Кога би зборувале за Дејвид Линч, сигурно би констатирале дека станува збор за едно од најконтроверзните режисерски имиња воопшто. Од друга страна, освен тоа што го познава(в)ме како режисер, не помал талент поседуваше и во полето на пишаниот збор, но и како композитор, скулптор и сликар на искривоколчени мотиви.
По неколкуте краткометражни филма ја навести својата посветеност на теми со енигматична содржина, а дебитира со „Ерајсерхед“ (1977). Во приказната за еден неприспособлив млад човек, кој е опседнат да биде филмски режисер, внесува елементи на надреализам, фантастика и хорор. Тоа беше и скок до авангардните кругови. Следниот филм е „Човекот слон“ (1980), кој се враќа на класичната нарација, правен по вистинска случка, но покажува и елементи на суптилност. Линч продолжува со својата склоност кон мистичност и во истоимениот филм, драматизирајќи по трагичниот живот на Џозеф Мерик во Лондон кон крајот на 19 век. Овој меѓународен успех, во кој глумат непрепознатливиот Џон Харт во главната улога и Ентони Хопкинс како докторот што се спријателува со Мерик, имаше дури осум номинации за „оскар“. Продуцентски амбициозен научнофантастичниот спектакл „Дина“ (1984) не ги исполни очекувањата. Во галактичкиот свет главните ликови од оваа екранизација на истоимениот роман на Френк Херберт извојуваат победа во борбата со негативните деструктивни инкарнации.
На прсти можеме да наброиме филмови што толку вешто ја разоткриваат ребусната страна на совршеното предградие како „Синиот сомот“ (1986). Кога младиот Џефри (Кајл Меклахлен) ќе пронајде отсечено уво, неговата љубопитност го втурнува во лавиринтите на корупцијата, насилството и страста. Тука Линч комбинира елементи на трилер, мистерија и психолошка драма, и создава хипнотична приказна што нѐ тера на долго размислување по крајот на филмот. Тоа е филм што го редефинира поимот на скриеното под површината. Џефри влегува во љубовна игра со кабаретската пејачка Дороти (Изабела Роселини), а посесивно љубоморниот бос на подземјето Френк (Денис Хопер) застанува на патот да не го освои нејзиното срце. Линч го освојува срцето на Изабела Роселини во следните пет години, но сепак продолжува со својот фанатизам. Седум години по ред го пие истиот милкшејк секој ден на исто место, но и својата десна врвка од чевлите не ја врзува. Деведесеттите години се исклучително важни за Дејвид Линч бидејќи ја освојува „златната палма“ во Кан (1990) за љубовната мелодрама „Диви во срцето“, кој го внесува Николас Кејџ во ѕвездениот подиум на актерството. Во истата година ја снима фамозната серија „Твин пикс“, која освојува три „златни глобуси“, две награди „еми“ и „греми“ за музика. Со својата соработничка Мери Свини го добива третото дете.
Филмот „Приказна за Стрејт“ се темели на вистинската приказна за патувањата на Алвин Стрејт. Го толкува одличниот Ричард Фарнсворт, кој патува низ Ајова и Висконсин на косилка. Тој е ветеран од Втората светска војна, живее со својата ќерка Роуз (Сиси Спејсек), добродушна но со ретардација. Кога дознава дека брат му Лајл (Хари Ден Стентон, кој е брилијантен), кој не зборува повеќе од десет години, добил мозочен удар, се разотвораат вратите на позитивизмот со надеж дека конечно ќе се смират и ќе почнат да зборуваат. Но со оглед на тоа дека неговиот вид е ослабнат и има проблеми со нозете, тој ја зема својата косилка, успева да направи еквлибристички спој со приколка и тргнува на маратонско патување од Ајова до Висконсин. Оваа елегична мелодрама го следи патувањето на Алвин што трае подолго од месец и половина низ рурална Америка. Модерниот Одисеј се сретнува со доста дилеми, сопствени грешки од минатото и проблеми. Филмот заработи одлични критики, а Фарнсворт беше номиниран за „оскар“ и „златен глобус“. Линч го снима ремек-делото, неоноар „Малхоленд драјв“ во 2001 година со латиноубавицата Лаура Елена Харинг и анемичната Наоми Вотс во потрага на загубениот идентитет. Неодамна реномираниот „Сајт енд саунд“ се вброи меѓу десетте најдобри филма на сите времиња.
И покрај суеверната природа на Дејвид Линч, неговото име ќе биде запаметено по неколку значајни ремек-дела.