Фото: „Нова Македонија“

Повикот на локалните советници од регионот на Ќустендил истовремено е и повик за отрезнување до официјалните бугарски власти дека ако продолжат и натаму главно да се окупираат со анахроности и хегемонизам, јазот меѓу двата народа и двете држави ќе стане толку длабок што можеби никогаш нема да може да се премости

Бугарски општини бараат од централната власт во Софија брзо инфраструктурно поврзување со Македонија

Официјалната бугарска политика е таа што константно придонесува македонско-бугарските односи да се уназадуваат веќе со децении, а таквиот пристап доведе до тоа двата блиски народа да се доживуваат како први непријатели. Потврда дека вината лежи исклучиво на бугарска страна е некоректниот однос (противправен, па и криминално поведение) на официјалната бугарска политика да не го признава правото на македонскиот народ на самоидентификација, да го негира македонскиот јазик, како и македонската историја, преседан што не е забележан никаде во светот, особено што доаѓа од земја членка на Европската Унија, која при приемот се обврзала дека ќе ги почитува највисоките демократски вредности, вклучувајќи го и она на самоопределување на народите.
Сепак, со ставањето блокади на евроинтегративниот процес на земјава, Бугарија покажа дека нема намера да се откаже од анахроните етноцидни барања, без оглед што тоа уште повеќе го продлабочува јазот меѓу двете општества.

Замор во Бугарија од домашните контрапродуктивни политики

Но додека бугарската политика дури и во 21 век е длабоко опиена од историските догми за голема бугарска држава од Охрид до Црно Море, обичните луѓе се уморни од пречките што ги поставуваат политичарите и бараат соработката меѓу двете земји да почне да се развива како што им доликува на две европски земји, истовремено блиски соседи.
Имено, до неодамна Македонија беше обвинувана дека не ја гради пругата кон Бугарија, иако земјава дојде до третата завршна фаза и се соочува со ситуација да го заврши проектот во целост, а повторно железнички да не се поврзе со Бугарија затоа што од бугарска страна не се започнати работите. Идентична е состојбата и со патната мрежа и со граничните премини. Граничниот премин Клепало од македонска страна одамна е направен, но нема инфраструктура од бугарска страна. Лоша е и патната инфраструктура од бугарска страна кон Македонија. Тоа говори за лицемерниот однос на бугарската официјална политика, која од една страна се жали дека Македонија не сака добри односи со Бугарија, но од друга страна не мрда со малиот прст да ги доближи двата народа бидејќи е свесна дека што повеќе луѓето се зближуваат, тогаш ќе има помалку можност да се злоупотребува македонското прашање за политички цели во Бугарија.
Но очигледно тоа повеќе не поминува кај локалните бугарски власти, особено оние во пограничните региони, кои гледаат дека официјалната бугарска политика кон Македонија нанесува штета врз интересите на самата Бугарија.
Неодамна локалните власти во неколку општини во регионот на Ќустендил побараа од бугарската влада брз почеток на изградбата на автопатот и пругата до Македонија.
– Изградбата на автопатот од Дупница до граничната точка Ѓуешево со С. Македонија треба да почне што е можно поскоро, инсистираат локалните власти во Ќустендил – пренесе БНТ. Општинските советници во ќустендилскиот регион стравуваат дека Македонија се обидува да ги пренасочи европските средства наменети за коридорот бр. 8 во друг паневропски транспортен коридор, преку Србија, и на тој начин Бугарија ќе остане отсечена.
Токму ваквиот пример говори дека кога три децении Бугарија не мрдна со малиот прст да ги зацврсти врските со Македонија и на некој начин да биде еден вид ментор на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, односите се заладуваат и секој си го бара сопствениот пат. За овие три и кусур децении меѓу двете земји требаше да бидат изградени најмалку еден модерен автопат, неколку магистрали и можеби пет гранични премини за целосно да се релаксира комуникацијата меѓу луѓето од двете страни на границата. Железничкото поврзување требаше да се реализира многу порано, а дополнително требаше да се гради постојана соработка во делот на стопанството, образованието, здравството, културата, со што македонското и бугарското општество во овие 30 години ќе беа многу потесно поврзани и многу полесно ќе разговараа за сите отворени прашања, доколку ваквите прашања веќе и имаа некаква поента.
Повикот на локалните советници од регионот на Ќустендил истовремено е и повик за отрезнување до официјалните бугарски власти дека ако продолжат и натаму да се занимаваат со анахронизми и хегемонизам (на пример за Гоце Делчев и дали македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, како и тоа дали Македонците се неосвестени Бугари!?), јазот меѓу двата народа и двете држави ќе стане толку длабок што можеби никогаш нема да може да се премости.

Се потврдува дека соработката мора да биде на полиња од интерес на граѓаните

Во разговор со поранешни амбасадори и дипломати, повторно беше истакната основната теза дека Бугарија мораше многу порано да ја привлече Македонија кон себе токму со инфраструктурни проекти, но и соработка во сите други сфери, за да овозможи флуктуација меѓу граѓаните и нивно поголемо зближување по падот на железната завеса.
– Бугарија постојано повикува за прекин на т.н. антибугарска пропаганда, но прави чекори со кои самата мотивира зајакнување на негативните ставови кон Бугарија, односно сега таа всушност работи во корист на сопствената штета. Советниците на Ќустендил сега повикуваат да се гради автопат со Македонија, а фокусот на билатералните односи сиве овие години требаше да биде на проекти за изградба на автопат Скопје – Софија, железничко поврзување, отворање нови гранични премини со цел олеснување на прекуграничната соработка, зголемување на трговската размена, заеднички напори за привлекување европски фондови за развој на регионот, споделување на бугарските искуства во преговорите за членство во ЕУ и слично. Наместо сето тоа, Бугарија се одлучи најпрво да биде инертна во градењето блиски односи, за потоа да стави вето на македонскиот евроинтегративен процес, со што дефинитивно ја загуби симпатијата кај македонските граѓани – посочуваат дипломатите.
Според нив, реакцијата на советниците од Ќустендил најдобро говори дека тие гледаат малку подалеку од претседателот Радев, кој смета дека со блокади ќе успее да ја натера Македонија да ги прифати бугарските уцени.
– На север е Србија со која Македонија речиси 50 години беше во иста држава, на југ е Грција, која нема да има ништо против да функционира коридорот 10, а во една таква ситуација Бугарија останува отсечена. Советниците од Ќустендил реагираат на тоа, но истовремено нивната реакција покажува што се случува секогаш кога се води политика од инает, дека секој си го бара спасот како што нему му одговара, така што и Македонија не е обврзана вечно да ги исполнува бугарските желби – заклучуваат дипломатите.