фото: проф. д-р Јане Ацевски

Дали сте знаеле дека…

Во нашата земја има многу ретки и ендемски видови, а еден од нив е и дивиот костен. Во Македонија го има на четири локации: Гарска Река, Зли Дол – Галичица, на Бистра и на Лопушник. Исто така, кај нас се наоѓаат едни од најстарите стебла див костен во светот, што укажува на фактот дека неговото потекло е токму од пределите на нашта држава.
Eдно од поголемите наоѓалишта на див костен се наоѓа кај Гарска Река под селото Осој, покрај патот што води од Бошков Мост до селата Гари и Лазарополе. Покрај старите стебла, растат и нови млади дрвја, што укажува дека популацијата на див костен е во стабилна состојба и дека овој растителен вид ќе опстои.
– Стеблата на старите дрвја од див костен се изложени на влијанието на реката, а во нивните корени низ годините врзувале гранки и камења. Но на нив нешто многу необично, има појава на топчести пневматофори, еден вид на метаморфоза на коренот, карактеристично кај шуми што се наоѓаат крај солени води и немаат достапност на кислород. Тоа не е вообичаено за дивиот костен и токму оваа карактеристика шумичката од див костен кај Гарска Река ја прави уште поспецифична. Може да се каже дека станува збор за феномен – вели проф. Јане Ацевски, дендролог и фитоценолог при Шумарскиот факултет „Ханс Ем“ од Скопје.
Специфична е и дебелината на стеблата на дивиот костен, со дијаметар над два метра. Интересно е дека и повозрасни стебла сѐ уште плодоносат.
Денес костенот е распространет низ целиот свет како хортикултурен вид, но според истражувањата на проф. д-р Јане Ацевски, Македонија е неговата татковина.
– Дивиот костен има убав изглед, широка крошна, големи крупни прстести листови, убави исправени гроздести цветови со бела боја со розови нијанси во венчеливчињата. Дивиот костен има значење во народната медицина и од него се прават мелеми за подобрување на циркулацијата на крвта, но денес се користи и во официјалната фармација. Се произведуваат 13 типа на лекови, но не се користи за исхрана. Тој е и медоносно растение – објаснува проф. Јане Ацевски.
Популацијата на див костен е заштитена со закон како споменик на природата.

Ф.Д.


Дрвото ме учи дека природата е мојот најверен пријател

Еден од првонаградените раскази на конкурсот „Јас и моето дрво“ во организација на Театар за тебе

Во нашиот двор има едно дрво, кое мојот татко го засадил на денот кога сум се родил. Тоа дрво има посебно значење за мене. Длабоко во мене чувствувам дека со тоа дрво заедно растеме и се менуваме.
Секој ден кога минувам покрај него се восхитувам на неговата убавина. Неговите гранки се широки и цврсти, исполнети со зелени лисја, богати со живот. Со текот на годините забележав како дрвото расте, исто како мене, се менува со годишните времиња. Во пролет изгледа како да се буди од зимски сон, накитено е со весели цветови и нови свежи лисја на своите гранки. Во текот на летото додека жешкото ветре нежно ги ниша гранките, се слуша весела песна на птиците песнопојки, а златното сонце ги пробива своите зраци низ густите гранки. Наесен неговите лисја паѓаат обојувајќи ја земјата во златножолта боја, која личи на тепих исткаен од златокосата есенска кралица. А, во зима стои мирно, исправено и силно, покриено со бела снежна покривка. Но, не се предава!
Секогаш кога го гледам се потсетувам дека треба да бидам трпелив, храбар и силен, исто како него. Дрвото издржува дожд, ветер, сонце, а сепак продолжува да расте, расте… Тоа е симбол на истрајноста! Иако сум мало пиле, пуштам корени, исто како и моето дрво, испреплетени длабоко со природата.
За мене, тоа дрво не е само растение туку и симбол на љубовта на мојот татко, надежта, животот! Мојата поврзаност со дрвото е длабока и искрена. Ме учи дека природата е наш приjaтел и не е само место за одмор туку ни дава и воздух, сенка, убавина и мир. Затоа, секогаш внимавам да не ја загадувам околината и да ги сакам дрвјата, како што го сакам моето дрво. Ако го заборавам моето дрво, дрвјата, природата, ја заборавам и сопствената приказна. Но, едно знам, гранките на дрвото се шират во различни правци, така и моите патишта се испреплетуваат во една посебна заедничка приказна со природата.

Адријан Шашески – 4-3 одделение.
ООУ „Блаже Конески“-Прилеп
Ментор: Весна Арсиќ