Ви ги претставуваме наградените творби од конкурсот „Кој не сака пролет?“

Денеска, во 12 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе бидат прогласени авторите на најдобрите детски творби на конкурсот „Кој не сака пролет?“, кој е распишан од Здружението за образование, култура и уметност (ЗОКУМ) – Прилеп, во чест на 110-годишнината од раѓањето на поетот Волче Наумчески.
Наумчески е роден во Прилеп, на 18 јануари 1916, а починал во Скопје, на 20 март 1980 година. Тој е автор на првата стихозбирка целосно испечатена на македонски јазик во предвоена Југославија. Станува збор за стихозбирката „Иди пролет“, испечатена во Битола, во 1939 година. Објавил неколку стихозбирки за возрасни и за деца меѓу кои „Пролетни желби“, „Виорно време“, „Седумдесет цветови“ и други. Стихозбирката „Седумдесет цветови“ долго време била лектирно издание за учениците во основните училишта во Македонија.
На конкурсот, именуван по стих од песната „Убавина“ на Волче Наумчески, пристигнале педесетина творби на слободна тема на ученици од општините Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени, а избрани се шест најдобри творби во две категории, за ученици од трето до петто одделение и за ученици од шесто до деветто одделение.
Изборот на најдобрите песни го направи поетесата Вера Андон, која денеска ќе допатува во Прилеп и, пред да се соопштат наградите, ќе одржи литературна срeдба со учениците од споменатите општини. Наградените учесници ќе добијат дипломи, книги и аудиозаписи на нивните наградени творби во интерпретација на поетесата Вера Андон. Подготвени се дипломи и за менторите на наградените ученици, а сите учесници на конкурсот ќе добијат благодарници.
„Колибри“ ексклузивно ги објавува шесте наградени творби, а на младите литерати им посакува натамошни успеси.

Ф.Д.


Пролет

По долга зима што молчеше студено,
се буди светот, сѐ станува зелено.
Сонцето шепнува „Време е сега“,
да тргне животот со почеток нов-
од дното, па нагоре, стравот да бега.

Под мразот спиеше семе мало,
со сон дека ќе стане цвет право.
Го чекаше денот, светлината жива,
да покаже дека надежта
никогаш не згаснува,
туку преживува.

Птиците носат пораки од небо,
дека по секоја болка доаѓа убаво.
Нивниот лет е слобода чиста,
доказ дека душата може да блеска.

Реките течат побрзо од порано,
како срце што повторно
влегува храбро.
Секој шум, секој лист што се раѓа,
кажува тивко: „Животот пак
се снаоѓа“.

Пролет е кога тишината зборува,
кога тагата полека се лекува
кога раните не болат како вчера,
туку стануваат сила,
не тежина – вера.

Во секој цвет има борба скриена,
во секоја боја – победа смирена.
Зашто за да процветам
мораш да чекаш,
да паднеш, да станеш,
и повторно да полеташ,
да чекориш без да се плашиш.

И јас сум како тој цвет мал,
што стоел во сенка, студ и кал.
Но пролетта ми рече тивко,
,,Не си слаб – само чекаше
вистинско време, искрено.“

Сега чекорам со светлина во градите,
со сон што не се крши од ветровите.
Пролетта не е само годишно време,
таа е доказ дека секој може
повторно да почне – од себе.

Автор: Далјан Лазар Александар Трајкоски, 6–б одд.
ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп
Ментор: Габриела Стојаноска
-Станоеска

Првонаградена песна во категоријата од шесто до деветто одделение

Девојката што разговараше со времето

Еднаш го прашав времето:
– „Зошто бегаш од мене?“
А тоа ми шепна тивко:
– „Јас не бегам, ти растеш“.
Ги броев деновите како монистри,
редев спомени во џеб од тишина.
Секој чекор ми беше прашање,
секој одговор – нова вистина.
Ветрот ми ги учеше косите,
да не се плашат од невреме.
Силата не е во мирот,
туку во тоа да го издржиш најтешкото време.
Го видов небото како паѓа,
во очите на луѓе без сон.
И сфатив – не е темнината страшна,
страшно е срце без хоризонт.
Јас не сум само минлива сенка,
ниту чекор што тоне во прашина.
Јас сум отпечаток што трае
како првото „можам“ по тишина.
Ако утре ме прашаш која сум –

ќе ти речам:
Јас сум доказ дека и
најтивката девојка

може да стане глас.
И кога ќе ја читам оваа песна,
нема да зборувам само за себе –
туку за сите што молчеле долго,
а во себе носеле цело небо.

Автор: Марија Богојоска, деветто одделение
ООУ,,Св. Кирил и Методиј“ – с. Бучин
Општина Крушево
Ментор: Невена Ристеска
Второнаградена песна во
категоријата од шесто
до деветто одделение

Ние постоиме

Не викаат ретки,
тивки ѕвезди во ноќта,
како да сме далечни,
како да сме сами,
ние сме мал број на хартија,
но болката не ни е мала!

Нашата надеж силно сјае,
нашата љубов се едначи
со бесконечност,
ние не сме само сенка,
ние имаме срца што светат посебно!

Кога ќе ни речат „ретки сте“
ние враќаме: „посебни сме“;
а кога ќе речат: „малку сте“;
ние кажуваме: „доволно сме за да промениме сѐ“!

Вие што се претставувате
похрабри, помоќни, побројни,
запомнете овој час,
ова небо е за сите нас
различни битки водиме,
но со исти желби живееме,
да бидеме сакани сонуваме.

И ние постоиме,
и ние вредиме,
подајте ни рака,
заедно полесно ќе пребродиме,
заедно похрабро ќе победиме!

Тешки ни се утрата,
ноќите оков жежок,
втор дом ни е болничкото сивило
и една ѕвезда што низ прозорец сјае
и приказни плете;
за топол дом,
за прегратка,
за едно сакано дете!

Нашиот сон не згаснува
иако патот е трнлив и тежок,
стремежот е борба и желба и надеж
што повеќе да го видеме векот.

Не давајте ни трошки сочувство,
ни жалење, ни тага,
прифатете што сме ретки
и искрено стегнете ја нашата рака,
со љубов, со разбирање,
со поддршка,
за полесно да минат дните,
за разликите да ги прифатат сите!

Автор: Нурај Синаноска, седмо одделение
ООУ „Ѓорче Петров“ – с. Ропотово
Место: с. Пешталево
Ментор: Стефани Видеска
Третонаградена песна во
категоријата од шесто
до деветто одделение

Вистинската пролет во
човекот спие

Кој не сака пролет кога
земјата повторно дише,
а тишината се претвора во шепот
што одново буди надеж?

Пролетта не е странец
што тропа на врата.
Таа како воин на бојно
поле влегува тивко,
преку пукнатините на студот,
преку очите што долго боја чекале,
преку срцата што како лист
трепереле и се плашеле…
Се плашеле да поверуваат
дека студот ќе исчезне.

Пролетта е храброст!
Да се издигнеш повторно,
кога сѐ се срушило.
Да процветаш,
кога мразот како јазол ќе те стегне.
Да расцутиш,
ко бистра мисла во умот
што расцутува.

Не, не барај ја пролетта
во цутот на вишна
ниту во ветерот што низ
гранките шепоти.
Таа е во тебе, како свила скришна,
да ги стопли срцата заледени.

Вистинската пролет во човекот спие
ко искра што чека во градите жар.
Секој во себе свој рај во бои крие.
Ти си на својата пролет
и извор и дар!

Автор: Галена Митреска, 5-г одд.
ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп
Ментор: Даниела Наумоска
Првонаградена песна во категоријата од трето до петто одделение

Будење на тишината

Ко кристал сјајно во муграта бела,
кокиче нежно од сонот се буди.
Предвесник храбар на пролетта цела,
со својот цут сиот свет го чуди.

Пристигнува пролетта
со чекор од свила.
Сонцето злато врз ридот сее,
а пак земјата до вчера
под снежната крила,
сега во трепет и зеленило се смее.

Топлото ветре низ гранките шета,
со мирис на свеж и расцутен цвет.
По него оди пчеличка вредна,
да собере мед од првиот лет.

И полето зелено, и тоа се буди,
шарени цвеќиња на сите ни нуди.
До ден-денес светот се чуди
на таквата раскошна
пролетна убавина!

Автор: Марија Мешеска, 5-г одд.
ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп
Ментор: Даниела Наумоска
Второнаградена песна во
категоријата од трето до петто одделение

Кој не сака пролет?

Црешата во дворот мал
в цут е цела
разиграна под цветен шал
во фустани бела.

Една гранка трепетна гледа:
в цут е цела,
па, возбудена, запраша:
„А кој не сака пролет?“

Во радост некој извика:
„Ох, волшебна пролет,
прекрасна е црешава
цут кога има“

Автор: Јана Маркоски, 4–а одд.
ООУ „Никола Карев“ – Крушево
Ментор: Надица Нане
Третонаградена песна во
категоријата од трето до петто
одделение

фото: Илија Ацески