Кузман Јосифовски–Питу

Повод: Осумдесет и една годинa од смртта на Кузман Јосифовски-Питу

Денеска се потсетуваме на едно од многуте сведоштва за херојските подвизи на македонските борци и корифеи што гинеа и се саможртвуваа под паролата „Слобода или смрт“, за независна и слободна Македонија. Чествуваме 81 година од смртта на Кузман Јосифовски–Питу, македонски син, трибун, револуционер, деец, организатор, водач на Националноослободителната борба на својот народ и народен херој. Тој спаѓа во долгата низа на светли имиња на македонски револуционери и национални дејци од НОВ и револуцијата, како што се Кочо Рацин, Методија Андонов-Ченто, Мирче Ацев, Стив Наумов, Кристијан Тодоровски-Карпош, Страшо Пинџур, Благој Јанков-Мучето и многу други. Роден е во градот херој Прилеп, на 15 јуни 1915 година. Град што создал услови за непокор во време кога поделениот, осиромашен и угнетен народ бил изложен на присилни мобилизации. Инаку, Кузман потекнува од патриотско и борбено семејство, во кое се раскажувале настани од предилинденскиот и илинденскиот период, во кои учествувале неговите дедовци во борбите против османлиите.
Можеби затоа уште од најраната возраст непоколебливо се залагал за национална слобода и социјална правда на Македонија и Македонците. Најпрвин организирал излети, демонстрации и прослави годишнини на Илинден. По еден излет, прослава на Илинден, ќе извика „и ние се покажавме достојни на илинденците… не плашете се… удрете со камења на измеќариве режимски…“, и оттогаш ќе стане илегалец, оттогаш во него ѕуни реченицата „нема предавање… не, не, никако во рацете на непријателот…“. И веќе во есента 1941-та го гледаме во западниот дел на Македонија, окупиран од италијанска војска. Го стемнува во Струга, го разденува во Кичево или Дебар, каде што ги зацврстува партиските организации, организира партизански одреди во Мавровско, Гостивар и во Тетово. А често присуствувал на состаноците на ПК и Главниот штаб во Скопје. Таму и ќе ја чуе тажната вест за загинувањето на Мирче Ацев и Страшо Пинџур и со стегнато срце и тупаница ќе го напише летокот за нивниот херојски погибел. Во Прогласот, пак, на ПК од 2 август 1942 г., меѓу другото, ќе запише: „Македонскиот народ се бори не за монархија, не за султан и цар, не за фашистички фирер, ами за слободна македонска република, како рамноправна членка меѓу сите комшиски балкански држави“. Подоцна како член на ПК на КПЈ за Македонија и Главниот штаб ќе изјави: „Ние Македонците сме напредни како македонски патриоти – Гоцевисти, Санданисти, Ѓорчевисти. Тоа е она што ни помага да станеме напредни“.

Како студентски активист е еден од најактивните членови на студентското друштво „Вардар“, во Белград, во кое заедно со студенти и печалбари од Македонија, организирал пејачки, драмски, игроорни и музички групи, а по забранувањето на ова друштво, се вклучува во дејноста на Македонскиот народен покрет (МАНАПО), формиран од демократски определени студенти од Загреб, Белград и од Скопје, на таен состанок во Охрид, на 28 август 1936 г. Основни цели на МАНАПО биле будење на националната свест, афирмација на народниот јазик на Македонците, борба за ликвидација на кралската диктатура, демократизација на земјата.
Кузман како напреден интелектуалец го карактеризираат длабоки слободарски предизвици, чиј фундамент е македонската посебност, како и антифашистичкиот карактер на неговиот активизам, темелен врз Манифестот на Крушевската Република, кој го знаел наизуст.
Како револуционерен деец за македонска државност бил со неуморна организациска способност и темелна и сестрана политичка наобразба и подготвеност, па затоа во периодот 1939–1940 г. е предводник на многу акции, демонстрации, протести со економски, социјален и политички карактер, а во периодот 1941–1943 г., преку афирмирање на идејата за македонската национална слобода, се залага за Македонија како слободна држава и целата негова дејност претставува трасирање на патот кон македонската државност.
Тој е и продолжувач на илинденската идеолошка традиција. Уште од најрани години бил запознаен со настаните од Илинден 1903-та. Ги знаел сите јунаци од илинденската епопеја и со сите се гордеел, а најмногу со Питу Гули. На своите соборци гордо им раскажувал: „Легендите што ми ги раскажуваше баба ми Заха за Марко Крале, па за дедо Иљо војводата, за Гоце Делчев и Крушевската република беа за мене фантастичен партиски извор. Извор од кој ја црпев својата детска патриотска жед за борбеност и јунаштво кон слободата и правдата, како од најбистар и најсладок извор на нашето минато“. Така задоен со илинденските традиции и славата на Гоцеделчева ВМРО ја стекнал сета смисла на човечкото постоење, ама и сета бесмисла на ропството и многубројните неправди што ги наметнува тоа.
Како креативен комунист (член и функционер на КПЈ) е автор на многу значајни партиски документи, во вид на прогласи и пораки до македонскиот народ, борци и младинци, до Македонци, Албанци и Турци и до сите слоеви на населението што живее во Македонија, со цел да се приклучат во Народноослободителната борба и војна. Тој е организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ и еден од авторите на државотворните документи усвоени на тоа заседание.

Како самосвесен национално определен Македонец бил голем борец за почитување на македонските национални особености. Македонизмот за него бил македонски свет идеал за кој неуморно се борел, дури и животот го дал. Во целата своја револуционерна дејност, од почетокот до самиот крај, Кузман се потпирал на македонската платформа, со која тој го третирал македонскиот народ како слободарски народ на Балканот. Преку таквата платформа тој неуморно работел на формирање, проширување и зацврстување на македонскиот народноослободителен фронт. Во секоја пригода истакнувал дека фронтот треба да го сочинуваат сите чесни Македонци. За него од особена важност била политичката работа меѓу народот, бидејќи, како што велел, таа и таква политичка активност е судбоносна за претворање на масата симпатизери во активен и одлучувачки фактор во македонската кауза. Велел дека само така ќе се дојде и до омасовување на ослободителната борба, за што се неопходни целосна координираност и сплотеност на фронтот и заднината, предуслови за помасовно учество на македонскиот народ, кој заедно со другите народи треба да си ја извојува својата слобода. Според мене, тоа е продолжување на дело на револуционерната стратегија на Гоце Делчев („Бродиме во темно низ Македонија за да се изготви изгревот на сонцето над татковината, сонцето на слободата да ги осветли и стопли нашите измачени браќа“).
Се докажал и како голем афирматор на македонскиот јазик. На сите предвоени митинзи во Прилеп и Битола говорел на македонски јазик. Неговиот однос кон македонскиот јазик се гледа и од неговото прозно и поетско творештво, како и од партиските документи што ги напишал и обзнанил и сега се дел од македонската историја. Пишувал за весникот „Наш збор“, каде што меѓу другите творби ги објавил и прозното дело „Тутунски калапари“ и песната „Монополки“. Се гледа дека бил талентиран и за поезија. Познато е дека во една пригода, сестра му Марика во неговите белешки ја нашла токму таа песна насловена „Монополки“, напишана од него, и ѝ ја прочитала на мајка им Лефта: Тутуни лисја редои/Таги разносат тутуни/Очи гледаат јадои/А лица колнат збрчкани… Монопол ламја гладна е/Крвта е цеди и пие/И животот го затрува/Монопол – за нив офтика е/Од зори па до темина, в монопол живот почнува/Уморни раце збрчкани, милујат лисје тутуни/И ним ги мајка родила, да живеат како сктои, солзи потои да редат лисја тутуни.
На 25 февруари 1944 година најпрвин е предаден, следен и опколен во куќа во Скопје, а кога се обидел да им побегне на бугарските фашистички војници, бил убиен. На 2 август 1945 година е прогласен за народен херој.

Автор: Сотир Костов