Пријатели на децата: Сузана Николоска, наставничка по македонски јазик
- Со над тридецениската работа, проткаена со многу значајни успеси, постигнувања и признанија, секако името на Николоска може да се поистовети со зборот успех. За неа, успехот на еден просветен работник не е во неговата детерминираност на знаење, ниту во начинот на кој го предава тоа, туку во стимулирањето и мотивирањето на желбата за учење
Во јануари годинава, на роденденот на наставничката Сузана Николоска се слушна училишното ѕвонче, кое го означи крајот на нејзиниот работен век, долг над три децении. Учениците во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“од Прилеп, некои со насмевки, а некои со солзи, ја испратија во пензија својата омилена наставничка. Колегите, пак, се збогуваа со својата долгогодишна колешка со почит и со желба и тие да си дочекаат вакви мигови.
Николоска својот работен век како професорка по македонски јазик го завршува како наставничка ментор, со околу 150 државни и меѓународни успеси заедно со нејзините ученици, меѓу кои награда на Меморијалниот центар „Никола Кљусев“, неколку први, втори и трети места на државните натпревари за македонски јазик и за рецитатори од Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на Република Македонија, награди на фестивалите „Ракатки“, „Детски лирски треперења“ во Македонија, но и на „Деца поети“ во Мостар, многу први, втори и трети места на општинските натпревари за лични творби и за рецитирање, како и на меѓународните во Бања Лука и Нови Сад.
Тука се и личните награди како „Просветен работник на годината“ од Министерството за образование и од Сојузот на просветните работници на Македонија, дипломата „3 Ноември“ на Општина Прилеп, наградата за истакнат ментор и пријател на фестивалот „Шантиќеви дани“ во Мостар и многу други.
Во разговорот со неа, нас на почетокот нѐ интересираше што било пресудно да тргне по патот на македонистиката, книжевноста и наставата.
Љубовта кон книгите како патоказ за идната професија
– Со гимназискотo образование нам како генерација ни беа отворени вратите на многу факултети без приемен испит. Отсекогаш ми била инспиративна таа јазична компетенција што е основа за комуникација и изразување во секојдневниот живот, но и во професионалната сфера. Најверојатно во тој период, на 18 -19 години, така сум го замислувала личниот развој, но силен мотив ми беа сите тие стилови во литературата и автори со кои патував во нови светови – вели Николоска.
Таа се присети и на незаборавните студентски денови, кои претставуваат важен дел од животот на секој човек.
– Со радост се сеќавам на предавањата во големите амфитеатри, од големите поетски имиња, професори како Гане Тодоровски, Георги Сталев, Бистрица Миркуловска, Вера Антиќ и за мене најинспиративната професорка по македонски јазик Лилјана Минова Ѓуркова, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што ги завршив дипломските студии – се присетува Сузана Николоска.
Таа ни раскажа и во читањето на кои книги уживала во младоста, а некои ги препрочитува до ден-денес.
– Се сеќавам дека бев воодушевена од творештвото на Оноре де Балзак и неговата „Човечка комедија“, со романите: „Евгенија Гранде“, „Чичко Горио“, „Шагринска кожа“, „Селани“ и други, можеби затоа што ми беше фасцинантна неговата биографија, во која беше опишан физичкиот изглед на Балзак, кој бил полн со недостатоци, но имал смисла за хумор, што го правело омилен во друштвото. Најчесто во периодот на средното образование ги читав претставниците на реализмот, но за време на студиите предизвик ми беа другите правци во литературата, како постмодерната литература, на пример „Киклоп“ од Ранко Маринковиќ. Самиот наслов е референца на славната Хомерова „Одисеја“. Современиот киклоп Полифем е всушност војната што му се заканува на човештвото, одземајќи му го човечкото и сведувајќи го на животинското – се навраќа наставничката Сузана.
Oсобена страст кон книжевните дела пренесени на филмското платно
Покрај светски познатите автори како Ернест Хемингвеј, Томас Вулф и Паоло Коељо, книга што неа ѝ оставила најсилен впечаток е „Теорија на хаосот“ од Џонатан Раб.
– Интересна и сложена книга, која се фокусира на концепти од теоријата на хаосот и како тие влијаат на различни аспекти на животот и природата, може да ни помогне да се справиме со комплексноста на животот – вели Николоска.
Во македонската литература, пак, таа постојано се навраќа на творештвото на Славко Јаневски, кој, според неа, е македонскиот Оноре де Балзак, кој е близок со луѓето, разбирлив, а моќен со зборовите.
– Во неговото обемно творештво митот е почетна точка за откривање на современите вистини за животот. Тука се „Тврдоглави“, „Бол и бес“, „Две Марии“, но од непроценлива важност е и неговата литература за деца – смета Николоска.
Нејзината љубов кон литературата и кон уметноста воопшто е поврзана и со големата посветеност на филмската уметност, која низ годините на работниот век се трудела да ја внесе во наставата и со тоа да ги поттикне учениците да ги прочитаат делата, но и да ги мотивира да ги гледаат и филмовите создадени врз основа на тие книжевни дела.
– Љубовта кон литературата како уметност за мене е во тесна поврзаност со филмската уметност, особено ако има филмска адаптација на литературно дело, како на пример „Кодот на Да Винчи“ на Ден Браун, во режија на Рон Ховард. Секако, тука се и филмските адаптации на „20 000 милји под морето“, „Повикот на дивината“, „Бескрајна приказна“, „Хари Потер“ и многу други наслови што влегуваат во лектирните дела и ги збогатуваат часовите целиот мој работен век. Со тоа настојував да бидам инспиративен лик, за да можам да го разбудам интересот кај учениците – вели Николоска.
Образованието е најмоќното оружје на светот
Со над тридецениската работа, проткаена со многу значајни успеси, постигнувања и признанија, секако името на Николоска може да се идентификува со зборот успех. За неа, успехот на еден просветен работник не е во неговата детерминираност на знаење, ниту во начинот на кој го предава тоа, туку во стимулирањето и мотивирањето на желбата за учење. На тој начин ја развива креативноста и продуцира ученици што имаат критички ставови, ученици што ќе ги применуваат своите знаења и ќе ги развиваат своите социјални компетенции за да станат општествено корисни граѓани.
– За да се постигне тоа, училницата треба да се претвори во волшебно, сакано место, каде што започнува тој процес. Токму такви беа моите заложби, па заедно со учениците го тарасиравме патот до успехот, до многубројни награди, признанија на регионални, државни и меѓународни конкурси и натпревари. Секако, успесите создаваат чувство на задоволство, исполнетост и гордост, но и обврска за постојана надградба и одговор на предизвиците што ги носи новото време – со гордост истакнува Николоска.
Големиот број награди, кој изнесува повеќе од 150, и континуираната работа со талентирани и надарени ученици, особено во областа на рецитирањето, за Николоска претставуваа обврска да го напише нејзиниот стручен, научен труд „Работа со надарени ученици“.
Човечноста и правичноста како константни принципи
Николоска е членка на асоцијацијата „Лидери во образованието – најдобри наставници во регионот“ и членка на претседателството на Сојузот на просветни работници на Македонија.
Во нејзините активности се вбројуваат и многу учества и организација на конференции, дебати, промоции на книги, жирирање и сл. Зад себе остава еден богат и плоден период, кој говори за една посветеност и професионалност. Но во текот на долгогодишниот работен стаж не се одвивало баш сѐ „како подмачкано“.
– И покрај големата љубов кон професијата просветен работник, која беше најголем двигател, морам да кажам дека наидував на многу некоректности и препреки, системски или индивидуални, но се повикував на мојата коректност, трудољубивост и истрајност и ги надминував – забележува Николоска.
Иако училиштата треба да бидат храм каде што се слават и воспеваат трудољубивоста, знаењето и успесите, не секогаш е токму така. Според неа, за да се создава позитивна добра клима за работа и мотивација не само кај учениците туку и кај просветните работници, треба најпрво да се промени менаџерскиот пристап во работењето кај лидерите, челниците односно директорите.
– Секоја чест на исклучоците што работат на човечките ресурси и имаат принцип на еднаквост, но, за жал, сведоци сме на многу девијантни однесувања и самоволие, што значи злоупотреба на позицијата што им е доделена на одредени раководители. Тоа значи дека манипулативно не се истакнува постигнатиот успех кај поединци, но затоа се велича и потенцира просечното, а тоа значи институционална деградација – посочува Николоска.
За крај таа потенцира дека е нормално новото време да носи различни нешта, но дека е важно да се зачува човечкото во човекот.
– Новите времиња ќе донесат нови промени и нови предизвици, но човечноста и правичноста треба да останат константни, како универзални вредности во воспитно-образовниот процес, затоа што, како што рекол Нелсон Мендела, образованието е најмоќното оружје на светот – подвлекува Сузана Николоска.


































