Фото: Маја Јаневска-Илиева

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите е посветен на трагично настраданите македонски Евреи за време на холокаустот, но и на еврејската историја на Балканскиот Полуостров. Тој се наоѓа во Скопје, поточно на местото на некогашното Еврејско Маало – центарот на еврејскиот живот во градот Скопје до нивната депортација во логорот на смртта Треблинка. Споменатиот меморијален центар е комплексна функционална целина, посветена во меморијата за сите настрадани во времето на бугарската фашистичка окупација на Македонија, со акцент на трагичната судбина на македонските Евреи. Во рамките на центарот функционираат музејот и арт-центарот

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје со постојана цел и мисија:

Градбата е во два кубуса, со диференцирана содржина. Во главниот кубус е сместена музејската поставка, а во помалиот кубус се сместени службените и други споредни простории. Арт-центарот се наоѓа на агол од северозападната и североисточната страна од урбанистичкиот комплекс на градби. Тој е многу наменски и се поврзува функционално преку третото ниво со музејот.
Градежните работи на центарот започнаа со поставување камен-темелник на објектот на 2 септември 2005 година, со поддршка од македонската влада, а неговото официјално отворање се случи во 10 март 2011 година, 68 години по трагичниот настан. Средствата за изградба на центарот беа обезбедени од повратот на имотите на Евреите од Македонија што ги загубија животите во нацистичките логори и немаат никакви наследници. Тоа беше овозможено преку донесувањето на Законот за реституција, која целосно беше завршена во декември 2007 година.
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше официјално отворен на 10 март 2011 година, точно 68 години откако бугарските фашистички окупаторски сили ги депортираа македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка.
Со пренесување на трите урни од загинатите Евреи од Битола, Штип и Скопје во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија започнаа церемониите за неговото официјално отворање. Колоната со урните ја придружуваа гардистите на Македонија, а ја предводеа градоначалниците на трите града, високи гости од светот, државни функционери, пратеници, рабини, граѓани. Колоната тргна од улицата Македонија и преку Камен мост стигна до влезот на музејот, кој ќе биде вечното почивалиште на погубените македонски Евреи.
На отворањето присуствуваа високи функционери од Македонија, Израел и други земји. Меѓу високите гости беа македонскиот премиер Никола Груевски, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, израелскиот вицепремиер Моше Јалон, претседателите на Црна Гора и на Албанија, Филип Вујановиќ и Бамир Топи, како и членови на Кнесетот, поглавари на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор. Д.Ст.


Музејска поставка

Музејската поставка на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите се состои од: меморијална соба, комеморативен дел, скалила, Стоби (Евреите во антиката), Евреите на Балканот, Златната доба во Шпанија и протерувањето на Евреите од Шпанија, Османлиската Империја, Ладино, Еврејското Маало во Скопје, Југославија, Доаѓањето на нацистите на власт, Бугарската фашистичка окупација, Монополот, Треблинка, Конечното решение, Партизанското движење, Криење и спасување, Трагедија и триумф, Израел: Прибежиште и татковина, Современата еврејска заедница во Македонија и „Наследството на Шоа“ – филм за наследството на холокаустот за Македонците во Балканскиот Регион.
Поставката Монопол ја доловува кратката но ужасна гетоизација во Монополот, фабриката за тутун во Скопје, и депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, од каде што ниту еден не се вратил. Посетителите можат да завртат круг околу вагонот, но само откако ќе ги слушнат гласовите на преживеаните, кои ја раскажуваат приказната за депортацијата и нивните ужасни искуства во возот. Откако ќе поминат низ сточниот вагон, посетителите влегуваат во изложбата за центарот за убивање – Треблинка, полн со предмети, фотографии и со макета од логорот. Филмот во кој е прикажан Самуел Виленберг, последниот сведок од Треблинка, ги опишува логорот и искуствата на луѓето што тогаш живееле таму, постојано под сенката на смртта. Деветстотини илјади Евреи беа убиени во периодот од 23 јули 1942 до 4 август 1943 година. На 2 август 1943 година се случило востание, а логорот го преживеале помалку од 100 – ниту еден од нив не бил од Македонија.