Фото: „Нова Македонија“

Последниве неколку генерации деца што учат во македонските училишта, без разлика дали се од македонска или од друга националност, сè почесто се изразуваат на англиски. Не само што користат англиска терминологија на одморите и при нивните дружби туку, според наставниците, сѐ почесто им се случува да искористат некој англицизам и на часовите или, пак, да не можат да се сетат на соодветен македонски збор за одреден поим. Неопходна е координирана реакција, бидејќи во свет на глобализација, почитувањето и промовирањето на мајчиниот јазик ја поддржува различноста и го поттикнува меѓусебното разбирање на различните култури

Појава што опоменува

„Хај“ наместо „здраво“, „гуд“ наместо „добро“, „океј“ наместо „во ред“… И не само зборови туку цели разговори на англиски јазик можат да се слушнат во секојдневната комуникација меѓу децата во основните училишта речиси насекаде низ Македонија. Петтоодделенци од едно прилепско училиште што беа прашани зошто меѓу себе зборуваат на англиски рекоа дека не знаат зошто, а некои, пак, одговорија дека така им е полесно.

АНГЛИСКИОТ ЗВУЧИ „ПОКУЛ“

Како што знаеме, секој човек има свој мајчин јазик што го слуша уште во утробата на својата мајка и сосема би било природно и логично секојдневната комуникација, особено кога сме во родната држава, да ни биде токму на тој јазик. Но последниве неколку генерации деца што учат во македонските училишта, без разлика дали се од македонска или од друга националност, сè почесто се изразуваат на англиски. Не само што користат англиска терминологија на одморите и при нивните дружби туку, според наставниците, сѐ почесто им се случува да искористат некој англицизам и на часовите или, пак, да не можат да се сетат на соодветен македонски збор за одреден поим.
Редакцијата на „Колибри“ често е присутна меѓу учениците во училиштата и е запознаена со секојдневните проблеми на денешните деца, наставници и родители. Токму затоа, увидувајќи го овој проблем, решивме да поразговараме и со децата и со наставниците, како и со нивните родители, а за оваа наша анализа се консултиравме и со стручни лица, кои во рамките на својата професија ја истражуваат оваа проблематика.

УЧИМЕ СТРАНСКИ ЈАЗИК БЕЗ ДА ГО ЗНАЕМЕ СВОЈОТ

Данијела Петреска, долгогодишен дефектолог логопед во едукативниот центар „Светлина“ од Прилеп, смета дека е поразително што денес на многу деца првите зборови им се на англиски јазик или, пак, нивното изразување претставува мешање на македонскиот и на англискиот јазик.
– Како главна причина за оваа таканаречена „болест на модерното време“ се смета прекумерната изложеност на децата од најрана возраст на цртани филмови, кои најчесто се на англиски јазик. Родителите во денешно време со брзото темпо на живеење имаат сѐ помалку време за своите деца, па својот мир го купуваат со таблети, мобилни телефони и телевизори – констатира дефектологот логопед Петреска.

Според неа, времето што децата го минуваат пред екраните најчесто е неограничено, а тоа е причина за еден сериозен проблем.
– Тоа доведува до состојба во која децата не успеале да создадат база на мајчиниот македонски јазик, т.е. не направиле база на македонски фонд на зборови, а веќе почнале да усвојуваат странски зборови. Честопати родителите се горди на тоа и мислат дека детето им е напредно, надарено, а ние како стручни лица логопеди предупредуваме на последиците, кои низ процесот на третманот треба да се коригираат – посочува Данијела Петреска.

ЕКРАНИЗАЦИЈАТА Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ

Марија Груевска е наставничка по англиски јазик во ОУ „Гоце Делчев“ во Ресен. Таа смета дека учењето нови јазици е нужно и неопходно во денешно време и познавањето на англискиот јазик е значајна алатка што можеме да ја поседуваме, но никако странскиот јазик не треба да стане поважен од мајчиниот.
– Застрашувачки е фактот дека голем дел од младите сега за меѓусебна комуникација го користат англискиот јазик. Тоа е толку честа појава што стана „нормално“ да чуеш и како дури родителите им се обраќаат на своите деца на англиски јазик. Сметам дека сè поголемата употреба и влијанието на социјалните мрежи е најголемата причина за тоа, затоа што младите го следат она што е најактуелно, па и го имитираат истото тоа, а тука спаѓаат и новитетите кај секојдневните фрази, кои често знаат да бидат и вулгарни – вели наставничката Марија.
Дефектологот Петреска тврди дека состојбата на терен е алармантна и нејзината препорака до сите родители е дека децата до тригодишна возраст најпрво треба да го усвојат мајчиниот, односно македонскиот јазик.
– Исто така, до оваа возраст не се препорачува прекумерна изложеност на екрани. Во ситуација каде што имаме неразвиен или забавен говор со интензивни примеси на зборови од англиско говорно подрачје се препорачуваат логопедски дефектолошки третман и вклучување на детето во градинка за да се изложи на честа и што поприродна комуникација во развојниот период – советува дефектологот Данијела Петреска од едукативниот центар „Светлина“.

МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК МОРА ДА СЕ ЗБОРУВА, ДА СЕ УЧИ И ДА СЕ ПРОМОВИРА

Марија Груевска, иако е наставничка по англиски, работи на проекти што го промовираат македонскиот јазик. Таа се согласува со ставот на логопедот Петреска дека македонскиот јазик е темелот на нашиот идентитет, култура и традиција. Во свет на глобализација, почитувањето и промовирањето на мајчиниот јазик ја поддржуваат различноста и го поттикнува меѓусебното разбирање на различните култури.
Груевска го гледа решението за подобрување на ваквата ситуација во реализација на повеќе разновидни активности што ќе ја вратат честата употреба на македонскиот јазик во секојдневието.
– Создавање цртани филмови, игри и книги на македонски јазик со нивна промоција на сите медиуми, поттикнување на употребата на македонскиот јазик во семејството уште кога децата се најмали, организирање јазични клубови, раскажување приказни на македонски јазик, создавање содржини на популарните социјални мрежи на македонски јазик и поддржување на сите настани и проекти што го промовираат и афирмираат македонскиот јазик – предлага наставничката Марија Груевска од Ресен.
Цепенковите писанија, македонската поезија, македонските народни песни, македонската забавна музика, македонските раскази и романи се бескраен непресушен извор на богатството на македонскиот јазик, а наше е да се напиеме и од тој извор да им подадеме да се напијат децата што сега растат и идните генерации што допрва ќе дојдат на ова тло и ќе треба да ја почувствуваат нежноста на мајчиниот македонски јазик. Или како што пее македонскиот поет Гане Тодоровски, „воздишката низ која првпат сме заплакале“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева