Во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига од најсилните пет првенства во Европа има 17 тима од вкупно 24 четвртфиналисти. Во сите три купа по еден претставник имаат Шпанија, Англија и Италија, а во по два Германија и Франција
ФУДБАЛ – СЛЕДУВААТ ЧЕТВРТ-ФИНАЛИЊАТА ВО КОНТИНЕНТАЛНИТЕ КУПОВИ
Европските фудбалски купови продолжуваат утре, со првите два дуела од четврт-финалето на Лига на шампионите, а во игра се тимови од петте најсилни европски домашни првенства (Англија, Шпанија, Франција, Германија и од Италија). Меѓу нив шест досега ја освојувале титулата, а два играле во финалето.
Најтрофејниот и актуелен континентален шампион, Реал Мадрид, утре гостува кај Арсенал, а во првиот дуел на некогашни европски шампиони во четврт-финалето, утре ќе играат Баерн и Интер. За в среда на програмата се уште два дуела, па така, актуелниот европски вицешампион Борусија Дортмунд ќе гостува кај Барселона, а Пари сен Жермен, кој ја одбрани титулата во Франција, дома се среќава со дебитантот во Лигата на шампионите, но некогашен европски првак, Астон вила.
Сметајќи ги трите европски купа, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, од најсилните пет првенства има 17 тима од вкупно 24 четвртфиналисти. Така, покрај најдобрите осум во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, Арсенал, Баерн, Интер, Борусија Дортмунд, Барселона, Пари сен Жермен и Астон вила, во Лига Европа во четврт-финалето играат Лацио, Тотенхем, Ајнтрахт, Атлетик Билбао, Лион и Манчестер јунајтед, а во Конференциската лига во трка за трофејот се Челси, Бетис и Фиорентина.
Вкупно најмногу екипи има од Англија, пет, од Шпанија има четири, по три се од Германија и од Италија, по два од Франција и од Полска, а по еден од Австрија, Норвешка, Словенија, Шведска и од Шкотска.
Во сите три европски фудбалски купа по еден претставник имаат Шпанија, Англија и Италија, а во по два Германија и Франција. Во претходните 20 сезони на Лигата на шампионите победникот бил од едно од петте најсилни домашни првенства во Европа, а во Лига Европа во претходните 13 сезони. Во двата случаја сериите почнаа по успесите на португалскиот Порто, кој Лигата на шампионите ја освои во 2004 година, а во Лига Европа победи во 2011 година. Два од победниците на трите досегашни сезони во Конференциската лига се од Италија и од Англија. Н.М.
ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ВО ТРИТЕ КУПА
Англија (5) Арсенал, Астон вила, Тотенхем, Манчестер јунајтед, Челси
Шпанија (4) Реал Мадрид, Барселона, Атлетик Билбао, Бетис
Германија (3) Баерн, Борусија Дортмунд, Ајнтрахт
Италија (3) Интер, Лацио, Фиорентина
Франција (2) Пари сен Жермен, Лион
Полска (2) Јагиелонија, Легија
Австрија (1) Рапид Виена
Норвешка (1) Бодо Глимт
Словенија (1) Целје
Шведска (1) Ѓургарденс
Шкотска (1) Глазгов ренџерс
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Арсенал – Реал Мадрид утре, 21 ч.
2. Баерн – Интер утре, 21 ч.
3. Пари сен Жер. – Астон вила среда, 21 ч.
4. Барселона – Борусија Дорт. среда, 21 ч.
реваншите се идната недела
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 3
Победник 4 – Победник 2
ЛИГА ЕВРОПА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Бодо/Глимт – Лацио четврток, 18.45 ч.
2. Тотенхем – Ајнтрахт четврток, 21 ч.
3. Глазгов р. – Атлетик Б. четврток, 21 ч.
4. Лион – Манчестер ј. четврток, 21 ч.
реваншите се идната недела
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 2 – Победник 1
Победник 3 – Победник 4
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Легија – Челси четврток, 18.45 ч.
2. Бетис – Јагиелониа четврток, 21 ч.
3. Целје – Фиорентина четврток, 21 ч.
4. Ѓургарденс – Рапид В. четврток, 21 ч.
реваншите се идната недела
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 4
Победник 2 – Победник 3