Во спомен на проф. д-р Кирил Темков
Учителката му се налути на Диме затоа што ги задеваше децата и не престануваше ни кога го прекори.
– Кажи им на родителите некој да дојде на училиште за да им раскажам што правиш – му рече таа.
Диме замолчи. Се исплаши што ќе речат неговите. Реши да не им го пренесе барањето дома. Ќе се примири, учителката ќе заборави и ќе се извлече. Си кажа себеси дека така ќе биде најдобро.
Но учителката не заборави. Таа го сакаше Диме, како и сите деца, но мора заедно со родителите да се грижи за нивното школување. Ден-два го прашуваше дали кажал дома, а тој лажеше дека родителите не можат да дојдат. Учителката се јави по телефон кај него дома.
Диме потоа беше многу искаран и од мајка си и од татко си. Беше казнет да не оди да си игра цела недела. Тој мораше да вети дека ќе биде примерен. Сите се лутеа затоа што бил немирен, но особено затоа што лажел.
– Не плаши се од вистината. Таа често е тешка и боли, но е најдобра за секого и сите нас нѐ брани од злото – му рече татко му.
Диме се замисли и си рече дека тој не е страшливец и дека нема да се плаши од вистината.
* * *
ВИСТИНАТА е најубава вредност на човекот. Со неа тој се извишува над другите суштества. Таа му дава сила да се бори, да победи, да прави вистински нешта, да биде добар .Кога не би ја сакал и кажувал вистината, човекот би се затворил во лагата, која му оневозможува да дише слободно.
Некогаш изгледа дека може да се избега од вистината, но тоа не е точно. Никој не треба да ја избегнува. Ако некој крие дека е болен, ќе лежи подолго време и ќе има поголеми последици. Ако детето не кажува дека не јадело, ќе слабее и ќе му биде лошо. Ако мами другарчиња, и тие ќе имаат право да го лажат и ќе го одбегнуваат. Ако не сака да види каква му е вистинската состојба на училиште, оценките ќе им го раскажат тоа на сите.
Лажењето секого го доведува до мака. Кога некој ќе се вплетка во невистина, потоа не може да се отплетка, освен со извинување пред сите. Подобро е веднаш да се кажат нештата онакви какви што се и да не се крие ништо.
Драги деца, почитувајте ја вистината, секогаш зборувајте ја и барајте сите да ја зборуваат. Таа не може да се крие, чесниот човек секогаш ја кажува.
Татко на етиката во Македонија
Долгогодишниот соработник на „Нова Македонија“ и „Колибри“, универзитетскиот професор во пензија Кирил Темков нѐ напушти кон крајот на 2025 година. Тој предаваше Етика и Естетика на Филозофскиот факултет во Скопје, како и Филозофија на менаџерство на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет. Според негови учебници се изведува факултативно настава по етика во основните и во средните училишта во земјава.
Повеќе од 20 години на страниците на „Колибри“ излегуваше рубриката „Етика за млади“, чиј автор беше проф. д-р Кирил Темков.
Во издание на „Нова Македонија“ пред десетина години излезе од печат и неговиот прирачник „Етика за најмладите“, што наиде на извонреден прием кај просветните работници.
Освен со својот интелект, Темков остави трага и со својата хуманост. Во 2016 година на библиотеката во родното Кавадарци ѝ подари 2.000 книги.
М.Т.

































