Проф. д-р Томислав Таневски, композитор, истражувач, музикотерапевт и пријател на децата
- Со издавањето на книгите „Основи на музикотерапијата“ и „Со песна растеме“, Таневски одбележува 45 години творештво поврзано со музиката, децата и со едукацијата. На повидок е и третата книга „Музикотерапија – од древна мудрост до современа терапија“, со која се надевам дека уште повеќе ќе ја доближи оваа гранка на музиката до идните наставници и професори по музика, со што тие ќе можат да ги упатат во вистинска насока и да им помогнат на своите ученици со или без попреченост
Професор д-р Томислав Таневски со две објавени книги, третата е во подготовка, го одбележува својот јубилеј – 45 години творештво поврзано со музиката, децата и со едукацијата. Станува збор за делата „Основи на музикотерапијата“ и „Со песна растеме“. Како што вели авторот, тој на овој начин сака да остави трага за сработеното сите овие години, а тоа навистина не е малку.
Таневски (70) се стекнува со звањето доктор по музички науки во 2013 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на композиторот, проф. д-р Томе Манчев. Неколку години пред тоа, под негово менторство станува магистер по методика на музичка настава. Тој е и дипломиран професор по предучилишно воспитување и наставник по музика. Дипломирал на Педагошката академија во Скопје, каде што под менторство на проф. Кирил Македонски навлегува во областа на музичката психологија и наедно ги започнува своите први композиторски и оркестарски обиди. Во изминатите 45 години, Таневски напишал 500 песнички за деца и народни песни во духот на традиционалната македонска песна, а тоа се приближно 2.000 минути снимена музика. Бил раководител на многу детски хорови и прв човек на повеќе детски фестивали. Автор е и на повеќе публикации, во кои како неуморен творец и истражувач на музиката пишува за нејзиното влијание врз луѓето. Многу години, во рамките на ДКЦ „Карпош“ во Скопје, раководеше со центарот за детско изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација „Џунџуле“, пред сѐ наменет за деца со посебни потреби.
За својот вложен труд, упорност и креативност, тој е добитник на голем број награди и признанија, дома и во странство, меѓу кои е и наградата „13 Ноември“. Бил професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА, а од 2015 година е ангажиран професор на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што предава на Музичката академија и на Факултетот за образовни науки.
Листата на Ваши издадени дела од скоро е побогата за две изданија. Најпрво кажете ни за кого е наменета Вашата нова книга „Основи на музикотерапијата“?
– Книгата е наменета за воспитувачите, стручните соработници во детските градинки, музичките педагози, одделенските наставници, за педагошко-психолошката служба во основните училишта, како и за студентите на педагошките факултети за музичка уметност – оддел за музичка теорија и педагогија. За сите оние што се заинтересирани да дејствуваат или да придонесат за употребата на музикотерапијата како педагошко-методски пристап во воспитувањето и образованието на децата со посебни образовни потреби и на децата воопшто.
Како композитор, Вие сте плоден автор на песни за деца и возрасни. Во Вашата книга „Со песна растеме“, чинам, успеавте да ги соберете сите на едно место.
– Да, во оваа збирка е прикажан поголем дел од моето творештво песни за деца, кои, според текстуалниот, ритмичко-мелодискиот и хармонски приказ, се наменети за предучилишна и за рана училишна возраст. Тие даваат едно видување за начинот на живеење и размислување за одредена детска возраст, како и за времето кога се создадени од педагошки аспект. Секоја од нив има своја приказна, дидактичка употреба, свој момент, своја згода и незгода и ослободени се од одредени негативности од секојдневниот живот, кои ги доведуваат децата во заблуда и им го пренасочуваат нивниот правилен развој. Интересно е дека заедно со книгата има и кјуар-код што води до мојот канал на Јутјуб, како и УСБ со речиси сите мои песнички за деца. Книгата им ја посветив на моите деца Александара, Билјана и Оливер, мојата постојана инспирација.
Како почна Вашата професионална приказна, што беше пресудно да се определите за музиката како предизвик и бескрајно поле за создавање, но и за истражување?
– Мојата музичка приказна почна уште од раното детство кога почнав да свирам прво на кавалче, а потоа и на хармоника. Кога имав седум-осум години, првото музичко образование ми го даде мојот роднина Панче Нанчев, познат хармоникаш и шеф на Народниот оркестар на МРТВ. Инаку, мојот чичко Благоја Таневски-Бела беше тимпанист во Македонската опера и балет. Еве и еден куриозитет, моите чичковци ми открија дека народната песна „Ајде дали знаеш паметиш Милице“ всушност е авторско дело на мојот дедо по татко, Томе, чие име го носам и ми оставија аманет и да го докажам тоа. Се надевам така и ќе биде.
Во изминатите години Вие неуморно работите со децата. И самиот почнавте да навлегувате во светот на музиката во ДКЦ „Карпош“, прво како тинејџер, а потоа и како вработен. Дали сте задоволен од постигнатото?
– Задоволството е големо, но мислам дека имам уште што да кажам на професионален план. Инаку, ДКЦ „Карпош“ отсекогаш бил, а се надевам така ќе биде и во иднина, расадник на талентирани деца, особено во областа на уметностите. Јас токму поврзано со тоа создадов две програми: „Откривање надарени деца“, преку соодветни меѓународно признаени тестови, и „Програма за работа со надарени деца“. Ете низ годините јас сум работел со Симон Трпчески, Ана Дурловски, Горан Алачки, Маја Панчева и многу други талентирани деца. Исто така со ДКЦ „Карпош“ имав можност да патувам низ целиот свет, да запознавам различни култури и начин на живеење. Сите овие спомени трајно ќе останат во моите сеќавања.
И детските фестивали беа сфера на Вашиот креативен интерес, а пред сѐ „Златно славејче“. Сѐ уште се пее вашата песна „Еј Дејане, Дејане“, но и многу други. По повод 40-годишниот јубилеј, Вие ја изготвивте и монографијата, а долго бевте и диригент на хорот и на солистите и важите за голем познавач на случувањата поврзани со славејчињата.
– „Златно славејче“ е неизоставен дел од моето музичко творештво и ангажман. Вложив многу во неговиот подем, што наедно беше и мој раст на музички план, но моите релации со фестивалот беа прекинати кога на фестивалот веќе не се пееше во живо, а се случија и некои други промени, што засекогаш го сменија неговиот лик. Но му вдахнав живот на детскиот фестивал „Калинка“ во Гевгелија, чиј уметнички директор бев од 1991 до 1998 година, кој придонесе за поголем развој на детската песна кај нас. Најмногу се посветив на изборот на песни за предучилишна возраст. Исто така во ДКЦ „Карпош“ бев уметнички раководител на уште еден фестивал за деца, но со песни со фолклорни мотиви – „Плетенка“. Учествував и во активностите на детскиот хор „Росица“, со кој ја снимивме емисијата „Весела вртелешка“ посветена на композиторот Александар Џамбазов. Со „Росица“ и со балетската секција на домот го изведовме и првиот детски мјузикл „Аладин и волшебната ламба“ од словенечкиот композитор Марко Михевц, каде што исто така имав улога и на продуцент. Имавме 65 изведби со мјузиклот на сцената на МНТ-Центар, што е голем успех.
И Вашите ангажмани во МРТВ се поврзани со детската песна, но и со творештвото воопшто.
– Во МРТВ бев хонорарен музички продуцент, но и раководител на детскиот хор, со кој учествувавме во снимањето на две големи серии – „До-ре-ми“ и „Дајте музика“. Но во Македонската телевизија бев и музички продуцент на народна музика, посебно со оркестрите: чалгии, изворни инструменти и надворешни состави. И самиот напишав многу народни песни, а некои од нив станаа големи хитови. Ќе споменам неколку наслови: „Туѓа си бескрајно“ на Ефто Пупиновски, „Ноќва сакав да те будам“ на групата „Нели ти реков“, „Мајсторе, мајсторе“ на Петранка Костадинова, „Запејте мераклии“ и „Цела вечер ќе ти пеам“ што ги отпеа Атина Апостолова, „Дуќанџијо“, која е дел до репертоарот на Блага Петреска… Како аранжер исто така оставив печат. Меѓу другото го направив аранжманот на „Бисер балкански“, песна што и денес живее и се пее.
Вашата сестраност и голем професионален успех веројатно се должат и на Вашите учители и ментори. Со кого растевте како автор?
– Уште додека студирав, професорот Кирил Македонски ме воведе во музикотерапијата и работата со деца со посебни потреби. Тој беше единствен композитор што работеше со тие деца во бивша Југославија. Се сеќавам, ми велеше: „Ти имаш посебен однос со децата и можеш да го работиш ова!“ И тогаш почнав со него да осознавам и да навлегувам во оваа област. Чувствувам голема почит и кон Александар Џамбазов, тој ме научи на многу важни работи за професијата. Научив од него за композицијата, психологијата на музиката за деца, за тоа како македонскиот јазик треба да се употребува во композициите. Имав чест Драган Ѓаконовски-Шпато да ме воведе во тајните на аранжирањето. Навистина, учев од најдобрите.
„Џунџуле“, центарот за детско уметничко изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација, е свет што, под Вашето будно око, беше создаден од тим од повеќе стручни лица. Токму ова здружение има голема важност за Вашите истражувања во полето на музикотерапијата. Кому му го посветивте центарот најмногу?
– За жал, по дваесетина години активност, центарот „Џунџуле“ престана да работи, но со него направивме пионерски чекори во воведувањето на музикотерапијата во нашето општество. Всушност тоа беше прв центар за уметничко изразување на децата со посебни потреби од сите категории и наедно прв центар каде што се практикуваше музикотерапијата на балканските простори. Основан е во 2001 година. Методолошко-научното практикување на музикотерапијата во „Џунџуле“ и постигнатите резултати го овозможија нашето полноправно членство во Светската федерација за музикотерапија. Своевремено во неговата работа беа вклучени: музкотерапевт, психолог, лекар, дефектолог, ликовен педагог и 50 волонтери и добри луѓе што работат со деца со попреченост, давајќи им можност за вклучување во социјалниот и во општествениот живот. Музиката како лек тука се користеше низ пеење, компонирање и низ слушање. Во овој контекст би ги издвоил моите дела: „Музикотерапија за сосредоточено внимание“, „Нацртај сон, желба, чувство“ и „Музиката на виножитото“, кои ја истакнуваат улогата на музиката во меѓусебната комуникација и разбирање.
Вие сте можеби единствен едуциран професор по музикотерапија не само кај нас туку и на Балканот. Кажете ни како всушност дејствува музиката на луѓето, дали навистина лекува?
– Музиката подобрува некои состојби, затоа тука стои и додавката терапија. Ако имате нарушување на организмот, особено психичко, музикотерапијата ја одржува состојбата и многу често ја подобрува. Од мојата досегашна работа како музикотерапевт, драма и арт-терапевт и монтесори-терапевт стекнав големо искуство за универзалноста на музиката како средство за невербална комуникација, бидејќи тоа е јазик што сите го разбираат и сето тоа го преточив во моите научни трудови. Особено можам да ги истакнам видеоприрачникот „Движење низ музика“ и едицијата на анимирани видеоприказни „Мојата музичка сликовница“, чија правилна употреба од страна на обучен педагошки кадар може да им го направи секојдневието поинтересно и полесно на децата со психомоторни проблеми. Искрено се надевам дека Министерството за образование ќе покаже интерес и многу скоро сето мое знаење од оваа област ќе можам да им го пренесам на помладите.
Бидејќи сте незапирлив како автор, кажете ни што е најново кај Вас на професионален план?
– Наскоро ќе излезе од печат и третата моја книга „Музикотерапија – од древна мудрост до современа терапија“. Се надевам дека со неа уште повеќе ќе ја доближам оваа гранка на музиката до идните наставници и професори по музика, со што тие ќе можат да ги упатат во вистинска насока и да им помогнат на своите ученици со или без попреченост.

































