консултанти, како асоцијација на професионалци по политички и јавни прашања: „Како член на Американската асоцијација на политички консултанти, верувам дека постојат проверени стандарди на праксата до која морам да се придржувам. Јас, затоа, се обврзувам дека ќе се држам до следниот Кодекс на професионална етика: нема да си допуштам каква и да е активност што би ја корумпирала или деградирала праксата на политички консалтинг; ќе се однесувам кон моите колеги и клиенти со почит и никогаш нема намерно да ја повредам нивната професионална или лична репутација; ќе ја почитувам довербата на моите клиенти и нема да откријам доверливи или привилегирани информации добиени во текот на нашата професионална врска; нема да упатувам апели до гласачи врз основа на расизам, сексуална дискриминација, религиозна нетолеранција или каква да е друга форма на незаконска дискриминација и ќе ги осудам оние што го практикуваат тоа, наместо тоа ќе работам за еднакви гласачки права и привилегии за сите граѓани; ќе се воздржам од погрешни или лажни напади на противникот или на членови на неговото семејство и ќе сторам сѐ што е во моја моќ да ги спречам другите да не употребуваат вакви тактики; прецизно и целосно ќе ја документирам секоја критика на противникот или неговите или нејзините записи; и ќе бидам чесен во мојот однос со новинските медиуми и отворено ќе одговарам на прашањата кога ќе имам овластување за такво нешто“.
Има ли морал и етика кај нас во Македонија?
Содржината на овој етички кодекс нѐ доведува во недоумица и дилема да се запрашаме: има ли морал и етика кај нас во Македонија? Ова прашање можеме да го формулираме и поинаку: постојат ли основни и позитивни принципи и вредности што нѐ поттикнуваат кон успех и резултати. Дали постои македонско чувство за правда, праведност, законитост, лојалност, успех?
Најконкретно кажано, го загатнуваме круцијалното морално прашање – за личната должност и за моралната одговорност – во работата и животот. Во библиското учење постои голем интерес за личните односи на луѓето. Од таму Библијата нѐ учи на праведност, на доблест и постапување и однесување сообразени со морални норми. Но 34-годишната практика на плурализам и демократија во Република Македонија не нѐ убеди дека докрај успешно сме ги совладале лекциите на етиката и моралното однесување. Сѐ почестите присутни појави на корупција, непотизам, организиран криминал и непридржувањето на одредбите од законите се доказ за отсуство на морални вредности и принципи во нашето однесување и работење.
Си дозволувам да ги предложам следните карактеристики и особини за кои сум уверен дека можат само да поттикнат етичко однесување кај секој член на општествената заедница: Мудрост. Интелигенцијата е основна потреба на моралниот живот. Големите мислители отсекогаш ја истакнуваат мудроста, како валидна особина и карактеристика на луѓето што сакаат да управуваат; Храброст. Секогаш е неопходна (храброста) кога треба нешто да се промени и да се воведе нешто ново. Тоа е способност што добро замислените работи (идеите) ги претвора во пракса и реалност, дури и тогаш кога не постојат најсоодветни услови. Неопходно е само секогаш да се стремиме да бидеме храбри. За почеток, доволно е да се направи еден чекор напред, напред кон развој, раст, одговорност и правда; Умереност. Најпожелно е секогаш и во сѐ да се има мера. Крајностите (како позитивни така и негативни) знаат да бидат опасни; Праведливост. Тие што сакаат да бидат успешни во управувањето (се мисли на работите во локалната самоуправа и државно ниво, во бизнисот и граѓанскиот сектор), мора да ги ценат чесноста, почитта на правата кон другите и извршувањето на обврските. Секогаш треба да ја отфрлаат неправедноста, т.е неправдата; Совест. Тоа е интуиција за тоа што треба или што не треба да се стори. Исто така, тоа е психолошки и морален однос кон последиците и кон одговорностите („Зошто го сторив тоа, дали требаше да го сторам тоа?“). Некои со право ја сметаат совеста како глас на Бога во самите нас. Други, пак, чувствуваат дека совеста е осет развиен кај секој поединец врз основа на натрупаното позитивно искуство.
Сотир Костов