На 19 февруари, со почеток во 20 часот, Националниот џез-оркестар ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Ренато Чико. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Ренато Чико е музичар чиј израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на Лајонел Хамптон, дејствувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови како „Бу ноут“ и „Бирдленд“. Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент што во проектот „Орган енд биг бенд“ е поставен во центарот на оркестарскиот израз. На концертот ќе биде изведена програмата од неговиот албум „First Encounter – Organ & Big Band“, проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани.
Специјален гостин на вечерта е Енди Вотсон (Њујорк) – тапанар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како „Вангард ез оркестра“ и „Тошико Акијоши Биг Бенд“. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект.