Со маскирање на најмладите во Подгорци, Струшко, продолжи василичарската традиција. И годинава радоста беше голема меѓу децата што беа дел од карневалот „Василичари 2025“, кој се одржа на 13 и 14 јануари. Оваа традиција е стара колку што е старо селото.
Во понеделникот, на 13 јануари, на овој детски карневал можеа да се видат интересни маски, кои годинава ги имаше во изобилство, а зад нив се криеја веселите момчиња од Подгорци. Во вечерните часови, традиционално, тие здружени во групната детска маска тргнаа од под селото и од куќа во куќа, од мало во мало, чукнаа на сите врати, а домаќините ги даруваа со парички и парче од специјалитетот на Подгорци – кашаник. Децата извикуваа: „За многу години, в година повесели и порадосни. Сурва нова година!“
Во вторникот, на 14 јануари, напладне, најмалите учесници на василичарскиот карневал се приклучија кон поворката на возрасниот карневал, каде што на Ориште го изиграа и детското василичарско оро.
Годинашните детски маски влегоа во конкуренција за избор на најдобра маска на карневалот. Сите маски беа регистрирани од страна на фоторепортерот Стојан Кукунешоски и наскоро ќе бидат изложени на традиционалната фотоизложбата во предворјето на црквата „Св.Никола“ во Подгорци.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски