фото: приватна архива

Прва книга за деца на авторката Марија Трифуновска Тасеска

Неодамна од печат излезе новата сликовница „Мравката Данка Спанка го спасува Божиќ“ на авторката Марија Трифуновска Тасеска. Станува збор за топла и поучна приказна, која кај најмалите буди не само насмевки туку и мисли за создавање подобар свет.
– Навидум мравката Данка Спанка е мрзлива и одбегнува работа, што е спротивно на карактеристиките на мравките. Но токму таа нејзина мана, другите ја прифаќаат без осудување. Така, љубовта и заедништвото ги поттикнуваат нејзината преобразба и нејзиниот развој кога доаѓа момент да ја жртвува својата удобност за доброто на другите – вели авторката Трифуновска Тасеска.
Сликовницата беше промовирана во Универзитетската библиотека „Климент Охридски“ во Битола, пред многубројна детска публика, која ја исполни салата со џагор и смеа. Присутните деца изработија исто таков шал каков што мравките ѝ подаруваат на Данка Спанка во сликовницата, во знак на љубов, внимание и почит кон различностите.

Писателот Михајло Свидерски, во рецензијата за сликовницата потенцира дека авторката пишува со лирска мекост, ставајќи ја добрината во центарот на вниманието.
– Сцените на радост, заедништво и благодарност внесуваат атмосфера на топлина и сплотеност, со што сликовницата станува вистинска празнична читанка. Финалната порака за прифаќање, почитување и за искрено другарство, која Данка ја изразува како своја божиќна желба, ја заокружува приказната со мудрост што е вредна да се понесе низ животот – подвлекува Свидерски.
Марија Трифуновска Тасеска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за англиски јазик и книжевност како преведувач и толкувач од англиски на македонски јазик и обратно. Магистрирала во областа на менаџментот и човечките ресурси. Авторка е на три романи и една збирка поезија за возрасни. Една е од основачите на литературниот круг „Васил Иљоски“ основан во Крушево, а членка е на друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“. Сликовницата „Мравката Данка Спанка го спасува Божиќ“ е нејзина прва објава за деца.

Ф.Д.