Повод: протест на плоштадот „Скендербег“ во Тирана за поддршка на водачите на УЧК притворени во Хаг на кој присуствуваше Али Ахмети
- Во екот на предизборната кампања за локалните избори во Македонија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги напушти предизборните карвани на коалицијата Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, и реши да присуствува на протестот во Тирана во знак на поддршка на четворицата поранешни команданти на косовската УЧК, радикално-милитантни екстремисти, основано осомничени за тешки воени кривични дела, за кои им се суди во Хаг
- Косовскиот публицист Идриз Зекирај во својата колумна „Карневалскиот протест во Тирана и Хаг“, во медиумот „Лајм“, напиша дека „национален срам беше карневалскиот протест на плоштадот ’Скендербег‘ во Тирана. Некои криминални ‘божем команданти’, кои учествуваа на тој протест, го растурија системот на правдата, со цел да ги одбегнат одговорноста и полагањето сметки за нивните сериски криминали“
На почетокот на овој кус осврт врз обидот на одредени поединци, кланови и касти да ги поврзат феномените „патриотизам“ и „криминал“, пред сѐ ќе посочиме на колумната со наслов „Карневалскиот протест во Тирана и Хаг“ на косовскиот публицист Идриз Зеќирај, која ја објави неодамна весникот на албански јазик „Лајм“ од Скопје. Напаѓајќи ги со невидена жестина организаторите на „протестниот митинг за правда за водачите на косовската УЧК“ во Тирана, Зеќирај, покрај другото, напиша: „Се случи и тоа, лидери и експоненти на здруженија на УЧК и некои фантомски здруженија, наводно ’излезени од војната’, со поддршка на официјална Тирана да повикаат на протест против Специјалниот суд за Косово, со седиште во Хаг! Еди Рама, албанскиот премиер манипулатор треба да ги остави демагогијата и лажниот патриотизам. Дури, никаков патриотизам не е да го криеш со него својот криминал! Национален срам беше карневалскиот протест на плоштадот ’Скендербег‘ во Тирана. Некои криминални ‘божем команданти’, кои учествуваа на тој протест, го растурија системот на правдата, со цел да ги одбегнат одговорноста и полагањето сметки за нивните сериски криминали“.
А токму Али Ахмети беше еден од главните говорници на овој митинг на плоштадот „Скендербег“ во Тирана. Токму Ахмети им упати повик на Албанците од Македонија да присуствуваат колку што е можно помасовно на митингот. Што значи, жестоките критики на Зеќирај одат, покрај другите, директно и на адреса на Али Ахмети.
Основи на сомневање дека Ахмети е поврзан со егзекуции на албански лидери уште од времето на СФР Југославија
Во статија со наслов „Доказите за вмешаност на Али Ахмети во убиството на браќата Гервала“, објавена на 21 ноември 2021 година во весникот на албански јазик „Бота сот“ од Приштина, се пренесуваат наводи дека, цитираме, „Али Ахмети помогнал во елиминирањето можни хашки сведоци преку судирот во Диво Насеље во Куманово во 2015 година!“
„Нова Македонија“ пренесува некои покарактеристични делови од статијата: „Како ги елиминирате сведоците од Хаг? Исто така, во врска со атентатот врз тројцата Албанци во Германија, Јусуф и Бардош Гервала и Кадри Зека, од кој поминаа речиси четири децении, а Косово сè уште официјално не отвори истрага за него?“
Идриз Зеќирај вели дека има многу осомничени лица за нивното убиство и наведува дека меѓу осомничените е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Зеќирај спомена некои сведоштва на политички затвореници во затворот „Смрековница“, кои, исто така, го инволвираат Али Ахмети… Дека политички затвореници од 1980-тите во затворот „Смрековница“ во Вучитрн го поткажале Али Ахмети, донесен од затвор во Македонија, кого затворските претпоставени го испратиле во одделенијата поради провокации и прислушување. Идриз Зеќирај вели дека сомнежите се зголемиле кога лидерот на ДУИ го зел како советник главниот обвинет за убиството на браќата Гервала и Зека. Постојат и дополнителни сомневања за Али Ахмети. За неговите влегувања и излегувања во Косово во тие времиња му беше даден епитетот „скитник“, односно слободен скитник. Покрај тоа, Ахмети беше дел од претседателството на Народното движење на Косово, кога Хашим Тачи, со кланот од Дреница, во координација со официјална Тирана, со цел да ја саботира косовската војна, изврши „државен удар“ во рамките на Народното движење на Косово, во дијаспората. Хашим Тачи, со своите поддржувачи од Дреница, го исклучи старото раководство на движењето, ги обвини за предавство и направи тешки проневери во фондот „Татковината ве повикува“.
„Ахмети, ти не си орел, туку убиец на орли! Убија твоите загари многу команданти на УЧК по војната!“
Меѓу другото, Зеќирај ја спомена и аферата „Куманово“ („Диво Насеље од 2015 година“ – н.з.), за која рече дека останува „нерешена мистерија“. Според него, меѓу младите невини мажи што беа дел од акцијата имаше и некои што беа силно инкриминирани во Косово, во дела како што се крвни злосторства и изнуда. Медиумите во 2015 година обвинија некои од нив за изнуда и други злосторства, во име на партиски шефови, на команданти. Али Ахмети е обвинет дека им помогнал на своите колеги – партиски лидери, да елиминираат некои од оние што биле потенцијални сведоци за Хаг, пишува во оваа статија на косовски „Бота сот“ во врска со Али Ахмети и тешките обвинувања што ги упатува на негова сметка косовскиот публицист Идриз Зеќирај и кои, сепак, мора да се нагласи, засега остануваат без официјална потврда и без завршница.
Откако започна да му се рони круната на Али Ахмети како „неприкосновен лидер на Албанците во Македонија“ и како „воен командант на УЧК“ и шефот на централниот изборен штаб на Вреди, Аднан Азири, на изборната конвенција на неговата коалиција во салата „Борис Трајковски“ во Скопје на 30 септември упати тешки обвинувања до Ахмети, со слична интонација како и Идриз Зеќирај: „Ахмети, ти не си орел, туку убиец на орли! Убија твоите загари многу команданти на УЧК по војната!“
Азизи се огласи со тврдења до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека има „одговорност за повоените убиства на многу вистински команданти на УЧК“, со што иронизираше со неговата улога како „врховен командант на УЧК“ во 2001 година, едновремено нарекувајќи го со „корупциски прекар“ – „Соравија“!
– Во говорот за време на митингот на Вреди, кој се одржа во салата „Борис Трајковски“ во Скопјe, шефот на изборниот штаб на оваа коалиција, Аднан Азизи, упати тешки обвинувања против лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, и неговите соработници вклучени, според него, во атентатите и елиминациите на клучни личности од албанската војна и албанскиот отпор на УЧК во С. Македонија – објави информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“.
Натаму порталот пишува: „Соравија, ти не си орел – ти си убиец на орли! Твоите соработници и кучиња го убија командантот Тели!, му порача Азизи на Ахмети“.
Азизи продолжи со долг список на познати личности од ОВК и повоените структури, кои, според него, биле ликвидирани по војната од соработниците на Али Ахмети.
– Твоите соработници и загари ги убија вистинскиот командант Харун Али, Шабан Зенуни, Џафа и го ликвидираа командантот Ридван Незири – додаде Азизи во говорот, а пренесе „Тетова сот“.
Многу дилеми и нејаснотии од „военото“ и „соработничкото со службите“ минато на Али Ахмети
Започнуваат допрва да се отвораат многу дилеми и нејаснотии од „военото“ и политичко минато на Али Ахмети и дали дел од тие негови активности во минатото што ги споменува Идриз Зеќирај, можеби, се една од главните причини зошто Али Ахмети токму во финишот на изборната кампања на ДУИ отиде во Тирана да им дава поддршка на четворицата поранешни водачи на косовската УЧК, против кои во Хашкиот трибунал се води судење за „извршени воен злосторства против цивилното население во Косово“.
Ахмети веќе седна како сведок во Хашкиот трибунал, а адвокатот на четворицата обвинети, Том Гаши, претходно кажа дека нема да биде изненадување ако и Ахмети лично седне на таа обвинителна клупа како еден од обвинетите… Р.Н.М.





































