Падна железната завеса, заврши Студената војна, падна Берлинскиот ѕид, се распаднаа Советскиот Сојуз и Југославија, само Република Македонија остана да стои пред ѕидините на Европската Унија. Ахајците (Грците) пред 1.200 години десет години се обидувале да ја освојат Троја, Македонија 20 години во 21 век стои пред подигнатите ѕидини на ЕУ.
Посочувајќи ги овие неколку историски факти, вреди да се анализира од повеќе аспекти изјавата што ја даде при крајот на март претседателот на владата Кристијан Мицкоски. Крај Охрид и езерските води, премиерот очигледно мотивиран, расположен од динамиката на инфраструктурните проекти, вклучувајќи ја и реконструкцијата на локалниот аеродром, уште еднаш ја предизвика домашната јавност упатувајќи истовремено отворена и директна порака до меѓународниот европски фактор. До централата на ЕУ, поточно. Исти или слични изјави премиерот даде и во други пригоди, кои не ги оставија рамнодушни ниту еврофилите ниту опозиционерите.

Уште едно навраќање на мотивот „уставни измени“
Самоуверените настапи на Мицкоски манифестираат неколку чисти точки, а сите, сума сумарум, се однесуваат на прашањето за наметнатите уставни измени, односно за условувањето на ЕУ за впишување на Бугарите во македонскиот устав. Повторно бурно беа примени неговите зборови дека нема уставни измени без предвидливост и јасен крај и дека нема намера да ја внесе државата во ново „мочуриште“ и политичка авантура.
Тврдејќи дека не смеат да се прифатат процеси што директно удираат врз македонскиот идентитет, а не нудат видлив крај, Мицкоски уште еднаш го крена степенот на неприфаќање дека тоа нема да се случи додека тој е на власт. Отиде дури и подалеку од еден мандат, велејќи дека уставните измени нема да бидат ставени на маса без претходно прецизирани гаранции и, ако треба, Македонија е подготвена да чека со децении за да се реализираат евроинтегративните процеси на праведен начин.
Дали претседателот на владата и на партијата ВМРО-ДПМНЕ кажа нешто ново за повторно да се возбудат духовите на оние што не се согласуваат со неговата европолитика? Одговорот на ова прашање би бил дека во последните изјави нема ништо ново и непознато. Ваквиот негов став не е од вчера или завчера, не е само од денот кога седна во премиерската фотелја. Доследноста на изречениот став се држи од времето кога беше опозиционер, кога го прокламираше во изборната програма и конечно кога стапи на должност на највисоката извршна функција во државата.
На основите што ги повторува сега Мицкоски партијата ВМРО-ДПМНЕ ги доби чисто, чесно и убедливо последните собраниски избори. Таа изборно нагласена македонска национална политика, базирана на заштита на македонизмот, на одбрана на националните интереси, на историјата, јазикот, писмото и културното наследство, им донесе победа со осетна разлика во гласови. Потпрена на враќање на гордоста по понижувачката промена на името, форсирајќи го патриотизмот како еден од темелите на нацијата, ВМРО-ДПМНЕ ја искористи разочараноста на граѓаните и оформи позиција што му донесе убедлив резултат.
Тие гласови му го даваат сега легитимитетот, му ја ѕидаат сигурноста, му го даваат правото да презема чекори, да влече потези за кои смета дека се во македонски државен и општествен интерес. Во согласност со тие фактори, Мицкоски ја носи и одговорноста, општествена, материјална, морална, човечка и лична, вклучувајќи ја и сопствената оставка доколку се потврди дека едно мисли, друго зборува, а трето прави. Во тој контекст Мицкоски во неколку наврати ја има понудено и својата глава, односно јасно има соопштено дека самиот ќе поднесе оставка доколку сфати дека ја нема посакуваната поддршка.
Најдолгиот пат
Имајќи ги предвид сите тие чинители, станува јасно дека секоја одлука на Мицкоски што би била спротивна на она што е програмски поставено (во содејство со претседателката Гордана Сиљаноска), секое ветување што е дадено јавно а ќе биде прекршено, секое застранување и напуштање на таа одбрана и заштита на идентитетските прашања, сигурно ќе биде политички аморален чин, предавство на изборната победа и нова партиска катастрофа. Морален пад од најниска категорија, можеби рамен на моралната атрофија на неговиот претходник Зоран Заев, кој, без срам од луѓето и без страв од Бога, се колнеше за чување на името, а во име на лагата го заложуваше целото свое семејство, вклучувајќи ги и децата.
На сите, и дома и во Европа, им е познато дека патот на Македонија кон ЕУ е претерано долг, и тоа не по вина на земјата, дека процесот на пристапување е неоправдано попречуван и дека од Македонија се бараат чекори што не произлегуваат од Копенхашките критериуми. Дваесет години се поставуваат барања што не се дел од европските правила, се менуваат принципите, со години се соочува со условувања што не им биле поставувани на други земји кандидати. Се бараат отстапки што не се ни логички ни дел од европското право. Од една невозможност, Македонија се турка во друга, без право на грешка или воздишка.
Бугарските условувања, преговарачката рамка, вториот протокол, уставните измени, постојаните одлагања за почеток на преговорите, уцените од амбасадорите, лицемерноста од високите претставници на Комисијата и Советот се бомби што го разнесуваат уверувањето на Македонците дека Европската Унија ѝ е пријател на Македонија. Сите знаат дека ЕУ не е во право во однос на Македонија, но речиси сите мижат пред фактите, пред напорите што ги прави државата да се приклучи кон европското законодавство, да го реформира општеството, да ја трансформира економијата, да ги обезбеди колективните и индивидуалните права и да има слобода на медиумите.
Сепак, и покрај сите постигнувања, вклучувајќи го и придонесот на претходните влади, процесот на проширување е неразбирливо забавен. Кандидатскиот статус Македонија го доби уште во 2005 година. Има дваесетина позитивни извештаи и препораки, но од нив не произлегол никаков позитивен ефект за државата. Интересно е што кандидатскиот статус Република Македонија од ЕУ го доби под акроним. Дваесет години подоцна во ЕУ-регистерот се води под ново име – Република Северна Македонија.
Обидите на тандемот Сиљаноска – Мицкоски да направи пресврт во преговарачкиот процес со ЕУ, за дел од јавноста се сфаќа и толкува како залуден потфат да се оствари невозможното. Но, притоа, се заборава прашањето – зошто да не пробаат. Познато е – ако не пробаш, не успеваш. Ако не тропнеш, не ти се отвора. Ако не побараш, не ти се дава. Се памети славната реченица на Радмила Шеќеринска пред приемот во НАТО, кога рече дека „не можеш да правиш кајгана ако не ги скршиш јајцата“. Лесно е да кренеш раце, да се предадеш и покориш, како што направија Заев, Бујар Османи и Димитар Ковачевски, кои без државотворно чувство и без дипломатска борба ја оставија Македонија без историското име и го доведоа македонскиот народ до национална историска, јазична и културна загроза.
Во опозицијата доминираат антимакедонските јастреби и таа е оперирана од елементарен патриотизам
Дел од јавноста, македонската опозиција, особено СДСМ, не само што не гледа благонаклоно туку и ја осудува политиката на актуелната влада и на претседателката. Тврдења дека тие не сакаат Македонија да стане членка на Европската Унија и дека вршат демонтажа на евроатлантската иднина и стратешка саботажа на евроинтеграциите најдиректно изнесе Венко Филипче, упатувајќи и отворено писмо до амбасадите и до органите на Европската Унија.
Писмото ниту ќе му помогне ниту ќе му одмогне на СДСМ, само ќе го бетонира впечатокот за немоќта на партијата да се справи со горливите прашања на денешните глобални геополитички односи. На домашна сцена односот на СДС кон евроинтеграциите, односно кон прашањето за менување на Уставот и впишувањето на Бугарите во него, сигурно ќе го зацврсти уверувањето меѓу поголемиот дел Македонци дека партијата и натаму не покажува ни грам национално чувство, дека во неа доминираат антимакедонските јастреби и дека е оперирана од елементарен патриотизам.
Меѓу другите претерувања во непристојноста е неговата изјава дека „Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси – од српски, унгарски, па до руски“. Оваа „теза“, оваа црнохуморна мелодија, СДСМ ја вергла уште од времето на Сево Пендаровски, без никакви докази, без ниту еден посочен пример. Шпекулациите со унгарските, кинеските и други илегални пари внесувани во политички партии и медиуми во Македонија, приказните за враќањето на Груевски и слични теми не се оние што ќе ја вратат довербата во заблудената партија, загубена во избори, во просторот, во времето, во идеите и во кадрите.
































