Рационалноста над емоциите: Потребни се дијалог и градење доверба меѓу Македонија и Бугарија
- И покрај тоа што Основното јавно обвинителство во Скопје целосно го расчисти инцидентот со кршењето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада и поведе постапка против осомничениот сторител, за Бугарија ниту тоа не е доволно, туку бара драстични казни од Брисел кон Македонија. Тоа во никој случај не е чин на добрососедство, туку демонстрација на отворена нетрпеливост
Последните искричења на релацијата Софија-Скопје предизвикани од неодамнешниот инцидент со кршењето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје покажуваат дека двете земји имаат да изодат уште долг пат за да се нормализираат меѓусебните односи, нарушени поради бугарската блокада на македонските евроинтеграции.
Она што особено загрижува е фактот што дури и на изолирани инциденти официјална Софија гледа како на колективна омраза кон целиот бугарски народ, што во суштина е далеку од реалноста.
Зошто веднаш навредливи и понижувачки пораки од бугарска страна
Имено, и покрај тоа што Основното јавно обвинителство во Скопје целосно го расчисти инцидентот со кршењето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада и поведе постапка против осомничениот сторител, за Бугарија ниту тоа не е доволно, туку бара драстични казни од Брисел кон Македонија?! Тоа во никој случај не е чин на добрососедство, туку јавна демонстрација на еден вкоренет стереотип од бугарска страна, кој само може уште повеќе да го продлабочи анимозитетот меѓу двата соседни народа и држави.
Во таков контекст на избрзување и надвладување на емоциите врз рационалното расудување, може да се набљудуваат и изјавите на бугарскиот политичар Петар Колев, кој ја повика Европската Унија да ги запре европските фондови за Македонија, оценувајќи дека станува збор за сериозен политички и безбедносен проблем?!
Зошто во изјава за бугарски медиум Колев побрза да констатира дека инцидентот „не треба да се третира како изолиран случај, туку како дел од поширока клима на омраза кон Бугарија и бугарските институции“ (?!) во земјава?
Според неговото становиште, „официјална Софија треба активно да лобира во Брисел за замрзнување на европската финансиска поддршка сè додека, како што наведува, не се гарантираат безбедноста и почитувањето на бугарските интереси“?!
Ништо помалку остар во својата реторика не беше ниту лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, кој порача дека инцидентот со кршењето на стаклото на влезната врата на амбасадата во Скопје јасно говори колкава омраза постои во земјава кон Бугарија.
– Не знам дали знаете, но некое лице во С. Македонија се приближило до влезната стаклена врата на бугарската дипломатска мисија во Скопјe, го скршило стаклото и си заминало. Тоа било снимено на безбедносни камери. Можеби ќе си речете: што по ѓаволите – едно стакло. Па, да, но прашањето не е за скршеното стакло, туку за ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на оној што не го сакате или едноставно го мразите… Ако не сакате, ќе останете во С. Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни написи, ќе кршите некое стакло одвреме-навреме, тајно ќе сонувате дека имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на Сончев Брег по море ако е можно, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската Унија низ искривена макарона. Бидејќи, објективно кажано, токму тоа го заслужувате. Не успеав да кажам дека во ова време ќе продолжам со големо задоволство да пеам бугарски народни песни од пиринскиот крај – напиша Трифонов на социјалните мрежи.
Несомнено изјавите од овој тип и пораките дека Македонија ќе ја гледа ЕУ низ „искривена макарона“ не придонесуваат за градење добрососедски односи, но зад ваквите изјави стои и конзистентната бугарска политика преку притисок и уцени да се реализираат бугарските интереси во земјава.
Македонскиот и бугарскиот народ не сакаат да се гледаат низ „искривена макарона“
Несомнено и изолираниот инцидент со кршењето на стаклото на вратата на бугарската амбасада во Скопје е за секаква осуда и во таа насока за поздравување е брзата реакција на надлежните, кои во исклучително кус рок го расчистија целиот случај. Постапката беше осудена и од целата македонска јавност, што јасно говори за демократскиот капацитет на македонското општество, кое не дозволува демонстрација на насилство врз каква било основа. Дополнително, тоа уште говори дека Македонците и покрај отворените негации на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, кои постојано стигнуваат од Софија, сепак сакаат добри односи со Бугарија и со ништо не демонстрираат омраза кон бугарските граѓани, уште помалку посакуваат соседната земја да не успее. Напротив, позитивни реакции имаше во земјава и за договорот за заедничка изградба на тунелот на пругата кон Бугарија, а Македонија како држава постојано иницира дополнително интензивирање на инфраструктурното поврзување со источниот сосед.
– Сега е време за воздржаност и рационален пристап. Инцидентот со амбасадата и изјавите на поединечни политичари од соседството не треба да се толкуваат како прекин на дијалогот или како загрозување на долгогодишните добрососедски односи. Во вакви моменти, клучно е да се задржи фокусот на конструктивната соработка и на унапредување на довербата меѓу двете држави. Истовремено, треба да се запамети дека регионалната стабилност и економскиот развој зависат од силни и предвидливи односи меѓу соседите, особено ако се земат предвид големите геостратешки потреси, кои нема да го одминат ниту Балканот. Нападите или провокативните изјави можат да предизвикаат емоции, но тие не ја менуваат основата на интересите на граѓаните и на државите, кои сакаат мир, соработка и европска перспектива. Македонија и Бугарија имаат заеднички интерес да ја одржат отвореноста за дијалог, да најдат практични решенија за отворените прашања и да работат на градење доверба, и тоа преку конкретни чекори, размена на информации и почитување на правилата на меѓународната дипломатија. Тоа можат да го направат така што ќе ги тргнат настрана прашањата за кои има разлики и ќе се фокусираат на она што значи добросостојба за обата народа. Ова е момент кога рационалноста треба да ја надмине емоцијата, а солидарноста и меѓусебното разбирање да се покажат како најсилна одбрана против заострување на тензиите – порачуваат познавачите на македонско-бугарските односи.

































