Дел од поентите на францускиот претседател дадени во интервју за „Ле монд“ што европските лидери тотално ги отфрлија
Два дена пред состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел, францускиот претседател ги повика 27-те земји членки, во интервју за „Ле монд“ и неколку други европски весници, заеднички да инвестираат во еколошката транзиција, вештачката интелигенција и квантните технологии за да избегнат заостанување зад конкурентите.
Во интервју дадено во понеделникот за неколку европски весници, вклучувајќи го и париски „Ле монд“, Емануел Макрон ја бранеше употребата на нов заеднички заем од страна на 27-те земји членки, кој би финансирал стратешки инвестиции и би ѝ овозможил на Европската Унија (ЕУ) да „ја предизвика хегемонијата на доларот“. Овој став доаѓа во пресрет на утрешниот состанок на европските шефови на држави и влади во Белгија, каде што ќе разговараат за конкурентноста. Францускиот претседател се осврна на прашањата за состојбите по пандемијата на ковид-19, војната во Украина, враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа…
Нагласено залагањето за „моќна Европа“
– Девет години се залагам за посуверена Европа. Мислам дека се случи концептуална промена и презедовме многу мерки што би биле незамисливи пред неколку години. На пример, воспоставивме европски одбранбени сили, со заедничко финансирање и заеднички проекти. Ја добивме оваа идеолошка битка. Но не се движиме со вистинско темпо и не работиме на вистинско ниво. Денес нашата Европа се соочува со огромен предизвик во свет во хаос. Климатските промени се забрзуваат. Соединетите Американски Држави, за кои мислевме дека засекогаш ја гарантираат нашата безбедност, сега фрлаат сомнеж врз тоа. Русија, која засекогаш требаше да биде извор на евтина енергија, престана да биде пред три години. А Кина, некогаш извозен пазар за многумина, стана сè пожесток конкурент – вели Макрон.
На забелешката на новинарите дека во септември 2024 година поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, во својот извештај за конкурентноста, предупреди за ризикот од пропаст на ЕУ ако не се преземе ништо, Макрон претставува како стојат работите сега во ЕУ.
– Оттогаш, ситуацијата значително се влоши. Денес Кина има трговски суфицит од еден билион долари (840 милијарди евра – н.з.) со остатокот од светот, една третина со САД, една третина со Европа. Во меѓувреме, Вашингтон ни воведе царини. Всушност, се соочуваме со двојна криза: кинеското трговско цунами и микросекундната нестабилност на американска страна. Дали сме подготвени да станеме сила? Ова прашање ни се поставува на економско, финансиско, одбранбено и безбедносно ниво, како и на демократско ниво. Ова мора да биде момент на будење. Во други времиња, да ги цитирам големите автори, би го нарекле моментот на излегување од состојба на незрелост. Денес ние Европејците сме сосема сами. Но, ние сме ние, огромни, со 450 милиони жители. За мене, тоа е врвното достигнување на европската авантура во последните седумдесет години. Се собравме за да избегнеме војна, се собравме за да создадеме пазар, но секогаш си забранувавме да размислуваме за моќ заедно. Од едноставна причина: бидејќи до 1945 година моќта значеше граѓанска војна меѓу нас – истакна Макрон.
Тој предложи мерки за европскиот домашен пазар.
– Поедноставување – веќе почнавме со текстови како што е должноста за будност – и продлабочување на внатрешниот пазар. Мора да продолжиме, со 28-от режим (кој има цел да создаде европски кодекс за деловно право), унијата на пазарите на капитал, интеграцијата на нашите електрични мрежи… Домашниот пазар на нашите претпријатија за бизнисите не може да биде дваесет и седум различни пазари, но мора да биде население од 450 милиони. Вториот столб е диверзификација, воспоставување нови трговски партнерства, како што направивме со Индија. Оваа стратегија ни нуди нов извор на раст, а исто така ни овозможува да ги намалиме нашите зависности; тоа е добро – смета Макрон.
Европа има три битки за водење
– Договорот Меркосур е лош. Тоа е стар договор, лошо договорен. Во секој случај, Меркосур нема да има ниту драматично влијание врз нашето земјоделство, од што некои се плашат, ниту позитивно влијание врз нашиот раст што другите го замислуваат. Мора да ја заштитиме нашата индустрија. Кинезите го прават тоа, Американците исто така. Европа во моментов е најотворениот пазар во светот. Соочени со ова, целта не е да се биде протекционистички, туку да се биде доследен, што значи да не им се наметнуваат правила на нашите производители што не им се наметнуваат на неевропските увозници. Почнавме да заштитуваме одредени сектори со наметнување даноци на силно субвенционирани кинески електрични возила или со воведување заштитни клаузули за челик. Планот за автомобили, презентиран пред неколку недели од Комисијата, исто така, покажува европска преференција.
Нема да применуваме европска преференција на мобилни телефони; повеќе не ги произведуваме во Европа. Мора да се фокусираме на одредени стратешки сектори, како што се чистата технологија, хемикалиите, челикот, автомобилската индустрија и одбраната; во спротивно, Европејците ќе бидат тргнати настрана. Тоа е дефанзивно, но е суштинско, бидејќи се соочуваме со нелојална конкуренција од оние што повеќе не ги почитуваат правилата на Светската трговска организација.
Денес имаме три битки за водење: во безбедноста и одбраната, во технологиите за зелена транзиција и во вештачката интелигенција и квантното пресметување. Во сите овие области инвестираме многу помалку од Кина и САД. Ако ЕУ не направи ништо во следните три до пет години, таа ќе биде отфрлена во овие сектори. И ако сакаме оваа инвестиција да го зачува внатрешниот пазар, а не дополнително да го фрагментира, не треба да им се остава на поединечните нации. Тоа мора да биде заедничка инвестиција. Марио Драги ја процени потребата од јавни и приватни инвестиции во зелени и дигитални технологии на 800 милијарди евра годишно. Ако ги додадеме одбраната и безбедноста, достигнуваме приближно 1,2 билион евра годишно – порача Макрон, додавајќи дека сега е време да се започне со заеднички капацитет за задолжување за идните расходи – преку еврообврзници ориентирани кон иднината.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција































