Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој важи за објективен коментатор на состојбите во државата, неодамна предизвика многубројни реакции со својот став за идентитетските прашања што се однесуваат токму на Македонците. Тој, во објава на социјалните мрежи, јасно порача дека одлуките за идентитетот, историјата и македонскиот јазик се исклучиво во рацете на македонскиот народ

Дали идентитетските закани врз македонскиот народ ги тангираат другите заедници во земјава

Решенијата и одлуките за прашања што задираат во македонскиот идентитет може да ги носи исклучиво македонскиот народ и тоа негово неприкосновено право не треба да биде нарушувано од никого, особено не од страна на политички претставници на малцинските заедници што немаат право да одлучуваат за идентитетот на еден цел народ.
Се покажа дека кога се постапува спротивно, односно кога за македонските идентитетски прашања, јазик и историја се преговара тајно во некои центри во соседството, тогаш фрустрацијата меѓу Македонците дополнително расте и тоа влијае и врз внатрешните односи во земјата.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој важи за објективен коментатор на состојбите во државата, неодамна предизвика многубројни реакции со својот став за идентитетските прашања што се однесуваат токму на Македонците. Тој, во објава на социјалните мрежи, јасно порача дека одлуките за идентитетот, историјата и македонскиот јазик се исклучиво во рацете на македонскиот народ.
– Во врска со прашањата за идентитетот, историјата и македонскиот јазик, право да одлучува има само македонскиот народ. Албанците нивната одлука треба да ја поддржат – напиша Хајредини на социјалните мрежи.
Ваквите изјави доаѓаат во време кога се случуваат турбуленции во албанскиот политички блок во власта и кога повторно некои од партиите на Албанците во земјава го отвораат прашањето за уставни измени.
Некои поранешни дипломати се согласуваат со ставовиве изнесени на социјалните мрежи од страна на поранешниот министер за финансии Хајредини.
– Македонскиот народ е ставен под идентитетска закана од страна на поранешен министер за надворешни работи што доаѓа од етничка заедница што со ништо не е загрозена. Во оној момент кога беше понудена опција Македонија да го преслика хрватскиот устав, тогаш истиот поранешен министер бурно реагираше, но одеше во Софија и преговараше за македонскиот идентитет, не реагираше на бугарската фуснота за македонскиот јазик и уште пишуваше неуки дообјаснувања за јазикот. Ќе беше доблесно тој како министер што доаѓа од друга етничка заедница едноставно да се повлечеше и да кажеше дека тој нема мандат да преговара за идентитетски прашања што задираат во македонскиот идентитет. Впрочем, ако не сакаше да се повлече од функцијата, најмалку што можеше да направи е да назначеше специјален преговарач Македонец, кој најдобро чувствува кога е загрозен или не македонскиот идентитет. Вака, со намера да им се додвори на меѓународните претставници и што подолго да остане на власт, тој поранешен министер направи непоправлива штета – велат дипломатите.
Според нив, крајно време е политичките субјекти на македонските Албанци наместо да стојат на страната на оние што задираат во македонскиот идентитет, да застанат на страната на своите сограѓани Македонци.
– Ако се покаже внатрешен цврст и заеднички став, тогаш и на сите други ќе им стане јасно дека постои широк општествен и политички консензус дека за некои прашања едноставно не може да се преговара. Со таков став ќе се засилува внатрешната кохезија, многу полесно ќе се надминуваат предрасудите што сѐ уште се присутни и ќе се чекори кон градење силна нација, која ќе биде темелот на една пристојна и просперитетна држава – порачуваат дипломатите.