Илустрација: „Нова Македонија“

Извесно е дека Унгарија веќе има „кредит“ кај властите во Софија поради успешното посредување меѓу Брисел и Софија, во врска со приемот на Бугарија во шенген. Исто така, Унгарија ѝ овозможи на Македонија кредит од 500 милиони евра, конкретно поддржувајќи ја на евроинтегративниот пат, што значи дека официјална Будимпешта има рејтинг во подем кај нас, уважување и почит и кај Македонците.
Тргнувајќи од овие две позиции, со одоброволувањето на Бугарија со приемот во шенген, се смета дека се создава поповолна клима за обновување на идејата за унгарското посредништво во спорот помеѓу Софија и Скопје, кое првично беше одбиено од бугарските власти. Официјална Будимпешта, во рамките на принципите на ЕУ и меѓународното право, би можела да ги синхронизира Софија и Скопје за отворање меѓусебен дијалог за прашања од меѓусебен интерес, со почит и без наметнување еднострани решенија

Со унгарското претседавање на ЕУ се реши шенген- предизвикот на Бугарија и на Романија

Иако Романија и Бугарија сѐ уште имаат сериозни нерешени внатрешни проблеми, Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ донесе одлука двете држави да станат рамноправни членки на шенген-зоната, што значи укинување на контролата на патници на копнените граници, почнувајќи од 1 јануари 2025 година. За вакватa, во секој случај, генерално позитивна одлука, и во сенка, а и официјално, се смета дека е донесена и е резултат на унгарското претседателство со ЕУ, што унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер го претставува како унгарска иницијатива. Унгарското влијание за приемот на Бугарија во шенген-зоната создава подобра клима за можно обновување на идејата за унгарско посредување во спорот помеѓу Софија и Скопје, што првично беше одбиено од бугарска страна. Погодно е и што Унгарија моментално има значителен кредибилитет и кај двете земји, по овозможувањето на влезот на Бугарија во шенген, односно кредитот од 500 милиони евра за Македонија. Официјална Будимпешта, во рамките на принципите на ЕУ и меѓународното право, би можела да ги синхронизира Софија и Скопје за отворање меѓусебен дијалог за прашања од меѓусебен интерес, со почит и без наметнување еднострани решенија.

Унгарија медијатор од доверба: Ѝ заврши работа на Софија за шенген, но даде кредит и за Македонија

Со Унгарија како претседавач на ЕУ се заврши примањето во шенген за Бугарија и за Романија. Тоа е исклучително позитивен исчекор, како за граѓаните на Романија и Бугарија, така и за сите членки на ЕУ и шенген-зоната. Сега шенген-зоната ќе има над 419 милиони жители. Економската стоковна циркулација по патната структура изнесува 2,8 трилиони евра, на годишно ниво се регистрирани 1,3 милијарда премини, а на европските граници кон преостанатиот дел од Европа надвор од шенген работат околу 1,7 милион луѓе.
Радев длабоко му заблагодари на Орбан за унгарското претседателство со Советот на ЕУ и за неговата улога во приемот на Бугарија и Романија во шенген, при нивната средба во Софија минатата недела.
– Ова е навистина стратегиско достигнување од огромна корист за економијата и граѓаните, не само на Бугарија и Романија туку и на целата ЕУ. Во наредните недели ќе потпишеме и важен меморандум во транспортот и безбедноста, за користење на пристаништата во Варна и во Бургас, во областа на безбедноста и туризмот. Бугарија и Унгарија продолжуваат да развиваат исклучителна соработка во инвестиции, индустрија, финансии, градежништво, туризам. Бугарија ќе продолжи да биде сигурен партнер во енергетиката и ќе придонесе за безбедноста на снабдувањето и диверзификацијата на нашите партнери од Централна Европа. Унгарија е важен инвеститор во Бугарија. Ги повикуваме бизнисите од двете земји да соработуваат многу повеќе – рече Радев.
Орбан наведе дека Унгарија има нуклеарна централа, но не можеше да добие гориво од Украина, а само Бугарија може да ѝ помогне на Унгарија во тоа, истовремено изразувајќи благодарност до Бугарија.
Анкетите покажуваат дека Орбан е најпопуларниот европски лидер меѓу Бугарите, со позитивен рејтинг од над 40 отсто. Неговата улога во посредувањето за пристапувањето на Бугарија и на Романија во шенген-зоната за време на унгарското претседателство со ЕУ исто така помогна за неговата популарност. Радев и Орбан се единствените европски лидери што се противат на обезбедувањето воена помош за Украина, а имаат и одлични меѓусебни односи.
Орбан при посетата на Софија се сретна и со лидерот на водечката бугарска партија ГЕРБ, долгогодишниот поранешен премиер Бојко Борисов, кој се очекува да остане истакната фигура доколку се формира редовна влада. Борисов истакна дека тој и Орбан се пријатели веќе 20 години, изразувајќи задоволство за нивната средба.
Извесно е дека Унгарија веќе има „кредит“ кај властите во Софија поради успешното посредување меѓу Брисел и Софија во врска со приемот на Бугарија во шенген.
Исто така, Унгарија ѝ овозможи на Македонија кредит од 500 милиони евра, конкретно поддржувајќи ја на евроинтегративниот пат, што значи дека официјална Будимпешта има рејтинг во подем кај нас, уважување и почит и кај Македонците.
Како што е познато, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 8 октомври во Будимпешта, во името на Владата на Македонија, го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка. Кредитот е во висина од 500 милиони евра и, според низа економски и финансиски експерти, е со поволни услови: рок на отплата од 15 години, каматна стапка од 3,25 проценти и вклучен грејс период од три години. Половина од кредитот е предвиден за бизнис-секторот во Македонија.
Унгарија, како земја претседавач со ЕУ, со намера да одигра еден вид посредничка улога за да се надминат отворените разлики и на тој начин да се отвори македонскиот пат кон ЕУ, на цивилизиран и достоинствен начин, се обиде да посредува во спорот помеѓу Бугарија и Македонија. Сепак, подадената посредничка рака од страна на Унгарија беше експресно одбиена од официјална Софија, со образложение дека не е дозволено посредништво меѓу Унијата и земја кандидат. Но со сегашниот развој и одоброволувањето на Бугарија со приемот во шенген, се смета дека се создава поповолна клима за обновување на унгарското посредништво.

Унгарија треба да продолжи да ги приближува Софија и Скопје по постојните
меѓународноправни принципи

Во координација со новата констелација на ЕУ во Брисел, Унгарија треба да продолжи, во рамките на принципите на ЕУ и меѓународното право, да ги синхронизира Софија и Скопје. Тоа првично би подразбирало создавање услови за отворени и искрени да разговори за сите прашања од заемен интерес, во кои секако спаѓаат и економското и инфраструктурно поврзување на Македонија и Бугарија, односно Македонија и ЕУ. Унгарското посредништво би можело да помогне за наоѓање решенија што би биле од заемен интерес и на ничија штета, без наметнување на волјата само на едната страна.
Во таа функција може да се работи на прием на Македонија во шенген-зоната, а паралелно и на инфраструктурно поврзување преку изградба на патишта и железнички линии. Тука спаѓаат и коридорите 10 и 8, како стратегиски линиски инфраструктурни објекти што се вкрстуваат кај нас и се клучни за забрзување на процесот на функционално интегрирање на Македонија во Европа. Автопатиштата, пругите, линиските инсталации за енергија, како и придружните објекти на споменатите коридори се фундаментот за т.н. интеграциска акцелерација на Македонија во толку посакуваните европски структури. Македонија е на две геостратегиски крстосници – коридорот 10 и коридорот 8. Коридорот 8 има важна улога на т.н. Пат на килибарот, една од геостратегиските артерии што ги поврзуваат Медитеранот и Средна Европа. Преку унгарското посредништво, можеби и Бугарија ќе се јави како партнер што ќе ѝ помогне на Македонија да добие европски пари за побрза реализација на пругата што е дел од коридорот 8, ако е искрена во своите намери дека сака железнички да се поврзе со земјава.
Македонија би можела да ги применува прописите на шенген и без да биде членка на ЕУ, што не е невообичаена практика. Република Ирска и Обединетото Кралство се надвор од ЕУ, но сепак го применуваат шенген, додека Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, како и микродржавите Ватикан, Сан Марино и Монако, статусно членуваат и функционираат во шенгенскиот систем, иако не се членки на ЕУ. Хрватска и Кипар, пак, се дел од ЕУ, но не членуваат во шенген-зоната. Тие, сепак, се придржуваат на шенгенскиот договор. Имајќи ја предвид приспособливоста на ЕУ кон шенгенската спогодба и нејзиното функционирање во практика, се поставува прашањето зошто Македонија да не стане дел од шенген и пред приемот во ЕУ. П.Р.


Приемот во шенген носи голем број економски и политички придобивки

Бугарија ќе стекнува 833 милиони евра годишно, романскиот БДП може да се зголеми до два отсто

Бугарија ќе стекнува околу 833 милиони евра годишно со приемот во шенген, како што се проценува во неодамнешниот извештај на Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките. Меѓу главните корисници на оваа одлука би биле тешкиот патен транспорт и производителите, како и извозниците на стоки, чии директни трошоци, според институтот, се проценуваат на 432 милиони евра. Друга придобивка од целосното пристапување на Бугарија во шенген-зоната би било и отстранувањето на доцнењата што се предизвикани од граничните контроли за бугарските граѓани при преминување на копнената граница со Романија и Грција. Значителен придонес би бил забележан и во туристичкиот сектор. Приклучувањето на копнената граница на Бугарија во шенген-зоната исто така ќе донесе извесни еколошки придобивки.
Полноправното членство на Романија во шенген-зоната, пак, на бизнисот ќе му овозможи годишни заштеди вредни милиони евра и ќе ја зголеми романската конкурентност на европскиот пазар, истакнуваат романските политичари. Романскиот министер за финансии Марсел Болош го опиша приемот во шенген како „момент што ја менува играта“ за романската економија. Со отстранување на граничните контроли, „превозниците ќе заштедат милиони евра годишно, а романските производи ќе стигнат на европските пазари побрзо и по пониски трошоци“, посочи Болош. Потпретседателот на Европскиот парламент, Виктор Негреску, предвидува дека романскиот БДП може да се зголеми до два отсто во 2025 година по пристапувањето во шенген-зоната. Тој ги истакна транспортниот сектор, индустриското производство, туризмот и земјоделството како „клучни корисници“ на приемот. Негреску исто така ги подвлече политичките придобивки од членството во шенген. П.Р.


Шенген не става крај на граничната бирократија

Внатрешните гранични контроли ќе продолжат да се спроведуваат на копнените граници меѓу Романија и Бугарија, исто така и меѓу Унгарија и Романија, во период од најмалку шест месеци за да се ублажат „потенцијалните промени во миграциските модели поради отстранување на внатрешните граници“. За возачите на камиони, граничната бирократија сè уште не е завршена, и покрај приемот на двете држави во шенген. Се чини дека Унгарија најмалку уште шест месеци ќе продолжи со проверка на секој камион и неговите документи на главниот романско-унгарски граничен премин Надлац. Бугарија, пак, изгради нов паркинг за камиони и електронска бариера кај Русе, покрај мостот преку Дунав кон Романија, каде што преминувањето чини 25 евра по камион. И привремени гранични контроли се воведени низ целиот континент, од земји што се плашат од зголемување на илегалната миграција.
Голем проблем за камионџиите е тоа што сите контроли на камионите се одвиваат на самата граница, од мерење на тежината во возилата до проверка на дозволите и на товарот, санитарни и еколошки прегледи, како и проверка за присуство на илегални мигранти. Во другите земји што се веќе во шенген-зоната, ваквите проверки се одвиваат побрзо и поефикасно, во посебни паркиралишта за возила на автопат далеку од границата.
Регулатива на ЕУ од 2008 година, која повикува на отстранување на контролата на тежината и димензиите на камионите од граничните премини меѓу земјите членки на ЕУ, никогаш не била спроведена на романската граница со Унгарија или на романската граница со Бугарија, поради конкуренцијата меѓу ривалските инспекторати. П.Р.