Да се биде учител е најблагородната, но и најодговорна професија и не случајно Мустафа Кемал Ататурк, кој со посебен пиетет мудро зборувал за учителот, ги споредил овие благородни луѓе со свеќа што се троши за да им го осветли патот на другите.
Оваа изрека, како и други вакви инспиративни мудрости беа кажани на традиционалната манифестација „Просветен работник на годината за учебната 2023/2024 година“, која во средата, на 20 ноември, кога се одбележува и Светскиот ден на детето, се одржа во Музејот на македонската револуционерна борба.
Водителка на програмата беше Нина Ламева, ученичка во трети клас во средното училиште „Јахја Кемал“. Први настапија децата од детската градинка „Весели цветови“ – објект „Сончоглед“, од општината Кисела Вода, со изведба на песната „Градот убав“, која веќе стана заштитен знак на Скопје.
Потоа се обрати претседателката на здружението, педагогот Катерина Митковска-Сирма.
– Денес за нас е голем и свечен ден во кој ги прогласуваме најдобрите меѓу најдобрите просветни работници на територијата на градот Скопје, во соработка и со поддршка на локалната самоуправа – изјави таа.
По нејзиниот говор, ученичката Нина Ламева ја прочита „Ода за учителот“ од нашиот познат писател Венко Андоновски, а музички настап имаа учениците од 4-а и 4-в одделение од ОУ „Стив Наумов“, општина Гази Баба, кои ја исполнија песната „Благодарам учителке“.
Здружението им се заблагодари на своите блиски соработници и партнери со доделување благодарници, меѓу кои беше и новинарката Валентина Ѓоргиевска-Парго, за успешната соработка, по што настапи Лана Дангева, ученичка во 6-1 одделение во ОУ „Вера Јоциќ“ од општината Гази Баба, која ја изрецитира песната „Една успешна приказна“. Музички настап имаа учениците од 5-а одделение во ОУ „П. Зографски“, од општината Кисела Вода, со песната „Мојата учителка“.

Златна плакета од Светската поетска асоцијација

Бидејќи Здружението на просветни работници на Град Скопје оваа година доби и Златна плакета од Светската поетска асоцијација за афирмација и негување на македонскиот јазик и литература, во оваа пригода им беше изразена благодарност на претседателот на асоцијацијата, Трандафир Симпетру, кој живее и работи во Романија, и на потпретседателката Милица Паулус, која живее на релацијата Германија – Македонија.
Исто така, оваа година здружението организираше настан по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата, пролетта, екологијата, како и чествување 90 години од раѓањето на великанот на македонското литературно творештво Петре М. Андреевски и затоа во негова чест, претседателката Катерина Митковска Сирма и овој пат прочита нешто од неговото творештво.
Во учебната 2023/2024 година претставници од здружението реализираа серијал од четири работилници со ученици и учители од областа на етнопедагогијата, насловени „Од ука и поука до наука“, според книгата на проф. Крсте Велески, „Крај девет гори“.
Многу заеднички активности, на кои веќе не им се памти бројот, здружението има и со нивниот долгогодишен соработник, светски познатиот, а наш ликовен уметник и хуманист, кандидатот за Нобеловата награда за мир, Живко Поповски-Цветин. Во учебната 2023/2024 година заедно одржаа една работилница во средното училиште „Јахја Кемал“, насловена „Да кажеме НЕ за булингот, а да кажеме ДА за љубезноста и почитта“.
Уметникот му ја врачи на здружението „Цветиновата награда за мир“, со желби за идна успешна соработка.
Перформанс на пијано слушнавме изведен од страна на Ана Манчева и Гала Нановска, ученички при Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ под менторската палка на професорката по пијано, м-р Даница Стојанова. Потоа настапија м-р Даница Стојанова и професорот Бобан Мирковски, кој завршил во нејзината класа. Тие маестрално изведоа на пијано Валцери од Ј. Брамс за четири раце.

Признанија за најдобрите

По богатата програма се дојде до најважниот момент на вечерта – прогласувањето просветен работник на годината на Град Скопје.
Митковска и генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, ги врачија признанијата.
За просветен работник од предучилишно образование и воспитание е прогласена Габриела Стојановска, воспитувачка во ЈУДГ „Весели цветови“ – Општина Кисела Вода;
За просветен работник од предучилишно образование и воспитание е прогласена Ениса Хасич, воспитувачка во ЈУДГ „11 Октомври“ – Општина Бутел (од босанската заедница);
За просветен работник од основното образование, одделенска настава, е прогласена Билјана Арсовска, професорка по одделенска настава во ООУ „Вера Јоциќ“ – Општина Гази Баба;
За просветен работник од основното образование, одделенска настава, е прогласена Алша Окакач, професорка по одделенска настава во ООУ „Партенија Зографски“ – Општина Кисела Вода (од горанската заедница);
За просветен работник од основното образование, предметна настава, е прогласена Милица Патраклиева од ООУ „Лазо Трповски“ – Општина Карпош;
За просветен работник од редот на стручните соработници е прогласена Биљана Василевска, педагог при ООУ „Стив Наумов“ – Општина Гази Баба;
За просветен работник од средното образование е прогласена Даница Стојанова, професорка по пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“;
За особен 40-годишен придонес во воспитно-образовната дејност е наградена Јадранка Клисарова, од неодамна пензионирана професорка по одделенска настава при ООУ „Блаже Конески“ – Општина Аеродром.
На доделувањето беа присутни и претставници од Бирото за развој на образованието, претставници од општините, од невладиниот сектор, синдикалните организации, Сојузот на просветни работници на Македонија, Друштвото на писателите на Македонија, почесниот претседател на здружението, професор Раско Лозаноски, новинари, писатели, учители, ученици, родители.

Автор: Валентина Ѓоргиевска


Благодарница за „Колибри“

Здружението на просветни работници упати благодарност до „Колибри“ и до „Нова Македонија“ за континуираната соработка и поддршка на активностите на просветните работници и на учениците. Бидејќи во изминатите 66 години тоа беше една од мисиите на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, така ќе биде и во иднина.