Во последната деценија, научниците забележаа необичен феномен – радиопулсирања што доаѓаат од нашата галаксија – Млечниот Пат, кои се повторуваат редовно на секои два часа, како космички отчукувања на срцето. Овие необични сигнали, кои траат помеѓу половина минута и минута и половина, доаѓаат од насоката на соѕвездието Голема Мечка.
Астрономите сега открија неочекуван извор на овие импулси: мртва ѕвезда, таканаречено бело џуџе, кое орбитира околу мала студена црвена џуџеста ѕвезда. Црвените џуџиња се, инаку, најчестите ѕвезди во универзумот. Овие две ѕвезди, колективно наречени ILTJ1101, се толку блиску една до друга што нивните магнетни полиња се испреплетуваат, создавајќи ги овие долготрајни радиосигнали. Досега, ваквите долги сигнали се поврзуваа само со неутронски ѕвезди, густи остатоци од експлозии на супернова.
Движењата на ѕвездите можат да ги создадат сигналите
Новото откритие покажува дека движењата на ѕвездите во бинарни системи, исто така, можат да ги создадат ретките радиосигнали.
– За првпат, со сигурност утврдивме кои ѕвезди ги произведуваат овие мистериозни сигнали, сосема нова класа на радиофеномени – вели водачката на истражувањето Ајрис де Рујтер од Универзитетот во Сиднеј, Австралија.
Научниците нагласуваат дека овие досега неевидентирани појави се само почеток. Ова откритие би можело да ни помогне подобро да разбереме какви ѕвезди можат да емитуваат радиосигнали низ вселената и да го разјаснат нејзиното минато. За да ја реши оваа космичка загатка, Де Рујтер развила метод за наоѓање долги радиопулсирања во архивските слики од европскиот радиотелескоп ЛОФАР, најголемата радиотелескопска мрежа во Европа, специјализирана за многу ниски радиофреквенции.
Користејќи го нејзиниот метод, додека сè уште била докторантка во Амстердам, Де Рујтер најпрво пронашла единствен радиосигнал снимен во 2015 година, а потоа, со истражување на истата област на небото, открила уште шест сигнали. Сите потекнуваат од една бледа црвена ѕвезда. Таа ѕвезда, сепак, не можела сама по себе да создаде толку моќни импулси. Морало да има нешто друго што ги предизвикува.
За разлика од овие долготрајни пулсирања, брзите радиорафали (познати како ФРБ) се многу светли, траат само дел од секундата и генерално доаѓаат од други галаксии. Брзите радиорафали се многу помоќни од овој сигнал што се наоѓа во нашата галаксија и тие често се случуваат само еднаш.
– Овие нови прснувања се слични на ФРБ, но тие траат многу подолго и имаат помала енергија. Сè уште се обидуваме да разбереме дали овие феномени се поврзани или се работи за различни типови настани – вели коавторот на студијата Чарлс Килпатрик од Универзитетот „Нортвестерн“.
Црвената ѕвезда всушност „танцува“ напред-назад
Преку понатамошни набљудувања со помош на големи телескопи во Аризона и Тексас, научниците открија дека црвената ѕвезда всушност „танцува“ напред-назад во редовен двочасовен ритам, кој совршено одговара на радиопулсот. Тие заклучија дека ѕвездата се движи од гравитацијата на блиското бело џуџе, мала густа мртва ѕвезда. Овие две ѕвезди, оддалечени 1.600 светлосни години од Земјата, орбитираат заедно околу заедничка точка на секои 125,5 минути.
Научниците веруваат дека постојат две можни објаснувања за овие необични импулси. Или џуџето има силно магнетно поле што редовно емитува сигнали, или, од друга страна, магнетните полиња на двете ѕвезди комуницираат едни со други и во тој процес ги создаваат овие импулси. Истражувачите планираат понатамошни студии на овој систем за да откријат дали ѕвездите испуштаат други видови зрачења, како што се ултравиолетова светлина или Х-зраци, на пример, што би можело да помогне подобро да се разберат нивното минато и односите.
– Во моментов, импулсите целосно исчезнаа, но можно е тие повторно да се појават во иднина – рече Де Рујтер.
Таа и нејзиниот тим истражуваат стари податоци од радиотелескопот ЛОФАР во потрага по слични извори. Во последните неколку години, други истражувачи открија околу десетина системи што емитуваат слични долги импулси.
– Сите овие системи се наоѓаат во рамките на нашиот Млечен Пат и се сосема различни од сѐ што сме знаеле досега – заклучува Де Рујтер.
За разлика од кратките импулси на пулсарите, кои траат делови од секундата, овие долготрајни сигнали можат да траат од неколку секунди до дури еден час, смета Наташа Харли-Вокер од Универзитетот „Куртин“ во Австралија, која не била вклучена во ова истражување.
– Досега, минливите радиоизвори доведоа до некои од најголемите откритија во астрономијата: од откривањето на пулсарите, до ФРБ, кои ни овозможија да ја проучуваме невидливата материја помеѓу галаксиите и сега до овие нови феномени со долг период, чие значење само што почнуваме да го разбираме. Фасцинантно е што сега можеме да знаеме за нив – вели таа.