Од творештвото за деца на писателот Трајче Кацаров
Навечер не легнував во креветот како другите деца од маалото. Всушност, легнував како сите други, ама не заспивав како нив. А можеби и заспивав, само јас не бев информиран за тоа.
Нана, мајката на мојата мајка, на часовите по веронаука што ми ги даваше секој ден напладне во нејзината спална соба, во која на ѕидот свртен кон изгрејсонцето беа закачени икони и кандилце чие пламенче како јазиче на мало маче непрестано тлееше кон таванот, ме научи како да се бранам од лошите мисли и лошите дела. Секогаш кога ќе ги слушнев приказните за лошата маќеа, за вештерките, за вампирите се тресев од главата до петиците. Вилицата ми клапаше како да бев стар волк. Очите ми се ширеа како да бев магаре среде кори од лубеници, а ушите ми растеа и црвенеа како моркови.
Кога ќе останев дома сам, ја потпирав портата во дворот со сите камења што можев да ги најдам. Се плашев да не затропа вештерката со кошницата јаболка, па користејќи ја мојата лакомост кон јадењето да ми даде јаболко од кое може вечно да заспијам. А јас се плашев од спиењето, особено од она што треба да трае вечно.
– Наутро штом ќе се разбудиш, откако ќе си го измиеш лицето, прекрсти се, а потоа посакај Господ да те варди од лоши мисли и лоши работи, како и од лоши оценки во училиштето. Навечер пред легнување пак прекрсти се и посакај Господ да е со тебе и во сонот.
Така ми велеше нана, така ме учеше…
Во петто, никогаш не заминував на училиште без да се прекрстам и да побарам Бог да ме следи на патот по кој сум тргнал. Навечер го правев истото тоа: Ќе се прекрстев и ќе ја кажев молитвата.
„Татко наш кој си на небесата. Нека се почитува твоето име/нека дојде твоето царство/нека се извршува твојата волја овде на земјата? Како што се извршува на небото/дај ни ја неопходната храна/за денешниот ден…“
Потоа ќе посакав Господ да ме варди од лошите соништа и ќе си легнев.
Ќе си легнев, но пред заспивање, повторно му се молев на Господ. Се молев за здравјето и животот на моите најблиски: за тато, за мама, за сестра ми, за нана, за дедо, за другиот дедо, за сите роднини, за кучето Џони-Бонбони… Се молев за градот. Се молев да го чува Господ од поплави, земјотреси. Се плашев да не избие вулкан и да го покрие со жешка лава. Се молев за сите сакани ликови од приказните. За Снежана, за Пепелашка, за Пинокио, за Петар Пан, за Грдото Пајче… Се молев за целиот свет…
И откако ќе се убедев дека сите сум ги спомнал и дека Господ ја слушнал мојата молитва, заспивав. А во сонот летав и само летав… Собата во која спиев ја гледав летајќи како ластовица. Светот го гледав од толкава височина. И насекаде беше мојот дом и сите беа мои татковци и мајки. Сите беа мои роднини и пријатели.
Почнав во петто и мислев дека ќе останам засекогаш во петто. Ама дојде времето кога видов и сфатив дека многу од моите го напуштија времето во кое царуваше моето петто одделение. Некои почнаа да растат, а други да стареат, некои, пак, си отидоа од светот без извинување и без најава…
– Можеби требаше да бидам поистраен и погласен во молитвите – ѝ реков еднаш на мама…
– Не прекорувај се. Петто е твоето време, но не и нивно. Всушност сите сме во времето Божјо – ми рече мама.
– Ама јас сакам да останам во петто…
Тогаш остани… весело додаде мама.
(Од книгата „Скаските на Мето од петто“)