ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА СЕНИОРИ ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ
- Атмосферата во нашиот состав е на високо ниво. Репрезентативците се чувствуваат одлично. Ги повикувам сите што се слободни да дојдат и да ги бодрат нашите репрезентативци и да ја искористат можноста да уживаат во џудо-борбите, вели селекторот Мицкоски. Европскиот куп ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, свеченото отворање е денеска од 16 часот, квалификациите во двата дена претпладне, а финалињата попладне од 16.30 ч.
Македонското џудо денеска и утре повторно ќе пулсира на европско ниво, четврти пат годинава. Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), на чело со нејзиниот претседател Владимир Трпаноски, ќе биде домаќин на Европскиот куп за сениори, кој ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а македонските љубители на џудото и на спортот воопшто ќе можат повторно да уживаат во квалитетни борби и врвни имиња во овој спорт.
Свеченото отворање е закажано за денеска од 16 часот, квалификациските борби ќе се одвиваат двата дена претпладне, а финалниот блок е предвиден за попладне од 16.30 часот. Сето ова само наведува дека џудото во Македонија и понатаму се движи по нагорна траекторија. Само како потсетување, во јуни Скопје беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за кадети, еден месец подоцна следуваше Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а во август се одржа Европскиот куп за јуниори. Година што, секако, засекогаш ќе остане во паметење.
На Европскиот куп за сениори се очекуваат повеќе од 300 квалитетни учесници од 30 земји. Иако ова џудо-натпреварување се нарекува европско, сепак, пласманите се бодуваат и за светската ранг-листа, што значи дека на него ќе настапат џудисти и од други континенти.
Македонија ќе биде претставена со 14 натпреварувачи, од кои 10 џудисти и четири џудистки, предводени од селекторот Горан Мицкоски. Ждрепката за ова натпреварување беше закажана синоќа, кога и се дознаа противниците на македонските натпреварувачи.
– Атмосферата во нашиот состав е на високо ниво. Репрезентативците се чувствуваат одлично. Предизвикот да се настапи на вакво натпреварување од највисок ранг е огромен и оттука секој сака да го даде максимумот и да се претстави во најдобро светло пред домашната публика. Подготовките во последните четири дена секој во своите клубови ги одработи според договореното. Впрочем, и пред вакви големи натпревари подготовките се сведуваат на финеси и одржување на формата, како и подготовка за секој да го даде максимумот. Очекувам поискусните во сениорска конкуренција да прикажат одлични борби и се надеваме дека некој од нив ќе влезе и во борбата за медал – вели Мицкоски.
Конкуренцијата ќе биде силна, но тоа ќе биде и нов мотив македонските џудисти да се прикажат во што посветло издание.
– Секако дека секој сака да се прикаже во најдобро светло на вакво натпреварување. Покрај искуството, на овој Европски куп за сениори од највисок ранг, право на настап имаат џудисти од целиот свет, што за секој од македонските џудисти е голем предизвик. Тука доаѓа целиот тим на Германија, Италија, а и во сите 30 пријавени репрезентации имаме џудисти што се високорангирани на светската ранг-листа. Џудото е непредвидлив спорт, бидејќи борбите се во поединечна конкуренција, па сметам дека сите се многу силни, а нијанси ќе одлучат која од 30-те селекции ќе освои најголем број медали – рече Мицкоски.
Селекторот посакува македонските џудисти да бидат бодрени во што поголем број од домашните навивачи, кои ќе им бидат ветер во грбот пред напорните борби.
– Ги повикувам сите што се слободни да дојдат и да ги бодрат нашите репрезентативци и да ја искористат можноста да уживаат во џудо-борбите. Да потсетам само дека џудото е олимписки спорт присутен на Олимписките игри од 1964 година во Токио и оттогаш е во програмата на 205 земји во светот. Џудото како спорт од УНИЦЕФ е прогласено и како еден од трите најдобри спорта за психофизички развој на децата од најмала возраст – изјави македонскиот селектор. Г.И.
Македонија, состав
Сениори: Сергеј Димитријоски (категорија до 60 кг), Зоран Колевски (до 60 кг), Михаил Стојановски (до 66 кг), Игнат Петров (до 66 кг), Антонио Стојчески (до 66 кг), Андреј Симоноски (до 73 кг), Еди Шерифовски (до 81 кг), Владимир Милчиноски (до 90 кг), Андреј Чакаровски (до 90 кг), Никола Павловски (до 100 кг). Сениорки: Лилјана Недановска (до 57 кг), Ива Богдановска (до 63 кг), Катерина Ацевска (над 78 кг), Александра Најдоска (над 78 кг). Г.И.