Библиотеката при ООУ „Никола Карев“ од Кочани е најуспешна во Македонија
„Библиотеките не се прават, тие растат“, изјавил своевремено Агустин Бирел. На Меѓународната конференција на Библиотекарското здружение на Македонија, која се одржа минатата седмица, ООУ „Никола Карев“ од Кочани се закити со признанието „Библиотека на годината“ за 2024 година во категоријата библиотеки при основните училишта.
– Благодарност до нашата училишна библиотекарка проф. м-р Љупка Стојменова што несебично се вложува, доусовршува, твори и соработува со многу општински, меѓународни институции и здруженија. Благодарност и до сите наставници и ученици што се вклучуваа во сите настани организирани од училишната библиотекарка – велат од училиштето.
Наградата ја примија директорот на училиштето Александар Андов и библиотекарката м-р Љупка Стојменова.
– Наградите се само мотив да продолжиме понатаму! Благодарност до Библиотекарското здружение на Македонија, кое ја препозна работата на нашата училишна библиотека. Благодарност до наставниците, учениците и сите досегашни соработници со кои реализиравме голем број активности во изминативе три години. Училишната библиотека при ООУ „Никола Карев“ е отворена за соработка со сите културни институции – рече библиотекарката м-р Љупка Стојменова.
Во категоријата јавни библиотеки е наградена ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, а во категоријата високошколски библиотеки истото признание го доби библиотеката „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Библиотекарското здружение на Македонија упати честитки кон наградените за нивниот континуиран труд, професионализам и придонес кон развојот на библиотечната дејност.
Ф.Д.