Сто стапа по туѓ грб не болат, вели една стара македонска поговорка, сликовито опишувајќи дека „туѓата мака (болка) не се забележува и не се чувствува, додека таа не се почувствува на сопствената кожа!“
РЕДАКЦИСКИ КОМЕНТАР: Дали сега и Брисел, идентично како и Скопје, се соочува со истиот феномен во меѓународните односи?
Кога ние со децении им обрнувавме внимание на европските великодостојници дека присилувањето на промената на нашите инсигнии, симболи, знаме, име, идентитет, историја итн. страшно боли и дека „таа наша мака не може да ја почувствува никој така“ додека не ја почувствува на свој „грб“, никој од меѓународната заедница, особено од Брисел, немаше слух дека „од нас откинуваат живот“ и дека „на нас се прекршува меѓународното право“, дека „ни се одземаат фундаменталните врховни перемпторни права како народ и држава…“ за во името на некакво „подобро утре“, нам да нѐ деноминираат во идентитетот, а ни беа ветувани интеграции… Но токму тие нивни „ветувања“ беа проследени со притисоци, закани, уцени!!!
Меѓутоа, тоа не го интересираше Брисел. Тој беше и глув и слеп за нас. Но сега почна да се случува нешто интересно?! Сега лидерите на ЕУ се во ситуација да толкуваат дека „Брисел е под притисок, Брисел е под уцена“?! Дека некој изнудува нешто од нив?!
Е, да. Сега – ќе боли! Се разбира дека ќе боли.
Кругот се врти, повторно ќе речат искусните! Сега Европејците би требало да се потсетат на она што нам ни го правеа и направија и да се утешат, како и ние „утешените но непомирените“, дека набрзо ќе им следува „подобро утре“!
На крајот само мала забелешка дека сето горенаведено е реминисценција на фактите од случувањата од блиското минато, а ние од сѐ срце се надеваме дека навистина за ЕУ ќе има подобро утре, затоа што ние сѐ уште сакаме да влеземе во клубот. Но, според утврдените (Копенхашки) критериуми! Р.Н.М.