Фото: ЕПА

ШАХ

  • Турнирите на кандидатите се обликувани од настапите на играчите во текот на две сезони на турнирите на ФИДЕ, Светскиот куп, големиот турнир (швајцарски систем) и квалификациите преку рејтингот

Со завршувањето на квалификацискиот циклус се познати составите за турнирите на кандидати годинава во машка и во женска конкуренција, поставувајќи ја сцената за последниот чекор на патот кон следните мечеви за светски шаховски прваци. По дебито во Северна Америка во 2024 година, култниот настан се враќа во Европа и ќе се одржи во Кипар, од 28 март до 16 април. Турнирите на кандидатите се обликувани од настапите на играчите во текот на две сезони на турнирите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во 2024 и 2025 година, Светскиот куп (СК) лани, големиот турнир (швајцарски систем) во Узбекистан во 2025 година и квалификациите преку рејтингот.
Потврдениот состав ги спојува докажаните кандидати и играчи од новата генерација, Американецот Фабијано Каруана, Индиецот Прагнананда Рамешбабу, Холанѓанецот Аниш Гири, Германецот Матијас Блубаум, Узбекистанецот Јавохир Синдаров, Кинезот Веи Ји и Русинот Андреј Есипенко, а последното место го обезбеди Американецот Хикару Накамура, кој се квалификува како играч со највисок просечен класичен рејтинг во текот на квалификацискиот период, пишува ФИДЕ. И програмата за турнирот на кандидатки е целосно потврдена, со осум шахистки, кои се квалификуваа преку циклусот на СК за жени. Кинезинката Жу Џинер и Русинката Александра Горјачкина обезбедија пласман со првото, односно второто место, во серијата на гранпри-турнирите во 2024 и 2025 година, Индијките Дивја Дешмук и Хампи Конеру и Тан Жонгји од Кина се квалификуваа преку СК во 2025 година. Уште две места беа одлучени на женскиот турнир лани (швајцарски систем), каде што Индијката Ваишали Рамешбабу и Русинката Катерина Лагно ги освоија првите две позиции. Последното место ѝ беше доделено на Казахстанката Бибисара Асаубаева, светската првенка во брз шах во 2025 година. Оваа постава ветува жестока натпреварувачка битка за да се одреди следната предизвикувачка за титулата светска првенка, турнир што ја балансира воспоставената извонредност со енергијата на новата генерација.
Двата турнира ќе се одржат заедно, ќе се игра двокружно (секој со секого), во вкупно 14 кола. Партиите ќе се играат со време од 120 минути за првите 40 потези, плус 30 минути до крајот на мечевите, со зголемување од 30 секунди за секој потег од 41-от. На играчите не им е дозволено да се согласат на нерешено пред завршувањето на 40-от потег на црниот. Минималниот паричен награден фонд е рекорден, еден милион евра. Во случај на израмнетост за првото место по 14 кола, ќе се игра плејоф за да се одреди победникот. Мечот за светски првак треба да се одржи во ноември годинава, пишува ФИДЕ. Г.И.