Таленти: Јана и Софија Тодорови, вљубенички во ликовната уметност
Сестрите Јана (13) и Софија (10) Тодорови од Скопје, деновиве се претставуваат со повеќе свои слики на изложбата „Наследство од вечната љубов“, отворена во Ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Всушност, тие по баба им Елена потекнуваат од градот херој.
Во делата на двете млади уметници се видливи слободната ликовна игра и имагинацијата.
За нивните слики историчарката на уметноста м-р Викторија Димеска ќе забележи дека „безбројни емоции извираат од богатото колоритно творештво на сестрите, изразени преку бојата и движењето на линијата“. Самите за своите творби велат дека се инспирирани од љубовта, која е насекаде околу нив.
– Во сликарскиот опус на Јана преовладува асоцијативната апстракција, додека во ликовното творештво на Софија доминира апстрактната експресија. Нивните апстрактни композиции, збогатени со искрени детски радости, сведочат за исклучителен уметнички талент наследен од вечната љубов – вели Димеска, историчарка на уметноста.
Јана Тодорова е родена во 2012 година во Скопје. Ученичка е во ООУ „Петар Поп Арсов“. Активно учествувала на голем број ликовни натпревари и конкурси во нејзиното училиште, каде што на ликовен натпревар во шесто одделение освоила прво место.
– Многу ја сакам уметноста. Сликам повеќе години, поточно од мојата четврта година. Сликам на платно, а најубаво се чувствувам кога создавам апстракции. Првата заедничка слика со сестра ми Софија ја создадовме кога јас имав шест, а таа три години. Сакам најмногу да творам со акрил, ама добро ми оди со мрсни бои и со гваж. Со акрилот најубаво ги искажувам емоциите – открива Јана Тодорова.
Сестра ѝ Софија Тодорова е родена во 2015 година во Скопје. Таа исто така е ученичка во ООУ „Петар Поп Арсов“, каде што активно учествува на ликовни натпревари. Во второ одделение и Софија освоила првото место на училишниот ликовен натпревар.
– Ја гледав баба ми Елена како слика и посакав и јас да научам. Секој нов чекор ми беше многу забавен. Сакам да сликам апстракции, ама и пејзажи. Сликам најмногу со акрилни бои и мислам дека во оваа техника сум најдобра, но работам и со водени бои – вели Софија.
И двете сестри се многу среќни што е реализирана нивната прва ликовна изложба.
Освен за сликање, Јана и Софија наоѓаат време и за вежбање хипхоп, во што исто така се многу успешни.
Ка.М.