„Во љубовно расположение“ е носталгична, елегична и поетична романса за двајца луѓе што се на погрешно место во погрешно време. Филмскиот критичар на „Њујорк тајмс“, Елвис Мичел, ја напиша можеби најдобрата рецензија за овој филм кога рече дека е „вртоглавица на романтичниот дух што недостигаше во киното“. Колку овие зборови звучат вистинито во денешно време, гледајќи во овој филм од оваа перспектива? Навистина, романтичните филмови деновиве се многу ретки, додека изобилуваат филмовите што вклучуваат многу секс и голотија. Па така, со оглед на таквата филмска клима, овој филм на Вонг Кар-ваи може да се каже дека е неопходен здив на свеж воздух во затруеното филмско небо

Осврт кон филмот „Во љубовно расположение“ на Вонг Кар-ваи (2000 г.)

Љубовта како неисцрпна тема во сите форми на уметноста неизбежно е проткаена и во филмот. Од незаборавниот „Казабланка“ на Мајкл Куртиз од 1942 година, па до „Нотбук“ на Ник Касаветес од 2004 година и многу филмови по него, филмското платно беше постела на која се водеше љубов. Последните години филмската индустрија нѐ навикна да гледаме бесрамни сцени и да заборавиме дека имаше времиња кога за филмаџиите водењето љубов беше создавање уметност.
Но како филмот во кој нема буквално ниедна љубовна сцена се круниса со епитетот најљубовен филм на сите времиња? Станува збор за филмот „Во љубовно расположение“ на режисерот Вонг Кар-ваи до 2000 година. Кар-ваи со овој филм навистина создаде ремек-дело, кое ќе остане запаметено како еден од најромантичните филмови видени на филмските платна. „Во љубовно расположение“ е соната за она што не го гледаме и што не е кажано. Тишината значи многу повеќе од зборовите. Еден поглед ни кажува повеќе од сите кадри. Една минута промена во тонот ја прави целата драматургија.
Вонг Кар-ваи е претставник на вториот филмски бран на Хонгконг, меѓународно познат како автор по неговите визуелно уникатни високостилизирани емотивно резонантни дела.
Светската слава Вонг ја достигна со неговата мистериозна романтична комедија од 1994 година, насловена „Чанкинг експрес“, со која беше апсолутен победник на филмскиот фестивал во Хонгконг. Во 2000 година го сними „Во љубовно расположение“, а потоа следуваа „2046“ во 2004 година и „Велемајсторот“ во 2014 година.

Неговиот филм „Во љубовно расположение“, со Меги Чеунг и Тони Леунг во главните улоги, наиде на широкораспространето признание од критичарите. Во неговите филмови често се појавуваат протагонисти што копнеат по романса и сцени што често може да се опишат како скици, дигресивни, возбудливи и содржат живописни слики.
Вонг беше првиот кинески режисер што ја доби наградата за најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал, за неговото дело „Среќни заедно“ во 1997 година. Вонг беше претседател на жирито на Канскиот филмски фестивал во 2006 година, што го прави единствениот Кинез што претседавал со жирито на Канскиот филмски фестивал. Тој исто така беше претседател на жирито на 63. Меѓународен филмски фестивал во Берлин во февруари 2013 година. Во 2006 година Вонг го доби националниот орден на Легијата на честа, Витез (највисок степен), од француската влада. Во 2013 година Вонг го доби Орденот за уметност и литература, Командант (највисок степен), од францускиот министер за култура.

„Во љубовно расположение“, кој е дел од фамозната колекција „Критерион“, покрај многубројните награди и номинации на светските филмски фестивали, беше добитник на престижната награда во категоријата најдобар актер, кој го толкуваше Тони Леунг, а покрај тоа беше номиниран уште за „златна палма“ и за наградите „бафта“.
Фокусот на дејството е во Хонгконг, во 1960-тите, кога маж и жена (г. Чау Мо-ван и г-ѓа Чан) се преселуваат во ист ден во соседните станови со нивните сопружници. Наскоро тие се сомневаат дека нивните често отсутни сопружници имаат афера еден со друг. Чудна врска се појавува меѓу нив двајца додека се справуваат со нивната тага со тоа што наизменично си играат брачен другар. Но оваа игра е, всушност, само увертира во тоа што следува. Нивниот однос се продлабочува, а на сцена стапуваат емоциите.
Намерно ограничен по обем, заплетот, наводно разработен во текот на една година делумно импровизирани снимања, е многу паметен. Сопружниците што изневеруваат всушност никогаш не ги гледаме, туку само го чувствуваме нивното влијание. Неколкуте други ликови – газдарицата, г-ѓа Суен, љубезниот пријател на Чоу, Ах Пинг, и љубопитниот шеф на Су оставаат груб впечаток наспроти тивката спокојност со која зрачи водечкиот пар. Врската на Чоу и Су, особено, е прекрасно двосмислена. Дали тие намерно избираат да не ја одведат врската понатаму?
– Никогаш нема да бидеме како нив – огорчено вели Су, мислејќи на нивните неморални сопружници.
Или пак, и двајцата чекаат другиот да го преземе првиот чекор? И покрај сите потресни одлуки и коинциденции, кои на крајот ги одвојуваат, дали нивната романса воопшто можеше да напредува надвор од контрапунктот на нивното заедничко предавство?

Нивната платонска љубов и бестелесен однос ги преминуваат дури и оние граници што ги постави филмот „Изгубени во преводот“ на Софија Копола, каде што Бил Мареј и Скарлет Јохансон ги оставија расплакани филмските љубители. Или можеби, пак, овој филм е инспириран токму од делото на Вонг? Но се чини дека ниедна сцена не ги оставила гледачите со скршено срце како што го направи тоа финалната сцена на овој филм, каде што Чау ги шепоти своите тивки тајни и чувства во камената вдлабнатина во храмскиот комплекс во Камбоџа, Ангкор Ват, пред да ги запечати внатре со кал. Оваа сцена е по малку апсурдна, можеби и мелодраматична, но секако е незаборавна.
„Во љубовно расположение“ е носталгична, елегична и поетична романса за двајца луѓе што се на погрешно место во погрешно време. Филмскиот критичар на „Њујорк тајмс“, Елвис Мичел, ја напиша можеби најдобрата рецензија за овој филм кога рече дека е „вртоглавица на романтичниот дух што недостигаше во киното“. Колку овие зборови звучат вистинито во денешно време, гледајќи во овој филм од оваа перспектива? Навистина, романтичните филмови деновиве се многу ретки, додека изобилуваат филмовите што вклучуваат многу секс и голотија. Па така, со оглед на оваа филмска клима, овој филм на Вонг Кар-ваи може да се каже дека е неопходен здив на свеж воздух во затруеното филмско небо.
Овој филм сведочи за љубов и за осудената романса. Вонг создавајќи го овој филм дефинитивно бил расположен за љубов. Публиката е расположена за љубов. Г-ѓа Чан и господин Чоу се расположени за љубов. Дури и господинот Чоу е расположен за љубов. Но, за жал, љубов нема.
Тој ѝ се јавува. „Тоа сум јас. Ако има дополнителен билет, дали ќе дојдеш со мене?“ Нема одговор. Подоцна нивните улоги се менуваат. Таа сака да знае: „Тоа сум јас. Ако има дополнителен билет, дали ќе дојдеш со мене?”
Иронично, токму овој филм за љубовта што можела но никогаш не се случила, од многумина филмски љубители и критичари е прогласен за најромантичен филм на сите времиња. Доколку овој филм го режираше кој било друг режисер, многумина би се обложиле дека двата главни лика ќе завршеа заедно. Но Вонг не го прифати полесниот пат. Во текот на целиот филм каде што тој се фокусираше на тоа дека двајцата се изневерени наместо оние што изневеруваат, на крајот нивните партнери продолжија да им недостигаат. Честопати љубовта не е доволна. Животот се испречува. Околности, погрешни комуникации, изговори. Можеби. Што би било, кога би било…

Да, „Во љубовно расположение“ можеби е бавен филм и нема да му се допадне секому. Но темпото е токму онакво какво што треба да биде, за да се долови чувството што сака да го долови Вонг. Гледајќи го овој филм, бидете подготвени да останете шармирани, маѓепсани и опиени од неговиот мирис, бои, музика и костими. Движењето на камерата е како да ѕиркаме по рабовите, ѕиркаме низ дупки, талкаме низ тесните ходници, загледуваме во туѓите станови. Можеме да видиме во соседните станови, како секој од нив седи осамен. Фотографијата не мирува. Таа постојано раскажува приказна што е премолчена. Експресивната музика што се користи со намена, сигнализира за секоја емотивно интензивна сцена исполнета со копнеж, чекање, љубов, желба… Тоа е моќта што ја има овој филм. Да предизвикаш толку многу емоции со неколку минути, грст погледи, една песна.
Еден од најзабележителните сегменти во овој филм се несомнено живописните костими и фустани на г-ѓа Чан. Нивното постојано менување е фасцинантно и прекрасно. Таа изгледа совршено елегантно во нив.
По долги години, кога овој филм можеби и ќе избледи од вашите сеќавања, во нив сигурно ќе остане долго сценографијата, заситена со жестоки и впечатливи бои. Секогаш кога дејството е надвор од затворените простории – врне дожд. Чекаат да преврне, зборуваат на дождот, трчаат за да се скријат под стреите што капат, но, за жал, усните им се далеку да ја овековечат нивната романса. „Во љубовно расположение“ е филм во кој, за жал, нема љубов.