На Светското првенство за хипхоп и стрит денс што се одржа во Скопје
Македонија продолжува да блеска во светот на танцот, а Мила Србиноска од клубот „Брејк а лег“ е најновиот бисер на нашата танцова сцена. На Светското првенство во хипхоп и стрит денс, кое се одржа неодамна во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Мила ја освои титулата светски шампион во јуниорска категорија, во жестока конкуренција од 174 натпреварувачи!
Настапот на Србиновска беше полн со енергија, креативност и техничка прецизност, оставајќи го без здив жирито, но и публиката. Оваа победа е доказ за нејзината упорност и работа и ќе претставува инспирација за сите млади танчари во нашата земја. Македонската репрезентација е меѓу најмногубројните на шампионатот, а свои учесници на првенството имаат клубовите „Брејк а лег“, „Аква“, „Еурека“, „Битрикс“, „Ит да бит“ и „Уан веј“.
Многубројна публика го следеше официјалното отворање на ИДО Светското првенство во хипхоп и стрит денс (IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024), а коментарите беа дека тоа е спектакл што не се опишува. Во рамките на Парадата на нации, на танцовиот подиум продефилираа над 1.700 натпреварувачи, создавајќи спектакуларно шоу на движење, ритам и креативност. Танцувачи од сите возрасти и стилови се собраа заедно на сцената, носејќи дух на единство и страст за танцот. Отворањето беше збогатено и со настапот на академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, кое изведе незаборавен перформанс на народни игри и ора од Македонија.