ВИЕ НИ ПИШУВАТЕ: Во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје семејната традиција продолжува
Новата учебна година за голем број родители во Македонија донесе многу радости. Нивните синови и ќерки со големо нетрпение и љубопитство зачекорија во новиот дом – училиштето. А, тука, се знае – царуваат воспитувањето и образованието на многу поколенија, а сѐ е зачинето со другарувања и радости.
Првиот септемвриски ден беше особено возбудлив и незаборавен за браќата Горан и Ристе Глигоровски. Тие своето основно образование го завршија во училиштето „Петар Поп Арсов“ во скопската населба Карпош 4. Голема беше радоста што неодамна повторно го почувствуваа амбиентот на нивното училиште од раните детски и младешки години, а уште посреќни беа што во оваа средина ги донесоа и своите ќерки и синови. По многу години тука почна школувањето и на нивните четири деца: Јована, која ќе учи во петто одделение, Дамјан и Иан се првачиња, а Ема ќе посетува четврто одделение. Се разбира највозбудени беа првачињата. Значи во оваа учебна година во ова училиште ќе учат четири деца што го носат истото презиме – Глигоровски.
Горан Глигоровски (47) по основното заврши и средно и високо образование и оформи семејство со сопругата Катерина. Неговата ќерка, петтоодделенката Јована, своето знаење ќе го збогатува кај наставничката Гордана Мисајловска, додека Дамјан првите образовно-воспитни вредности ќе ги оформува кај наставничките Мимоза Драгутиновска и Јана Перковска.
Ристе Глигоровски (40) помалиот брат на Горан, исто така, по завршувањето на осмолетката се стекна со средно и високо образование и успешно гради кариера. Тој е горд што неговата ќерка Ема е четвртоодделенка и е во паралелката на наставничката Анета Спировска. Првачето Иан, среќата и радоста на Ристе и неговата сопруга Маја, првите знаења ќе ги стекнува кај наставничките Анета Влаховиќ и Кристина Саздовска.
Се надеваме дека има и други слични примери во некои училишта во земјава.
А јас како дедо на учениците од семејството Глигоровски: Јована, Ема, Дамјан или Иан, се надевам дека и тие тука ќе добијат убава основа за да станат идни: лекари, научници, инженери, спортисти, писатели, просветни работници… Ним и на сите ученици во нашата Македонија им посакувам успешна учебна година и светла иднина!
Иван Глигоровски

Јована, Дамјан, Иан и Ема