Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „ Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Делото „Слогница речовска“ на Ѓорѓија Пулевски, објавено во 1880 година, претставува многу повеќе од обичен учебник. Тоа е тапија за постоењето, лингвистички манифест и камен-темелник на македонската национална и јазична посебност
Во историјата на европските народи, граматиките обично ги пишувале универзитетски професори, лингвисти и луѓе од кабинетите. Но македонската приказна е поинаква. Првата македонска граматика не произлегла од тишината на библиотеките или кабинетите на царските дворови, туку од, метафорично и буквално, чадот на барутот, високот и мистријата. Нејзиниот автор, Ѓорѓија Пулевски, бил ѕидар, војвода и самоук гениј чие дело „Слогница речовска“, објавено во 1880 година во Софија, претставува многу повеќе од обичен учебник. Тоа е тапија за постоењето, лингвистички манифест и камен-темелник на македонската национална и јазична посебност.
За да се разбере тежината на „Слогница речовска“, објавена во Софија во 1880 година, пожелно е да се разбере контекстот на времињата во кои соседните монархии веќе имале свои држави и институции и агресивно се обидувале да го присвојат македонското население преку црквата и образованието. Во тој вакуум на идентитетот се појавил самоукиот печалбар од Галичник, кој воопшто не бил академик во денешна смисла на зборот, туку човек од народот, кој разбрал дека „без свој јазик и своја книга, еден народ не постои“. Денес, во неговиот лик не препознаваме само уште еден составувач на учебници туку првиот човек што имал храброст и јасна свест печатено да ги формулира идеите на македонистите. Како и неговиот претходник Партениј Зографски, и Пулевски излегува од она, за македонската преродба, култно мијачко катче Галичник. Неговиот живот првично наликува на класичната македонска судбина: печалбарство, ѕидарски занает, скитање низ туѓи земји. Но, во раните 70-ти години на 19 век, додека престојувал во Белград, Пулевски прави нешто неочекувано за еден „мајстор“. Во 1873 и 1875 година тој ги печати своите познати речници. Особено е значаен вториот „Речник од три јазика“. Тука, потпишувајќи се како „Мијак галички“, тој не само што составува лексикон туку прави политички и културен манифест и експлицитно го издвојува „македонскиот јазик“ како рамноправен и посебен, одделувајќи го од соседните, оставајќи писмена трага за македонската идеја, која од усна традиција преминала и во печатен збор. Ако воените подвизи на Ѓорѓи Пулевски го покажуваат неговиот темперамент, неговиот „Речник од три јазика“ (1875) ја открива неговата идеолошка зрелост бидејќи во истиот тој не се ограничувал само на превод на зборови туку, напротив, го користел форматот на учебникот за да исцрта географска, историска и, пред сѐ, национална карта на Македонија. Преку формата на прашања и одговори (катехизис), која педагошки е многу ефективна, Пулевски ги поставува темелите на македонскиот национален наратив, дефинирајќи што е тоа народ, татковина и јазик.
Во „Речникот од три јазика“, на страница 48, Пулевски поставува фундаментално прашање: „Што се велит народ?“ Неговиот одговор е прецизна социолошка дефиниција, изненадувачки модерна за еден самоук ѕидар: „Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор, и који живувајет и се другарат еден со други и који имајет еднакви обичаји и песни и весеља, тије људите ги викајет народ а место во које живуват народ се велит отечество од тои народ“.
Оваа дефиниција не останала да лебди во воздух, бидејќи Пулевски веднаш ја приземјил во конкретната реалност, со изјава што и денес одекнува како политички манифест: „Така и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија“. Тој отишол и чекор понатаму, експлицитно именувајќи ја припадноста без заобиколување: „Наше отечество се велит Македонија и мије се именуваме Македонци“.
Со ова, Пулевски јасно ги повлекол границите, не само географските (зборувајќи за градиштата и панаѓурите) туку и етничките. Како и секое национално движење во Европа од тоа време, така и македонското барало историски легитимитет. Пулевски ги антиципирал тезите на „македонистите“ за кои со презир пишувале некои видни дејци од соседните земји. За Пулевски, историскиот континуитет бил сосема јасен, па затоа тој не се плашел да го присвои античкото наследство, велејќи дека Македонија била пофалена уште „у време цара великог Александра“, не оспорувајќи ја и врската со словенската писменост. Со гордост истакнал дека македонскиот јазик е „најсродан со црквено славјанските книги“ и поставил директна линија помеѓу современите Македонци и делото на Кирил и Методиј: „Мије затова се именуваме старославјани, дека книгине црковни Кирил и Методије кога и преводеле… нашле за добро да напишат букви славјански… и тује во Македонија старославјаните живувајет“.
Денес, кога македонскиот јазик сè уште се соочува со негирања и предизвици, ликот на Пулевски е поактуелен од кога било, бидејќи нè потсетува дека јазикот не е само средство за комуникација туку и „татковина“ во која живееме. „Народ кој си го сака својот јазик, си ја сака и својата татковина.“
Во „Слогница речовска“ тој се обидел да создаде чисто македонска терминологија, заменувајќи ги турцизмите и грцизмите што биле присутни во тогашниот говор. Иако многу од неговите новосоздадени зборови не заживеале во современиот кодифициран стандард, самиот чин на нивното создавање зборува за високата свест за јазична независност. Тој сонувал за јазик што ќе биде разбирлив за сите Македонци, од цела етничка Македонија. Со првата печатена граматика на македонскиот јазик, Пулевски без никаква претходна официјална наобразба ја изложил првата верзија на македонска граматика во печатена книга. Уште претходно, во предговорот на првиот речник тој ветил дека „ако нешто е погрешно, пространо или на прост начин скроено ќе биде заменето и дополнето во втората книга, а во третата ќе биде и граматички опишано“. За македонскиот јазик тој ги употребува називите „славјано македонски“ и „нашински“, а во белешките под текстот укажува и на извесни разлики со бугарскиот и српскиот јазик, но и посочува и македонски дијалектни варијанти.
Зошто за Пулевски, кој оставил зад себе и (сега изгубен) ракопис за македонската историја, толку малку се говорело во српската и бугарската наука од тоа време? Одговорот лежи во неговата бескомпромисност. Пулевски е „незгоден“ сведок на историјата. Тој не можел да се вклопи во ниту една пропаганда, бидејќи неговата свест била кристално јасно македонска. Тој говорел и пишувал за македонски народ и македонски јазик во време кога соседните држави правеле планови за поделба на македонската територија. Можеби долго време бил и намерно премолчуван затоа што вечноста на неговата оставина ги руши шовинистичките наративи дека Македонците се само „неосвестени“ Срби или Бугари. Денес, кога го читаме Пулевски, не треба да му судиме според строгите лингвистички норми на 21 век. Неговите „куриозитети“ и правописни експерименти се второстепени, бидејќи она што е важно е неговата визија. Ѓорѓи Пулевски беше архитект во вистинска смисла на зборот – не само на куќи во Галичник туку и на националната зграда. Тој ги постави темелите кога теренот беше најтрусен. Неговата порака и денес одекнува како завет: дека народ што има свој јазик, треба и мора да има и свое место под сонцето.
М-р Никола Ристевски
Читајте го фељтонот секој понеделник, во следното продолжение ќе ви претставиме примери од „Слогница речовска“ – првата печатена граматика на македонски јазик
































