Издавачкиот центар „Три“ го објави второто, дополнето издание на Прирачникот за заштита од измами и интернет-криминал од економистот и експерт во борбата против економски криминал Роберт Атанасов. Ова е прва книга од ваков вид на македонски јазик, чиј автор има долгогодишно искуство како инспектор во областа корупција и фалсификати, финансиски криминал и измами.
– По првото издание на Прирачникот во 2021 година, криминалците и измамниците еволуирале во својот занает и измислиле уште многу нови начини за вршење измами и оштетување на граѓаните. Токму поради тоа, Атанасов го збогатува со нови корисни информации што содржат современи и најчести форми на измами и компјутерски криминал – вели издавачот.
Модерните времиња носат модерни измами: од најнаивни до најсофистицирани – наградни игри, онлајн нарачки, давање лични податоци и пари на рака без договор, до хакирање и купување криптовалути… Оваа книга претставува практична и корисна алатка за самозаштита, која изобилува со примери од најразличен вид измами – и класични и современи, со користење на сите достапни видови технологија.
Роберт Атанасов дипломирал на Економскиот факултет. Вработен е во Министерството за внатрешни работи, во Секторот за економски криминал, каде што потесно се занимава со областа на корупцијата и фалсификатите, финансискиот криминал и измамите. Секојдневното соочување со најразлични пријави од оштетени граѓани што наседнале на лажните приказни на вештите измамници и претрпеле огромни материјални и финансиски штети го поттикнало да напише книга што ќе служи како прирачник за превенција и едукација во областа на криминалот и ќе ја крене општата свест на луѓето за сопствената безбедност.