ЧУДНА БОЛЕСТ

Челото ми врие
Срцето силно ми бие
Ниту ми се јаде
Ниту ми се пие
Сон не ме фаќа
Стихови во умот ми се редат
Песни ми се пеат
Кажи, брат, од што сум болен?
Го прашува Ранко морето
А морето мирно
Ич гајле си нема
Та не бил еден
од љубов збеснат
на болест морска што се жали

СО ПАТИКИ БОС

На улицата
Со продавници како око полна
Ранко си купи патики-спринтерки
Брз треба да биде, побрз од морето,
На плажата Марина да ја пречека.

Спринтираше со спринтерките Ранко

А кога уморен со душата во носот,
До коленици влезена во морето
Марина ја виде,
Летото му се сневиде

Немаше што друго
И се притаи од зад грб
Тивко на увце ѝ рече:

„Бос не е лесно по песокот врел
Да трчаш до саканата цел!“

РАСТОПЕН ОД ЧЕКАЊЕ

На клупата на морскиот брег
Ранко Марина ја чека
Ниту да лизне ниту да гризне
Од сладоледот што веќе се топи

А кога Марина по час–два
На клупата се смести
Ранко радосен извика:
„И сладоледот беше решен
Да те чека, да те дочека
Само што кога те виде
Од возбуда се растопи.“

СЕЛФИ

Имам паметен телефон
Би можеле да си направиме селфи
Ѝ предложи Ранко на Марина

И направија.

Кога на портретот се појавија
Само две уши и црвен нос
Ниту Ранко ги призна ушите зајачки
Ниту Марина црвеното пиперче

Телефонот на ниту една страна
Нели е паметен