Научниците од Британскиот универзитет во Рединг во најновото истражување заклучија дека се јавуваат нови закани за пчелите како резултат на војните, употребата на микропластика, но и уличното осветлување, објавија британските медиуми. Студијата покажува дека војните, како онаа во Украина и Газа, се меѓу 12-те најсериозни закани за популацијата на пчели во следната деценија. Научниците предупредија дека зголемениот број конфликти низ целиот свет им штети на пчелите, бидејќи земјите во војна, како што се Украина и Газа, се принудени да одгледуваат помалку култури, оставајќи ги пчелите без разновидна храна.
Истражувачите, исто така, откриле дека микропластичните честички ги контаминираат кошниците низ цела Европа. Тие испитале 315 колонии пчели и откриле присуство на синтетички материјали, како што е ПЕТ-пластика, во повеќето од нив. Исто така, беше заклучено дека поради уличното осветлување, инсектите ги опрашуваат цвеќињата помалку ноќе, за дури 62 проценти, а загадувањето на воздухот е еден од факторите што ги загрозуваат опстанокот и репродукцијата на пчелите. Во исто време, студијата, исто така, наведува дека антибиотиците и пестицидите што се користат во земјоделството завршуваат во кошниците и медот, а поради нивното присуство, пчелите ги опрашуваат цвеќињата во помала мера.
– Идентификувањето нови закани и наоѓањето начини за заштита на пчелите се од клучно значење за да се спречи понатамошно намалување на нивниот број – истакна професорот Сајмон Потс, кој го водеше тимот истражувачи.
Тој предупреди дека не станува збор само за конзервација, бидејќи пчелите играат централна улога во прехранбениот систем, отпорноста на климатските промени и економската безбедност.
– Со заштита на пчелите, се заштитуваме себеси – рече Потс.
Авторите на студијата повикаа на преземање голем број мерки за таа цел, вклучувајќи построги закони за ограничување на употребата на антибиотици, кои му штетат на здравјето на пчелите, префрлање електрични возила за намалување на загадувањето на воздухот, како и создавање средини богати со цвеќиња во рамките на соларните паркови и одгледување растителни видови со поголема содржина на полен и нектар за подобро хранење на овие инсекти.