Најмладите струмичани во неделата ги продолжија карневалските празнувања во Струмица. Тие со своите маски продефилираа на Детскиот карневал што се одржува по повод празникот Прочка, во рамките на карневалските празнувања во градот, кои почнаа во средата.
На плоштадот во Струмица децата заедно со своите родители и наставници ги покажаа своите карневалски кореографии преку кои со песна и музика повикаа на мир, љубов, разбирање и весело детство, а не беа заборавени и омилените јунаци од цртаните филмови.
Во дефилето имаше повеќе групни маски изработени од основни училишта и предучилишни установи од Струмица.
Инаку, на 23. конкурс на библиотеката „Благој Јанков-Мучето“ во Струмица, насловен „Карневалската маска во мене“ (поезија и проза) победи шестоодделенецот Лука Стојановиќ, со поетска творба. Негова менторка е наставничката по македонски Атина Манчева. Според организаторите, интересот годинава бил голем, пристигнале 103 творби од цела Македонија.
Карневалските празнувања во Струмица продолжија вчера, на чист понеделник, кога на програмата беа варење и консумирање бел грав на плоштадот „Гоце Делчев“, а денеска карневалот завршува со отворање изложба на карикатури и афоризми од Интернационалниот фестивал и со доделување награди за најуспешните.