Македонците, без разлика на местото на раѓање, живеење или работење, се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да вложат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставници на Македонците надвор од Македонија, во соседството и македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може да направат тие за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.
Интервју со Драги Стојковски, претседател на организацијата „Обединети Македонци“ од Канада
Драги Стојковски, претседател на организацијата „Обединети Македонци“, најстарата македонска национална и културна организација во Канада, е еден од најангажираните Македонци на нашата дијаспора низ светот. Стојковски е долгогодишен член на МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Торонто, како долгогодишен поранешен претседател на Македонското движење за човекови права во Канада. Низ децениите Стојковски организира голем број средби со странските конзули во Торонто за лобирање за меѓународно признавање на Република Македонија, а во таа конотација беше член и на делегацијата на состанок со претставниците на канадското министерство за надворешни работи кога беше побарано признавање на Македонија под уставното име. Во 1993 година е еден од организаторите на протестот во Отава кога беше побарано признавање на Македонија од страна на канадските власти. Тој долгогодишен борец за првата на Македонците што живеат во Република Грција, и како член на македонската делегација на ОБСЕ учествува на конференцијата за човекови права во Варшава и на седницата на Комисијата за човекови права при Обединетите нации. Во 2009 година му беше домаќин на канадскиот премиер Стивен Харпер на Гоцевата вечер, по повод педесетгодишнината од основањето на организацијата „Обединети Македонци“ во Канада. Со Драги Стојковски разговаравме за проблемите со кои се соочуваа македонска дијаспора, но и за тоа како Македонците од Канада гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската заедница размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нивната поддршка.
Според ваша пообјективна опсервација однадвор, по кој пат треба да исчекори Македонија за да тргне по патот на одржлив развој?
Спасот за Република Македонија како единствена држава на македонскиот народ е во обединување на сите национално свесни сили во државата, од политичките партии до последното здружение. Во спротивно, нема да опстои државата. Албанско-бугарските неофашисти ќе го стегаат обрачот сѐ додека не пукне и, и покрај сите жртви за своја македонска држава, ќе останеме без држава, како пред 1944 година. На тоа сме очевидци и по нивната иконографија и по белезите и по постапките.
Убеден сум дека македонското национално единство за спас на Република Македонија е остварливо исклучиво ако во него се вклучат сите Македонци и нивните здруженија, организации и црковни општини низ светот; заеднички настап во кој ќе се вклучат национално свесните Македонци од Република Македонија, од иселеништвото и од соседните држави.
Тој национален фронт мора да настапи со недвосмислен поглед кон иднината, но со огромна почит кон нашата славна историја и јунаците што ја испишуваа; со недвосмислено ветување за раскин на сите штетни меѓународни договори, со цел возобновување на Република Македонија во држава на македонскиот народ и малцинствата; држава што ќе гради добри односи со сите држави и народи што нѐ почитуваат и признаваат како Република Македонија, во која живее државотворниот македонски народ и кој зборува на македонски јазик. Во таква македонска татковина со гордост ќе останат младите и ќе се охрабрат многу иселени да се вклучат на економско поле, па зошто и да не се враќаат?
Дали треба да се промени Уставот за вклучување на Бугарите?
Замислете Американците да ги впишат Талибанците во американскиот устав. Невозможно, нели? За мене впишувањето на Бугарите во македонскиот устав е исто така незамисливо. Ние еднаш воено ги победивме сите фашисти и нацисти, вклучувајќи ги бугарските. И сега, ако ги внесеме Бугарите, т.е. новите бугарски фашисти во нашиот устав, тоа ќе значи дека ние газиме по телата и крвта на нашите борци што нѐ спасија од бугарската чума за време на Втората светска војна.
Покрај тоа, сите овие новокомпонирани Бугари во Република Македонија во стварност се продадени Македонци, кои не можат да се ослободат од стокхолмскиот синдром, или пак и тие, како и нашите политичарчиња, од алчност си го гледаат само својот моментален личен интерес.
Каков е вашиот став за укинувањето на трите пратенички места од дијаспората?
Укинувањето на трите пратенички места од иселениците го покажа непријателскиот став на СДСМ кон сите Македонци што живеат надвор од Република Македонија, вклучувајќи ги и иселениците како и сите Македонци што живеат во соседството, т.е. поробените делови од Македонија. Од самиот почеток на идејата за иселенички пратеници, која почна во владението на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски, се покажа дека една добра идеја била осмислена како партиска битка за повеќе пратеници. Првичното искуство со трите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа и го покажа. Наместо разработување стратегија за тројца претставници од иселениците, кои требаше да бидат мост помеѓу татковината и иселеништвото, се преобрази во партиско вработување на тројца анонимци што беа непознати во иселеничките средини и, соодветно на тоа, немаа никаков авторитет да посредуваат и зборуваат во име на иселеништвото. Знаејќи дека нема можност за пресврт и победа со свои кандидати, СДСМ ја искористи оваа хаотична состојба и даде нереален цензус за самоукинување на трите пратенички места.
Мислам дека оваа состојба може да се поправи единствено со овозможување на самите иселенички средини да си изберат свои видни избраници, кои ќе бидат членови на едно советодавно иселеничко тело што ќе биде мост со татковината. За целосна независност на членовите на Советот, самите треба да си ги преземат трошоците за патување во Република Македонија, или од сопствени средства или од средините што ги избираат. Истовремено, треба да се искористат сите современи електронски начини на средби, за кои не се потребни никакви парични трошоци.
Каков е вашиот став за актуелните состојби во Македонија?
Од самото осамостојување на Република Македонија во 1990 година, власта беше преземена од новопечените олигарси, т.е. старите моќници и/или нивните деца. Ако ги погледнеме имињата и презимињата на тие што го опљачкаа целото народно благо создавано 45 години по Втората светска војна, ќе видиме дека истите олигарси ја водат (читај упропастуваат) македонската економија и ги влечат конците на политичарчињата што се зависни од домашните олигарси и странските мешетари.
Според тоа, не зачудува фактот дека државата е целосно нефункционална. Пропаднато е сѐ, почнувајќи од економијата и животниот стандард, преку уништеното здравство и урнисаното образование. Затоа и мнозинството млади гледаат да се школуваат во странство за полесно да останат таму или веднаш по дипломирањето да бараат подобар живот некаде во белиот свет. Нели и самиот претседател на државата рече дека ако не бил претседател, и тој веќе ќе заминел.
Нестручното вработување и корумпираните партиски кадри се само симптом на мафијашкиот режим што владее со Република Македонија. За нив не постои национален интерес, само личен интерес во лицето на партискиот интерес.
Каков е вашиот став за великоалбанските пројави во Македонија?
Великоалбанските пројави не се ништо ново. Нив ги имаше и пред 1990 година, но тогаш имавме организирана држава што донекаде ги штитеше националните интереси. По 1990 година, и секоја година потоа во поголем обем се зголемуваат апетитите на албанските неофашисти. На воено поле врвот беше достигнат во 2001 година, но на политичко поле нивните барања нагорно ќе се искачуваат сѐ додека не си ја остварат својата конечна цел, а тоа е голема Албанија. Кој не го гледа тоа, се лаже себеси или, пак, има интерес да нѐ лаже сите. Соживот не може да има со луѓе што градат споменици на веќе еднаш победени фашисти/балисти и луѓе што истите тие ги воздигнуваат во национални јунаци. Истовремено, нашите т.н. стратегиски партнери немо го набљудуваат сето тоа како да не се од оваа планета.