Фото: приватна архива

Секоја година примаме по 30 дечиња на Летниот нинџа-камп, кој неодамна се одржа по деветти пат, бидејќи тоа е максималната бројка на која можеме целосно да се посветиме и да се грижиме без некој да биде занемарен. Оваа година бројката ја пополнивме два месеца пред одржувањето на настанот. Учесниците, на возраст од четири до 11 години, беа сместени во нашето Хомбу-доџо во долината под планината Липац меѓу Куманово и Кратово. Секое утро го започнуваме со кревање на македонското знаме и пеење на државната химна, а потоа во текот на целиот ден се случуваат најразлични активности, кои имаат цел да ги осамостојат дечињата, но и да ја подигнат нивната психофизичка кондиција, а со тоа и самодовербата, вели Игор Довезенски

Средба со Игор Довезенски, инструктор по самурајски и нинџа-вештини

Од 27 јули до 2 август, во Хомбу-доџото на „Буџинкан Македонија“ се одржа деветтиот по ред детски Летен нинџа-камп, со 30 учесници. На настанот, покрај дечињата од Македонија, учествуваа и неколкумина од Италија, Франција и од Кина (Хонгконг), со што кампот доби меѓународен карактер. Инаку, овој летен нинџа-камп беше најмасовен досега.
Што се случуваше овие неколку дена за време на кампот дознавме од сенсеи (учителот) Игор Довезенски, инструктор по самурајски и нинџа-вештини, носител на звањето 10-ти дан, со што тој е единствен Македонец со ова високо признание.
Игор на седумгодишна возраст почнал да тренира карате, а потоа и други борачки вештини (гендаи будо), кои ги тренирал до својата четиринаесетта година. Во 1986 година, од својот татко добил видеорекордер и една ВХС-касета со филмот „Одмаздата на нинџата“. Истата ноќ неговиот живот бил предодреден. Сето она што започнало како детска игра и фантазија ќе го трасира неговиот пат засекогаш.
Кога имал 14 години (1988 година), Довезенски дознал за организацијата „Буџинкан“ и нејзиниот водач Масааки Хатсуми и почнал да ги создава своите први контакти со познати европски мајстори на нинџуцу во тоа време.

Веќе дваесетина години учителот Игор Довезенски неуморно им го пренесува своето знаење на сите заинтересирани за тајните на јапонските традиционални борачки вештини.

Кажете ни нешто повеќе за Вашата школа и зошто таа е толку посебна?
– Мојата школа, односно доџо, се нарекува „Буџинкан Македонија“. Тоа е духовен и физички центар каде што се практикува древната борачка вештина нинџутсу, односно деветте школи чиј претставник сум за Република Македонија. Ние сме единствено доџо во државата во кое се изучуваат класичните јапонски нинџа и самурајски вештини и сме дел од меѓународната заедница „Буџинкан доџо“, која долги години работи под водство на легендарниот учител Масааки Хатсуми. Нашиот учител ги наследил деветте школи од неговиот претходник Тошитсугу Такаматсу и ја основал организацијата со цел да ги зачува традицијата и принципите на шиноби но кокоро, односно срцето на оној може да издржи сѐ.
Љубовта кон оваа вештина кај мене се роди уште во моето детство, кога за прв пат дознав за јапонските нинџи и почнав да осознавам дека телото е храм, а духот е неговиот вечен чувар. Со текот на годините, тренингот ми стана до (道), односно Пат и начин на живот.

Велите дека нема ништо поубаво од пренесување на знаењето на младите генерации. Дали токму реализацијата на овој камп, со интересно и атрактивно име, детски Летен нинџа-камп, е потврда на тоа?
– Да. Детскиот Летен нинџа-камп е токму потврда на мојот став. Секое дете што ќе го вкуси духот на дисциплината и на честа е како семе посеано во плодна почва. Нашата мисија не е да создадеме борци, туку луѓе со исправен карактер, односно буши (воини – 武士), кои во иднина ќе придонесат во развојот на современото македонско општество.

Што сѐ се случуваше во рамките на годинашниот камп за деца и што беше најтешко, најпредизвикувачко и најубаво за малите воини?
– Секоја година примаме по 30 дечиња, бидејќи тоа е максималната бројка на која можеме целосно да се посветиме и да се грижиме без некој да биде занемарен. Оваа година бројката ја пополнивме два месеца пред одржувањето на настанот и учествуваа 30 деца, на возраст од четири до 11 години. Беа сместени во нашето Хомбу-доџо во долината под планината Липац меѓу Куманово и Кратово. Секое утро го започнуваме со кревање на македонското знаме и пеење на државната химна, а потоа во текот на целиот ден се случуваат најразлични активности, кои имаат цел да ги осамостојат дечињата, но и да ја подигнат нивната психофизичка кондиција, а со тоа и самодовербата.
Најтешко за нив е да ја совладаат тишината преку некој вид медитација, односно мокусо (黙想). Најпредизвикувачки се секогаш ноќните нинџа-акции, кои ги учат децата да се навикнат на темнината.

Драги дечиња, светот не е арена за натпревар со другите, туку место за надминување на себеси. Грижете се за своето тело и гледајте на него како на храм, срцето нека ви биде како чист извор, а умот како остар меч, порачува сенсеи Довезенски

Какви беа реакциите на децата по секој поминат ден или по секоја успешно реализирана вежба?
– По секој успешно совладан предизвик, во нивните очи се раѓаше она што Јапонците го нарекуваат икигаи (生き甲斐) – чувство на смисла и радост од постоењето. Јас сакам да верувам дека тие не го гледаат тренингот како задача, туку како авантура што ги менува однатре. И се трудам да ги научам да размислуваат во тој правец.

Според Вас, зошто овој и сличните настани се важни за развојот на децата, како психичкиот така и физичкиот?
– Затоа што преку ваквите настани се гради внатрешната сила. Во ерата на екраните и брзото заборавање, телото и духот мора да се враќаат кон природата, да се навикнат на тишината, на скромноста и на трудот. Овој камп ги учи децата на издржливост (ганман), другарство и ферплеј, дисциплина и почит – четирите столба на вистинскиот карактер.

Што конкретно значи доџо?
– Доџо (道場) буквално значи „место каде што се следи Патот“. Во традиционалното доџо не се вежбаат само физички техники туку се изучуваат и ментални вештини, како и разни науки и уметности. Се изучуваат и ката и хенка (型 – хармонизирана борба и адаптација), како и разни оружја што биле дел од богатиот арсенал на јапонските воини. Напредокот се вреднува преку степени и преку појаси, но вистинскиот појас е оној што го одврзува духот, а не тој што се врзува на половината.

На едно место прочитав дека велите: „Системот што го создадов и го нареков шиноби таисо денес станува меѓународно познат и признаен и добивам сѐ повеќе покани да се преселам и да го пренесам и раширам низ земјите на светот“. Можете ли за нашите млади читатели да го појасните тој систем и каде на интернет можат да се најдат информации за Вашата работа?
– Шиноби таисо е систем што го развивав со години, спојувајќи ги древните принципи на јапонската борачка уметност со современите методи на телесна култура. „Таисо“ значи „телесно вежбање“. Овој систем гради подвижност, рамнотежа и ментална стабилност преку серии на природни движења и техники за адаптација. Младите може да ме следат на моите официјални профили на Фејсбук – Igor Dovezenski Bujinkan Macedonia, и на Инстаграм – Bujinkan Macedonia. Или доволно е само да ме изгуглаат и сигурно ќе најдат многу информации за сѐ што ги интересира за мојата работа.

Секогаш повторувате дека Вашето срце засекогаш е врзано за Македонија и особено за Вашите три деца, така што ќе останете да работите тука со децата и младите, кои се иднината на Македонија. Претставете ни ги Вашите наследници и на што сте особено горди?
– Моите три деца се моите најголеми учители. Косара Довезенска има 20 години и веќе го бара својот Пат под сонцето. Поседува неверојатен талент за борачки вештини и доколку продолжи по Патот би постигнала неверојатни резултати. Малку е избувлива и темпераментна и нешто на што ќе треба да работи во иднина е да ја совлада вештината на смиреност. Ксенија, која има 17 години, е олицетворение на мудрост и хармонија, но треба да се потруди целосно да загосподари со своите емоции и да не дозволи никој да ѝ поставува пречки на Патот. Петар има 15 години и можам нескромно да кажам дека е роден за нинџутсу, но од него зависи дали ќе го изоди Патот докрај или не. Иако одат по патеката што им ја поставив како основа, сите тројца веќе почнаа да си градат и свои Патишта. Што и да биде во иднина, сите тие го носат во себе духот на шиноби но кокоро и полни се со енергија и сила, безгранична љубов и верност кон своите корени.

И на крајот, која би била Вашата порака за читателите на „Колибри“, односно за сите деца?
– Драги дечиња, светот не е арена за натпревар со другите, туку место за надминување на себеси. Грижете се за своето тело и гледајте на него како на храм, срцето нека ви биде како чист извор, а умот како остар меч. Запомнете: најсилниот воин е оној што знае да биде благ и љубезен кон другите.