Фото: Приватна архива

Оваа година ми беше голема чест и радост да бидам една од претставниците на Интернационалната недела на уметноста во Гуангдонг (Guangdong international art week), огромен настан што се одржа на средината на мај во меѓународниот конгресен и изложбен центар „Нанфенг“ во Гуангџоу, Кина. Учествував со три оригинални акварелни дела и голем број уникатни постери од мои дела, кои прекрасно резонираа со посетителите. Заинтересираноста на посетителите за моите дела беше голема и добив шанса да им ги претставам на колекционери што покажаа голем интерес. Мислам дека најдоброто нешто во оваа недела на уметноста беше што голем број посетители си заминаа со ново знаење за Македонија, вели Ацеска

РАЗГОВОР СО АЛЕКСАНДРА АЦЕСКА, ЛИКОВЕН ПЕДАГОГ И ПРОФЕСОРКА, КОЈА ЖИВЕЕ И РАБОТИ ВО КИНА

Александра Ацеска е ликовна уметница од Македонија, која последниве неколку години живее, работи и создава во Кина. Родена е во Прилеп, во 1994 година, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2017 година, а од 2018 година живее во Кина, каде што работи како професорка по ликовна уметност. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ на ФЛУ и двапати е наградена на саемот на современата уметност и дизајн „Паратисима“. За нејзините творечки растежи во Кина и за успесите и како уметница и како ликовен педагог, разговараме во ова интервју.

Во мај годинава ги претставувавте градот и областа во која живеете на Интернационалниот ден на уметноста. Како изгледа кога македонска уметница ја претставува Кина?

– Оваа година ми беше голема чест и радост да бидам една од претставниците на Интернационалната недела на уметноста во Гуангдонг (Guangdong international art week), огромен настан што се одржа на средината на мај во меѓународниот конгресен и изложбен центар „Нанфенг“ во Гуангџоу, Кина. Учествував со три оригинални акварелни дела и голем број уникатни постери од мои дела, кои прекрасно резонираа со посетителите. Заинтересираноста на посетителите за моите дела беше голема и добив шанса да им ги претставам на колекционери што покажаа голем интерес. Мислам дека најдоброто нешто во оваа недела на уметноста беше што голем број посетители си заминаа со ново знаење за Македонија. Навистина е жално што не многу голем број жители во јужниот дел од Кина имаат слушнато за нашиот мал балкански бисер, но при крајот на неделата ми пристапуваа луѓе, кои радосно велеa: „Слушнав за тебе! Ти си македонската уметница! Јас ја најдов твојата земја на мапата и прекрасна e!“ Тоа навистина ми отвори нова перспектива за мојата улога тука. Организатор на настанот е познатиот уметнички куратор и критичар професор Пенг Венбин, кој е основач на меѓународната уметничка недела во Гуангдонг и гостин предавач на Универзитетот во Пекинг.

Фото: приватна архива

На овој настан му претходеше уметничката резиденција во Фошан…

– Токму така, во април една пријателка уметница ме покани да појдам со неа на уметничка резиденција во една од фабриките на „Донгпенг“ во Фошан. Фабриката „Донгпенг“ во Фошан е позната по производството на висококвалитетна керамика и порцелан. Фошан, како центар на керамичката индустрија во Кина, има долгогодишна традиција во оваа област. Кога го видов просторот во фабриката, многу се инспирирав и поднесов апликација со проектот „Златни коски“ (Golden bones). Проектот беше замислен да ја истражува убавината во несовршеноста и распадот на архитектурата поради минувањето на времето. Со нанесување злато на откриените градежни материјали и тули, проектот беше замислен да симболизира отпорност и трансформација, создавајќи дијалог помеѓу индустриското минато на зградата и нејзината иднина како културен центар. Имав само две недели да го смислам и завршам проектот и ургентноста со која работев навистина откри нова страна во мојот карактер. Проектот беше успешен, се разбира и многу посетен, а уметничката резиденција ме поврза со уште повеќе млади и амбициозни кинески уметници, во чија иднина гледам големи успеси. Генерално, беше прекрасно искуство и ме инспирира да се вратам на понеконвенционален пристап кон моето творештво.

Но, со оглед на тоа што во изминативе шест години, колку што живеете во Кина, имавте изложби во Прилеп и во Кичево, се чини дека не сакате да ја запоставите домашната, македонската ликовна сцена… За вашиот нов проект во Скопје, уредникот Иван Ивановски вели дека при преминувањето во друг свет, човек мора да научи да не носи оган, туку да се движи како вода. За што станува збор?

– Летово, на 26 јули, во Мобилната/монтажната галерија, галерискиот простор на Центарот за современи уметности во Скопје, ќе се претставам со проектот насловен „Пловење“ (Flow). Проектот го истражува патот на животот преку водата. Се состои од цртежи, слики, печати и принтови, како и од уметничка книга. Делата што е предвидено да бидат изложени ќе бидат дел од самата книга, а се создадени во три медиуми базирани на вода (акварели, печати на вода – суминагаши и дигитални дела, кои се базирани на физичките дела). „Пловење“ ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена, ги поврзува источните традиции и современата уметност. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации – туку текови низ кои учиме да пловиме.

Какви се можностите за соработка меѓу уметниците што живеат во Кина?

– Една тага што ја имав до скоро беше што, и покрај тоа што имав неколку пријатели што се од уметничкиот свет, честопати се чувствував како да немам друштво што е сериозно наклонето кон уметностите. По неколку разговори со пријатели од различни кругови, сфатив дека не се чувствувам само јас така – јазичната бариера навистина знае да изолира од културните настани во Кина! Оттука добив идеја да ги соберам сите пријатели што се чувствуваат исто и да направам мала неофицијална група на уметници и љубители на уметноста. Целта на групата беше да биде позитивно и поддржувачко меурче во кое членовите ќе можат да ги споделат своите идеи за уметноста и да добијат повратна информација за нивните нови идеи и проекти, како и поддршка со присуство на нивните настани. И така, им пуштив електронска покана на моите познаници, во која им ја објаснив идејата и организирав прва средба. На мое големо изненадување, на првиот состанок се појавија повеќе од 30 луѓе, од кои неколкумина патуваа од соседните градови! И така го оформив друштвото A.N.C. (Art net community), кое во најголем број се состои од визуелни уметници, но членови се и музичари, глумци, куратори, модели и други личности што придонесуваат со своите квалитети и професии. Друштвото сѐ уште е на почеток, но имам многу добро чувство за неговата иднина, бидејќи уште од самиот почеток некои од членовите веднаш се спријателија и тоа резултира со продуктивни соработки во различни сфери. Некои од активностите што ги правиме заедно се дружби, цртачки сесии, посети на ателјеа и изложби и други културни настани.

Иако особено последниве две години развивте успешна ликовна дејност во Кина, вие примарно работите како професорка по ликовна уметност. Минатогодишното признание за извонреден наставник по меѓународна матура (IB) ја потврди и вашата успешна образовна дејност. Какви се искуствата на ова поле?

– Со завршувањето на овој семестар, завршува и мојата четврта година како професорка по ликовна уметност во програмата за меѓународна матура (international baccalaureate – IB) во училиштето „Гуангдонг кантри гарден“ (Guandong Country Garden) во Фошан, Гуангдонг. Наградата што ја спомнавте ми значи многу, но вистинската сатисфакција ја добивам со секојдневната интеракција со моите работливи, креативни ученици. Од секоја генерација има по неколку студенти што ги продолжуваат своите студии во сфера на уметноста, дизајнот и архитектурата на најпрестижните факултети во светот, каде што продолжуваат да се истакнуваат и добиваат стипендии и признанија. Најмногу ме радува што моите ученици успеваат да ги живеат своите соништа. Чувството што го добивам кога ги гледам како ги развиваат своите креативни проекти и како страсно се борат за своите соништа, ми гарантира дека нема за скоро да престанам со мојата педагошка професија. Мојот живот е сериозно променет од сите неверојатни учители, професори и ментори што сум ги имала и само е логично да пробам јас да го направам истото тоа за идните генерации.

Каков е животот на една Македонка во Кина? Како е да се живее во огромна држава, во град како Фошан?

– Не знам од каде да почнам кога зборувам за Фошан. Дистриктот Шунде, во кој патем и живеам, е многу важен за локалното население, бидејќи тоа е родното место на една од најпознатите кинески ѕвезди, Брус Ли, и тоа е навистина голема гордост на жителите на Фошан. Друго нешто по кое е познато местото во кое живеам е богатата храна, која во 2014 година беше препознаена и од УНЕСКО. Мислам дека не можам многу повеќе да кажам за храната, освен дека е неверојатна и со еднаш пробано, не се поминува. Фошан е исто така керамичка престолнина на Кина, бидејќи е дом на древната керамичка печка „нанфенг“ во Шиван, каде што уште од времето на династијата Минг се создава светски познатата шиванска керамика, вклучувајќи сложени фигурини и архитектонска керамика што се извезуваат низ целиот свет.
Животот во Фошан е особено релаксиран и разнолик. Има забава од секаков вид и во него се уживаат бенефитите од големите градови, во комбинација со бавниот живот на провинцијата. Јас живеам на крајот на дистриктот Шунде, кој пак се спојува со дистриктот Панју на Гуангжу, што ми овозможува да бидам присутна во двата града – за забава одам во Гуангжу, за прошетки низ културните села и музеи одам во Фошан. Локалното население е многу фино и топло, иако постои јазична бариера, тие секогаш се тука да помогнат со добро расположение и насмевка. Странците што живеат во околината се од цел свет и тоа е уште едно добро нешто во живеење во странство – приказните и искуствата на моите пријатели се неизмерно богатство, кое ми го обликува карактерот и ме тера да се чувствувам како светот да ми е на дланка. Америка, Германија, Полска, Франција, Русија, Украина, Ерменија, Кашмир, Иран, Гана, Јужна Африка, Пакистан, Филипините, Јапонија и, се разбира, балканските земји, од кои најчесто Србија, имаат свои „претставници“ тука, кои не знам по кој пат докажуваат дека светот што ни е претставен на вестите и на интернет е многу различен од оној вистинскиот, оној во кој луѓето се луѓе, со длабочина, приказни и желби, а не бројки и безимени лица. Животот во интернационално друштво е добивка што навистина ги отвара перспективите и овозможува растење и сочувство.

Што е она што во скора иднина ќе го окупира вашето творечко внимание?

– Секој ден откривам нови страни од мојот карактер и најново нешто што дознав за себе е дека многу се радувам кога соработувам во интердисциплинарни проекти со личности што се во други сфери на знаењето. На пример, годинава започнав проект со еден драг пријател, биолог, д-р Жанг Веи, со кого ги истражуваме можностите за креативно изразување во пресекот на нашите интереси. Проектот сѐ уште го развиваме и не можам многу да зборувам на таа тема, но не сум премногу изненадена од мојот ентузијазам за овој проект бидејќи биологијата отсекогаш ми била тајна симпатија (можеби не толку тајна бидејќи моите дела често личат на живиот микрокосмос). Тоа ме инспирира да започнам уште еден проект, кој ако се одвива според планот, ќе биде наменет за следната година и во суштината на истражувањето ќе бидат флората и фауната во прилепскиот предел, а мои партнери ќе бидат прилепските планинари, меѓу кои се разбира мојот татко Илија Ацески, кој цел живот создава неверојатни фотографии од природата, растенијата и инсектите што живеат на прилепските планини.

Какви се можностите и идеите за културно вмрежување и соработка меѓу Кина и Македонија?

– Од моето досегашно искуство, во Кина има голема заинтересираност за западните уметности. Уште поголема кога станува збор за Македонија, земја што е мистериозна и не толку често спомнувана во Кина. Јас и мојот драг пријател и колега, уметникот Даниел Коцев-Пазамат, кој живее во Гуангжу, веќе работиме на овој проект, во кој се стремиме да овозможиме културни настани за македонски уметници во Кина и за кинески уметници во Македонија. Годинава уметникот Иван Ивановски имаше изложба во Гуангжу со наша помош и поддршка. Се надеваме дека во наредните години овие настани ќе станат официјални и поддржани од македонското Министерство за култура, со ист ентузијазам со кој нѐ поддржуваат кинеските куратори и галерии.