Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската Унија од следната година почнува со примена на нов данок: Јаглеродно гранично приспособување или ЦБАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism)

Стопанската комора на Македонија го толкува ЈАГЛЕРОДНОТО ГРАНИЧНО приспособување (ЦБАМ)

Секоја компанија ќе може да почне детална анализа со Прирачникот за декарбонизација

  • Стопанската комора на Македонија (СКМ), како едно од најголемите коморски здружувања во земјава, дава свои појаснувања, но и конкретна помош за компаниите членки за надминување на оваа нова обврска за извозниците. Како поддршка на севкупниот процес, СКМ, покрај другите активности (информативни сесии, предавања и обуки за пополнување на извештајните обрасци и слично), го промовираше и постави за работа Прирачникот за декарбонизација

Обврски за плаќање јаглероден данок ќе имаат компаниите што се дел од шест категории, во согласност со досегашните објави. Ги запрашавме во Стопанската комора на Македонија (СКМ) какви се очекувањата и како овие даноци ќе влијаат врз македонските компании. Тие потенцираат дека оваа новина сигурно ќе има влијание врз извозниците.
– Несомнено е дека ќе има импликации по работењето на домашните компании што се извозно ориентирани во ЕУ. Тоа се компании што се конкурентни, кои имаат силен потенцијал, па затоа и успеале да се наметнат на европскиот пазар со своите производи и квалитет. Исто така важно е да се спомене декa во изминатата полудекада истите тие беа силно погодени од трите големи кризи со финансиски последици (ковид-кризата, енергетската криза и кризата од војната во Украина), па мораа да ја приспособуваат својата работа, да трпат одредени загуби и да се репозиционираат на пазарите каде што извезуваат. Јаглеродната такса сама по себе ќе претставува своевидна дополнителна бариера за нашите извозни компании, која секако ќе значи и големи трошоци, односно намален финансиски бенефит за компаниите, финансиски проекции што се веќе направени во подготвителниот процес на оваа регулатива, која започна од 2023 година (преодна фаза – периодот за известување) – нагласуваат од Комората.
Од СКМ додаваат дека компаниите ќе мора најпрво да обезбедат (платат) верификатор за да го валидира нивниот (обврзувачки) извештаен образец, направен за да ги детектира и разграничи директните и индиректните (преземени) емисии на јаглерод диоксид, за потоа декларантот (партнерот на македонските компании во ЕУ, т.е. добавувачот) да може истиот тој да го поднесе во регулаторното тело во ЕУ за увозниот производ да подлежи на јаглеродно оданочување.
– Идејата за домашни верификатори е одлична како во стратешки така и во финансиски поглед, но ќе претставува голем чекор, кој ќе значи опсежно усогласување со правилата на ЕУ, логистика и оператива што не можат да се создадат за краток временски период. Како поддршка на севкупниот процес, СКМ, покрај другите активности (информативни сесии, предавања и обуки за пополнување на извештајните обрасци и сл.), го промовираше и постави за работа Прирачникот за декарбонизација, чија намена е примарно да определи приближна процена за јаглероден отпечаток, а потоа врз основ на добиените параметри (откако ќе се детектира истиот тој) секоја компанија да може да почне со процес на детална анализа – нагласуваат од Комората.
Од СКМ велат дека овој (идникаторен) прирачник ќе биде од голема корист, особено за компаниите што сѐ уште не се опфатени од европската, но и домашната регулатива (која е во најава) во однос на јаглеродниот отпечаток. Тие додаваат и дека ова е значајно поради тенденциите на Европската Унија да биде климатски неутрална до 2050 година, или економија со нето нулта емисија на стакленички гасови, поради што од Комората сметаат дека е јасно оти етапно ќе бидат опфатени сите сектори.
На прашањето на „Нова Македонија“ дали е подобро да се воведе данокот за загадување во земјава, со што извозниците ќе бидат ослободени од данокот при извоз на производите, но ќе бидат опфатени сите компании, а парите за данокот ќе останат во домашниот буџет, од Комората имаат јасен став.
– Законот за климатска акција, кој е веќе во нацрт-фаза, ќе значи широк опфат на правни субјекти, т.е. тие што се, но и тие што не се извозно ориентирани, и нивно внесување во системот на мерење, а воедно и јаглеродно оданочување. Тоа ќе значи принуден чекор напред во технолошка смисла, дополнителни давачки во финансиска смисла, но и нов економски предизвик за дорегулација, односно сега веќе заштита на домашниот производ (кој ќе биде финансиски редефиниран) од увозните странски производи што не подлежат на ваков тип на оданочување и кои во одреден момент ќе бидат поконкурентни во цената – посочуваат од Комората.
Од СКМ потенцираат дека за одложување на регулативата ЦБАМ може да одлучува само ЕУ, а не компаниите што ќе бидат засегнати од самата мерка.
Сепак, оттаму додаваат дека со оглед оти се работи за пандан на системот за тргување со емисии на Европската Унија (EU Emission Trading System – EU ETS), кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија, ЦБАМ претставува механизам за производите што се увезуваат на пазарот на ЕУ од трети земји, а со самото тоа заштита на конкурентноста на европските компании како приоритет, а воедно и опфат на преостанатите аспекти за заштита на животната средина преку дестимулирање на јаглеродните емисии, какво било одложување е повеќе од извесно дека нема да има, а доколку би имало, тоа би било за некој краток временски период, што повторно го прави механизмот ЦБАМ – реалност.
Она што е особено важно на еден месец пред примената на овој нов закон е колку домашните компании се подготвени за промената што ја бара ЕУ. Од Комората посочуваат дека некои од компаниите се подготвени, но голем дел е прашање дали воопшто се.
– Добрата околност е опфатот на оваа регулатива, односно само на секторите железо и челик, алуминиум, вештачки ѓубрива, цемент, електрична енергија и водород. Другите сектори во моментов не се опфатени, но има најави дека оваа регулатива во скоро време ќе го проширува својот опсег, па адекватно на тоа, препорака до другите сектори е полека да се подготвуваат за самиот процес – посочуваат од СКМ.
ЕУ-пазарот за нашите компании е многу битен, бидејќи најголем дел од извозот оди во европските земји. Затоа се наметнува прашањето дали има опасност овие синџири да се нарушат поради недостигот од тело што ќе докаже колку енергија доаѓа од обновливи извори.
Сепак од Комората уверуваат дека синџирите на деловна соработка се условени пред сѐ од бизнис-логиката, па сѐ додека постои таа нема да има опасност по нив, односно сѐ додека станува збор за конкурентни цени и деловните конекции ќе траат.
– Во моментот кога ќе се испреплетат и критериумите за унапредување на животната средина, ЕСГ-стандардите, па и т.н. зелени кредити и сл. може да се очекува определено репозиционирање на бизнис-партнерите од ЕУ, т.е. тие да почнат да инсистираат и да бараат „зелени производи“. Исклучително важно во овој момент е да се утврди националниот емисионен фактор, кој значајно ќе придонесе во процесот на конкурентноста, од аспект на јасно утврдени параметри, кои понатаму ќе ја детерминираат и цената, но и подобноста на нашите компании во градењето партнерски бизнис-релации со компаниите од ЕУ – нагласуваат од СКМ. Е.Р.


  • Од она што досега е познато во јавноста, оваа давачка засега се однесува на неколку категории, како што се индустријата на цемент, производството на водород, железо и челик, алуминиум, вештачки ѓубрива и електрична енергија. Според упатените во проблематиката, околу 250 компании во Македонија се засегнати од оваа новина, а тоа се претежно извозници што потпаѓаат во некоја од претходно споменатите шест категории

Од почетокот на следната години Европската Унија треба да почне со имплементација на ново даночно оптоварување познато како јаглеродно гранично приспособување или ЦБАМ/КБАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism). Данокот ќе треба да го плаќаат и некои од македонските компании што извезуваат свои продукти во европските земји. Од она што досега е познато во јавноста, оваа давачка засега се однесува на неколку категории, како што се индустријата на цемент, производството на водород, железо и челик, алуминиум, вештачки ѓубрива и електрична енергија.
За оваа новина некои од компаниите веќе се запознаени, но за некои од нив таа сѐ уште предизвикува забуна, особено што, според упатените во проблематиката, за исполнување на барањата на ЕУ, компаниите ќе се соочат и со пообемна и доста прецизна папирологија. За да бидат работите појасни испративме прашања до голем број институции, но и до претставници на компании.
Според упатените во проблематиката, околу 250 компании во Македонија се засегнати од оваа новина, а тоа се претежно извозници што потпаѓаат во некоја од претходно споменатите шест категории. Некои од овие компании имаат поголеми средства или ресурси или имаат доминантна сопственост од странство и капацитети да го разберат овој механизам и да го пријават. Но, некои од компаниите сѐ уште не знаат како точно ќе изгледа пополнувањето на формуларите за вградени емисии на јаглероден диоксид во производите. Претпоставките се дека за плаќање на овие давачки од страна на домашните извозни компании сумата може да се движи од 40 до 80 милиони евра, ако извозот остане во слични рамки како досега. Е.Р.


Организацијата на работодавци на Македонија апелира да не се брза со мерки што може да ѝ наштетат на националната економија

Не треба по секоја цена да ги прифаќаме директивите и законите од ЕУ
ако тие ни се одразуваат негативно

Прашањето на плаќање данок на јаглероден диоксид и другите прашања од областа на заштитата на животната средина се многу комплексни прашања и не треба да се сфаќаат само како нешто што мора да се исполни.
Случувањата во Европа во последните години покажаа дека борбата за заштита на животната средина има своја цена и некој мора да го плати тоа. Замената на термоцентралите на јаглен со струја од обновливи извори, затворањето на нуклеарните централи и други слични потези ја нарушија конкурентската способност на европските компании. Ова го посочува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, на темата за јаглеродниот данок, и како домашните компании да се приспособат на новите услови што ги наметнува ЕУ.
– Европа не смее да се покажува како „спасител на планетата Земја“ ако исти потези не прават и другите држави од светот. Залудни се настојувањата за обезбедување чиста или зелена енергија ако остатокот од светот сѐ уште произведува енергија од јаглен или нафта. Затоа Македонија мора да биде многу внимателна со ваквите чекори. Мора да се направи сеопфатна анализа, што би значело ова за нашите стопански субјекти, дали негативно ќе се одрази на нивното работење и дали ќе се загрози нивниот опстанок – нагласува Димитров.
Тој појаснува дека државата мора да обезбеди верификациско тело што ќе има податоци за сите производствени капацитети од т.н. обновливи извори и да направи сѐ за да го намали товарот врз компаниите.
– Не треба по секоја цена да ги прифаќаме директивите и законите од ЕУ ако тие негативно се одразуваат врз нашата економија. Видовме досега дека високиот степен на хармонизација на нашето законодавство со европското воопшто не претставува предност за да ги започнеме преговорите за влез во ЕУ, туку политичките критериуми се пред сѐ. Затоа нашиот интерес треба да биде на прво место. Од друга страна, Македонија сѐ уште има неискористени огромни водни потенцијали и можности за изградба на реверзибилни хидроцентрали, кои не само што ќе обезбедат чиста електрична енергија туку ќе можат да го „складираат“ вишокот на електрична енергија произведена од соларните централи во часовите кога имаме многу сонце – нагласува Димитров.
Тој воедно додава дека „искуството од минатото ни говори дека земјите што не се придржуваа слепо на наредбите од ММФ и Светската банка, туку на прво место го ставаа националниот интерес, многу полесно се справија со сите предизвици што ги донесе транзицијата на системот“.
Затоа, потенцира на крајот Димитров, и во овој случај не треба да брзаме да ѝ се додворуваме на Европа на сметка на нашиот национален интерес. Е.Р.

Влада: Интензивно се работи на концептот за техничка поддршка на домашните компании

Претставниците на Владата појаснуваат за „Нова Македонија“ дека внимателно се следат сите регулативи што ги донесува Европската Унија, вклучувајќи ја и регулативата за воведувањето на јаглеродната такса.
– Внимателно ја следиме динамиката на европската регулатива за воведување на КБAM. Иако оригиналната регулатива предвидува дека од 1 јануари 2026 треба да започне примената на новиот режим, клучните подзаконски акти, технички правила и практични упатства – особено деталните правила за верификација, акредитација, пресметка и признавање на плаќања сè уште се финализираат. Тоа создава реални неизвесности за сите засегнати земји, па затоа со Европската комисија сме во континуирана комуникација за сите отворени прашања – укажуваат од Владата.
Оттаму додаваат дека предлози за пофлексибилни рокови и одложување на обврската за купување сертификати за 2026 до 2027 година веќе се дискутираат на ниво на ЕП/Совет. Сепак, тие потенцираат дека засега нема конкретни информации и овие можности зависат од политички договор меѓу институциите на ЕУ.
– Во овој момент најважно е компаниите навремено да се подготват: да ги согледаат своите производствени процеси, да ги организираат податоците за емисиите и да ја проценат потенцијалната изложеност кон КБАМ. Ова е клучно за да се зачува конкурентноста на домашните извозници на европскиот пазар, особено кога дел од правилата и понатаму се доработува – нагласуваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека паралелно, како држава, интензивно работат на неколку правци: зајакнување на националната инфраструктура за верификација, а особено на алатките за техничка поддршка за компаниите.
– Клучно е обезбедување предвидливи услови, намалување на финансиските ризици за извозниците и создавање стабилна рамка што ќе им овозможи на компаниите да продолжат да работат на европскиот пазар без нарушување на нивните синџири на снабдување – заклучуваат на крајот од одговорот. Е.Р.


Од наш агол: Уште еден поглед кон јаглеродното гранично приспособување (ЦБАМ)

1. Јаглеродното гранично приспособување (ЦБАМ) не е еколошка мерка, туку еколошка санкција

Од следната година Европската Унија започнува со примена на таканаречениот јаглероден граничен механизам (ЦБАМ) – уште еден „зелен“ данок што, барем на хартија, треба „да ја спасува планетата“ (!?).
Меѓутоа, во реалноста, овој механизам претставува уште еден удар врз земјите во развој и нова форма на наметнување инструментариум за одржување економска нерамноправност, маскирана како еколошка грижа.
Додека земјите од ЕУ со децении индустриски се развиваа без никакви еколошки ограничувања – загадувајќи, уништувајќи и експлоатирајќи ресурси и надвор од матичните држави до максимум – денес, откако достигнаа висок степен на развој, решија да ни држат лекции нам, на малите и неразвиени. Иронијата е уште поголема ако се знае дека над 90 отсто од историското и тековното глобално загадување доаѓа токму од развиените земји.
Сега, кога тие веќе имаат акумулирано капитал, технологии, модерна инфраструктура и алтернативни извори на енергија, од нас се бара истото тоа – без да ни се дозволи прво да се развиеме. За земји со застарена индустрија, ограничени финансии и зависност од класични енергетски извори, ЦБАМ не е еколошка мерка, туку – економска казна.
Апсурдот оди и чекор понатаму. Истата таа Европа, соочена со енергетска криза, ги враќа термоцентралите во својот енергетски систем. За нив тоа е привремено и подносливо решение. За нас, малите економии, тоа е луксуз што не можеме да си го дозволиме – ниту финансиски, ниту структурно. Кога богатите загадуваат, тоа се вика „реалполитика“. Кога сиромашните се обидуваат да преживеат, тоа се вика „неусогласеност со европските стандарди“.
Никој кај нас не е против заштитата на животната средина. Напротив. Сите знаеме како треба. Но екологија без развој не постои, исто како што не постои ни транзиција без капитал. Со застарена индустрија и казнени механизми не се оди напред – се оди назад. Се гаси производството, се губат работни места и се продлабочува зависноста. Или токму тоа е заднината на ЦБАМ-мерката: земјите во развој да си останат неразвиени?!
Оставете нè прво да се развиеме. Барем уште деценија-две. Нашите енергетско-индустриски капацитети ниту оддалеку не загадуваат, ниту ќе загадуваат како оние на развиените западни држави. Оставете нè да изградиме модерни капацитети, чисти извори на енергија, помогнете за изградба на когенеративни централи, па дури и на мали, модуларни нуклеарни централи. Потоа, рамноправно и без приговор, ќе ги спроведуваме сите зелени политики. Вака, ЦБАМ не е зелена политика – туку зелена бариера. Не е борба за планетата, туку борба за пазарот. Алатка за богатите да останат богати и развиени, а другите да бидат неразвиени или земји во развој за навек. А цената, како и секогаш, ќе ја платат земјите што сè уште се обидуваат да застанат на нозе. Р.Н.М.


2. Деиндустријализација, а не механизам за успешна зелена транзиција

Од 1 јануари 2026 година Европската Унија целосно ќе започне со примена на ЦБАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism) – механизам со кој увозниците во ЕУ ќе плаќаат „јаглеродна цена“ за производи што доаѓаат од земји што немаат слични еколошки политики. Во преодниот период (2023–2025) се врши само известување, но од 2026 година следува директен финансиски удар.
ЦБАМ опфаќа сектори како челик, цемент, алуминиум, ѓубрива, електрична енергија и водород – токму оние индустрии што се основа на економиите во развој.

Ист старт, нееднаква трка

Според податоците на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), над 75 отсто од кумулативните глобални емисии на јаглерод диоксид од 1850 година до денес потекнуваат од денешните развиени земји. Европската Унија, заедно со САД, историски е меѓу најголемите загадувачи.
Само за споредба:
· Просечен жител на ЕУ емитува околу шест–седум тони јаглерод диоксид годишно.
· Во многу земји во развој таа бројка е под три тони.
· Во некои балкански земји дури и под два тона по жител.
И покрај оваа разлика, ЦБАМ не прави историска корекција, туку воведува ист товар за сите – без разлика дали загадувале 150 години или само 30. Европската комисија (ЕК) отворено признава дека ЦБАМ има и заштитна функција за европската индустрија. Со други зборови – тоа е де факто царина, но под „зелено име“! Процените на економските аналитичари покажуваат дека „производите од земји во развој може да поскапат од 10 до 35 отсто, дека извозот на челик и цемент кон ЕУ може да стане неконкурентен и дека малите економии немаат капацитет брзо и ефикасно да инвестираат во скапата „зелена“ трансформација.
За земји со стара индустрија, ограничен пристап до капитал и скапа енергија, ова значи деиндустријализација, а не транзиција!

Повторно двојни стандарди: Европа и јагленот

Најголемата иронија е што истата таа Европска Унија, по енергетската криза од 2022 година, повторно ги активираше термоцентралите на јаглен:
· Германија привремено врати над 10 гигавати јагленски капацитети.
· Полска и Чешка никогаш не ни излегоа целосно од јаглен.
· Франција, пак, има луксуз на нуклеарна енергија со минимални емисии.
За богатите земји, ова е „привремено решение“.
За малите и неразвиени – структурен проблем што ЦБАМ го казнува.
ЕУ бара чиста енергија, модерна индустрија, ниски емисии…Но ЕУ не нуди доволен финансиски трансфер, пристап до евтини технологии, временска рамка што го признава развојниот јаз… Инвестицијата за целосна декарбонизација на една мала индустриска економија се проценува на 5–10 милијарди евра – сума што за многу земји во развој сѐ уште е недостижна.

Екологија да, економска асиметрија – не!

ЦБАМ во сегашната форма не е само климатска политика. Тој е економски филтер што ги фаворизира развиените и ги притиска земјите во развој токму во моментот кога треба да растат. Зелената транзиција мора да биде постепена, фер, праведна, развојно чувствителна… Во спротивно, таа не е транзиција, туку регрес. Затоа, нашата порака до овој Брисел е: Оставете ги земјите во развој прво да се развијат.
Оставете ги да создадат капитал, технологија и стабилна енергетска база. Потоа – да, правилата нека важат за сите еднакво. Инаку, ЦБАМ нема да ја спаси планетата. Ќе ја продлабочи глобалната нееднаквост. Р.Н.М.