Концертите на „Музолингва интернационал“ патуваат во земјите партнери на проектот и им овозможуваат на младите музичари прекрасни доживувања, дружби и стекнување нови пријателства. Освен запознавањето со фолклорот на другите земји, тие со помош на своите ментори го искусуваат чувството да бидат директно вклучени во создавањето на перформансот, да интерпретираат друга поразлична музика и да пеат на друг јазик

Учесници од шест држави беа дел од интернационален камп во Кавадарци

Мартин Леовски, Кристијан Митрев и Филип Панов од Кавадарци заедно со Барбара Гиноска и Никола Соколовски од Скопје го сочинуваа тимот на млади музичари од Македонија што беа дел од музичкиот камп што минатиот петок се одржа во Кавадарци во рамките на „Музолингва интернационал“.
Овој музички културен проект, во чиј фокус се млади музичари, се реализира во рамките на програмата „Еразмус +“ на Европската Унија, со музичари од шест држави, и тоа: Македонија, Полска, Хрватска, Шпанија, Турција и Шведска. Во петокот токму на денот на најголемиот празник на лозарите Св. Трифун, во домот на културата „Иван Мазов-Климе“, младите музичари од овие држави одржаа прекрасен целовечерен концерт и на кавадаречката публика ѝ покажаа дека музиката е јазик со кој најлесно се комуницира. Всушност, основната цел на овој проект е учесниците да се запознаат со фолклорот на земјите партнери во проектот и преку музиката да се доближат до публиката на тие држави, пеејќи на нивниот јазик и во ритамот на нивните најпознати песни. Со помош на професорите ментори од сите земји партнери го презентираат фолклорот со нови музички интерпретации креирани од младите музичари за време на музичките кампови што досега се реализирани. Музичкиот камп во Кавадарци и концертот ги организира асоцијацијата „Сциенција нова“ од Кавадарци, чиј координатор е м-р Стојанче Косовски.

– Ми претставува огромно задоволство што успеавме токму на празникот на мојот град Кавадарци во чест на Св. Трифун да го реализираме завршниот концерт, а гостите од петте земји партнери да имаат можност одблиску да се запознаат со традицијата на одгледување на виновата лоза и производството на пијалаци од грозје. Исто така беше прекрасна можноста гостите да го проследат и фестивалот „СРМА“ каде што се испреплетува прекрасниот фолклор од Македонија и Србија, како дел од културната соработка што градот Кавадарци ја има со градот Ковин. Фолклорот како национален белег на сите култури е убава можност за поврзување на различните култури. Во музичкиот камп во Кавадарци учествуваа 36 млади талентирани музичари од Полска, Шпанија, Шведска, Хрватска, Турција и од Македонија, кои сите заеднички со ист жар на концертот изведоа некои од најпознатите музички традиционални песни во иновативен сплет и во нов аранжман. Со овој концерт всушност го претставивме досегашното работење во проектот на создавање музички перформанс. За време на изминатава работна недела работевме на креирање музички сплетови и со тоа подготвивме музика за уживање, која публиката многу добро ја прими. Значајно е да се спомене дека проектот е поддржан од Европската комисија во координација на полската организација „Креативити воркс Јуроп“ – вели координаторот Стојанче Косовски.

Концертите на „Музолингва интернационал“ патуваат во земјите партнери на проектот и им овозможуваат на младите музичари прекрасни доживувања, дружби и стекнување нови пријателства. Освен запознавањето со фолклорот на другите земји, тие со помош на своите ментори го искусуваат чувството да бидат директно вклучени во создавањето на перформансот, да интерпретираат друга поразлична музика и да пеат на друг јазик. Досега се реализираа музичките кампови со концерти во градовите Равна Гора во Хрватска, Толедо во Шпанија, Нови Тарг во Полска, Кавадарци во Македонија, по што ќе следуваат концерти во Алања во Турција, Галибаре во Шведска и завршниот во Брисел – Белгија.