Учењето на децата да анализираат медиумска содржина им помага да препознаат кога се изманипулирани. Тие учат да ги преиспитуваат рекламите, да распознаваат веродостојни извори и да разбираат дека не сè што е на интернет е вистинито,
велат Сузана Мицева и Александар Методијев, автори на анимираниот филм „Медиумски детективи“
Иницијативи
Во денешното дигитално време, кога информациите нè бомбардираат од секој агол, негувањето на медиумската писменост кај децата станува суштинска вештина што е важно да се развива од најрана возраст. За деца меѓу 8 и 12 години, кои се изложени на влијание од голем број медиуми, движењето низ дигиталниот свет станува вистински предизвик со кој треба да научат да се изборат. Зајакнувањето со вештини за медиумска писменост во текот на овие години на формирање на нивната личност е клучно во обликувањето на нивното разбирање за светот и нивната способност да разликуваат факти од фикција.
Не е вистинито сè што е на интернет
Учењето на децата да анализираат медиумска содржина им помага да препознаат кога се изманипулирани. Тие учат да ги преиспитуваат рекламите, да распознаваат веродостојни извори и да разбираат дека не сè што е на интернет е вистинито.
Потребно е да се создаде способност да преземат контрола врз сопствените избори, мисли и постапки, наместо да бидат прекумерно под влијание или контролирани од надворешни фактори, особено во контекст на користењето на медиумите. Критичкото размислување на оваа возраст вклучува поттикнување на вештините за процена кај децата. Охрабрувајќи ги критички да ги преиспитуваат, анализираат и оценуваат информациите, тие стануваат поподготвени да донесуваат информирани процени за содржината со која се среќаваат. Зајакнувањето преку медиумската писменост има цел да промовира независност во одлучувањето. Децата учат да се потпираат на сопственото расудување наместо само да го прифаќаат она што го гледаат или слушаат без да го преиспитуваат. Кога децата разбираат како се создаваат медиумските пораки и мотивите зад нив, тие добиваат сигурност во движењето низ огромниот медиумски простор. Се чувствуваат посигурно во нивната способност да разликуваат веродостојни од неверодостојни извори. Зајакнувањето вклучува градење отпорност против манипулативните тактики. Децата учат да препознаваат и да се спротивстават на обидите да манипулираат со нивните емоции, верувања или однесувања преку неточна или пристрасна содржина.
Токму тоа е причината новинарите Сузана Мицева и Александар Методијев да развијат сценарија за кратки едукативни анимирани филмови преку кои децата на возраст од 8 до 12 години и тинејџерите низ практични примери ќе се соочат со некои од најчестите манипулации на кои се изложени на интернет. Изработката на анимираните филмови е поддржана од Институтот за комуникациски студии, преку проектот „Користи факти“, кој го финансира Британската амбасада во Скопје. Филмовите може да служат и како алатки во наставата за медиумска писменост што се изведува во рамките на редовната настава по македонски јазик, како и во воннаставните активности.
Еве го текстот што го развивавме во сценарио за анимираниот филм.
Медиумски детективи
Едно саботно утро десетгодишниот Симон ги покани во својата дневна соба врсничката Ема, една година постариот Тино и Лили, која неколку дена претходно го славеше деветтиот роденден. Таа со себе понесе еден од подароците што ги доби – бел таблет. Симон, возбуден од новиот уред на Лили, извика: „Момци, имам идеја! Ајде да играме медиумски детективи!“
Лили, стоејќи до масата со весници, нејзиниот таблет и далечински управувач, збунето праша: „А, што е тоа?“ Низ насмевка Симон ѝ одговори: „Ќе се преправаме дека истражуваме како медиумите се обидуваат да нѐ убедат во нештата“. „Кул“, извика Тино, прашувајќи потоа што ќе прават за да станат медиумски детективи?
Ема, земајќи го далечинското, предложи: „Прво, да ја погледнеме оваа реклама и да ги откриеме нејзините трикови“. Децата го вклучија телевизорот и на екранот се појави реклама за играчки што имаат јаки бои. Рекламата убедува дека се нудат играчки за секое дете, по што Лили извика: „Ја сакам оваа играчка! Изгледа многу забавно!“ Лили го посака огромниот бел зајак, со шарени делови на себе, кој се смее и е претставен како да излегува од екранот. Симон, кревајќи ја веѓата, извика: „Чекај! Погледнете како тие го покажуваат тоа. Тие прават да изгледа поголем отколку што навистина е“. Покажувајќи кон екранот, Тино се сети зошто децата во собата реагираат на рекламата: „Гледајте! Користат светли бои за да ни го привлечат вниманието!“. Ема, малку намуртено, забележа дека рекламата не покажува деца што ја користат играчката и си се праша дали е толку лесно да се игра со неа.
Децата потоа се префрлија од телевизорот на таблетот, за да проверат апликација за вести. Лили, читајќи наслови во својот таблет, извика: „Уф! Овие приказни се луди. Дали сите тие се вистинити?“ Симон, тресејќи ја главата, ѝ одговори дека тоа не мора да значи. „Некои приказни се претеруваат за да се добијат повеќе кликови“, ѝ дообјасни Симон на Лили.
Тино одбра еден наслов во апликацијата и покажувајќи со прст кон него изрази сомнеж: „Овој е премногу нагласен. Можеби е само мамка за да кликнуваме!“ Ема се сети дека сите треба да проверат други извори, за да бидат сигурни. Така, едни од децата се собраа околу весниците, а други продолжија да бараат на интернет. Симон препозна нешто на фотографиите и намуртено извика: „Погледнете ги овие слики! Тие изгледаат монтирано за ситуацијата да изгледа полоша“. Лили сфати за што станува збор: „Тие се обидуваат да нè натераат да се чувствуваме лошо!“ Со сериозен изглед на лицето, Тино им кажа на другарчињата што треба да прават секогаш: „Треба да го преиспитаме сето она што го гледаме или читаме“.
„Во право си!“, низ насмевка му врати Ема, укажувајќи: „Секогаш да прашуваме дали овој текст или оваа реклама се обидува да ни продаде нешто или да манипулира со нас.“
Децата, на крајот од играта, беа горди на своите новооткриени вештини за медиумска писменост. Бидете како Ема, Симон, Лили и Тино и секогаш прашувајте се дали тоа што го гледате или читате е вистинито, проверете дали напишаното го има во други познати медиуми, размислете дали изразените бои, несоодветните пропорции или монтираните фотографии имаат цел да ви го привлечат вниманието или да ве натераат да се чувствувате лошо и дали насловите, фотографиите и видеата на интернет се намерно во понудената форма за да ве натераат да ги кликнете.
Автори: Сузана Мицева, Александар Методијев