Иако израснав во фудбалска атмосфера, опкружен со главните фудбалски фаци, меѓу кои беше и татко ми, кој беше познат фудбалер, вратата на моето срце беше отворена само за музиката, вели Фис
Времеплов – Кога бев ученик: Љупчо Трајковски-Фис
Љупчо Трајковски-Фис уште од мал се определил за музиката како животен предизвик, инспирација и место каде што ќе заработува за егзистенција. Одејќи по својот пат до ѕвездите, тој денес е еден од најдобрите македонски композитори на народна и забавна музика. Учествувал со свои песнички и на сите детски фестивали кај нас: „Златно славејче“, „Си-до“, „Калинка“, „Тра-ла-ла“…, а пишувал и за деца таленти како што е Ања Ветерова.
Фис е одличен инструменталист, свири на бас-гитара и е мошне баран и ценет меѓу своите колеги. Свирел во Танцовиот оркестар на МРТВ, а бил и уредник во Музичката продукција во Македонската радио-телевизија, како и продуцент на домашниот „Детски евросонг 2008“.
Автор е на незаборавни рефрени, кои ги пеат најпознатите македонски пејачи, и добитник на голем број награди. Во оваа пригода Фис се потсети на своите училишни денови и првите допири со музиката.
Каква беше вашата прва средба со училиштето?
– Првата средба со училиштето за мене беше вистинско доживување, бидејќи очекував дека таму сѐ ќе се врти околу музиката и дека по цел ден ќе се свири и ќе се пее. Мојата главна виза за предвремено запишување во скопското ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, на шест години, беше мојот (за училишната комисија) импресивен настап на хармоника.
Што би издвоиле како најважно од она што ви се случуваше во детството?
– Тоа беше моето прво зачленување во училишниот оркестар на училиштето „Петар Здравковски -Пенко“. Со помош на мојата најомилена и најдрага наставничка Цветанка Костадиновска ги научив првите акорди на гитара, а со тоа ги направив првите чекори кон волшебниот свет наречен музика. Многу сум ѝ благодарен на наставничката Цвета што ми подаде рака и најмногу придонесе музиката да ми биде професија и мој животен пат.
Кои предмети ви беа најомилени, освен музичко?
– Покрај музичкото, сакав и македонски и француски, географија, хемија и биологија. Но морам да признаам дека еден од најомилените ми беше и бегање од шестиот час!
Каде ги минавте безгрижните детски денови?
– Населбата Чаир беше моето место од бајките, во кое јас и моите другари ги минавме најубавите детски денови. Првите радости, првите љубови, како и првите разочарувања од нив. Шато, Кемко, Цуле, Цвањо, Пижо, Але, Дуле…Често мислам на нив и никогаш нема да ги заборавам! Имавме едно место, кое го нарекувавме Камче, кадешто се собиравме и свиревме на гитара, а најредовен во публиката беше Џокси. Сега би го прашал што научи тогаш од нас подобро – дали да свири на гитара или да се додворува.
Имате ли некоја неостварена амбиција од ученичките денови?
– Како неостварена амбиција би можел да го наведам фудбалот. Зошто? Затоа што буквално израснав во фудбалска атмосфера. Имено, татко ми Драги беше многу прочуен фудбалер, а и тренер на ФК Балкан и некако се подразбираше дека јас треба да продолжам по неговите стапки. Често ме носеше на натпревари и на тренинзи, секогаш бев опкружен со главните фудбалски фаци, но вратата на моето срце беше отворена само за музиката. Што се однесува до професијата, очигледно во мојот случај не важеше поговорката каков татко, таков син.
Кога почнавте да настапувате пред публика?
– Моето детство малку се разликуваше од другите и по тоа што многу рано почнав да настапувам јавно. Уште на 12-годишна возраст ја формирав мојата прва група „Фис“, по која го добив и прекарот, а во која, покрај мене, членуваа Кемко на соло-гитара и Шато на тапани. Бевме седмоодделенци кога почнавме да свириме на игранки речиси во сите скопски средни училишта. На репертоарот ги имавме хитовите на: „Стоунси“, „Дип парпл“, „Лед цепелин“, „Локомотив Г.Т.“, а подоцна имавме и наши песни со кои станавме препознатливи. Поради тоа ја добивме и поканата за нашиот прв посериозен настап на првиот одржан „Мак-рок фест“ во 1976 година во Домот на младите во Скопје.
Кога сфативте дека музиката ќе ви биде сѐ во животот?
– Запишувањето во средното музичко училиште значеше и збогување со дотогашниот, би рекол, безгрижен живот и тргнување по еден нов пат, секогаш полн со предизвици, по кој сѐ уште чекорам.
