Политиките на претседателот на Франција, и дома и надвор, доведоа до негова незавидна позиција
- Францускиот претседател е критикуван за неговиот став кон американскиот претседател Доналд Трамп и за тоа што не ја постигнал својата цел во врска со Меркосур. На национално ниво, владата одговори на двата предлога за недоверба поднесени од Ла Франс инсоумиз (Непокорна Франција-ЛФИ) и Национален собир (РН), со тоа што ја отвори заканата за распуштање на Националното собрание
Петнаесет месеци пред крајот на неговиот мандат, францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со деликатен почеток на политичката сезона во новата 2026 година. На национално ниво, владата на Себастијан Лекорну се соочува со два предлога за недоверба поднесени од Ла Франс инсоумиз и Националниот собир, по одобрувањето од страна на Европската Унија на договорот за слободна трговија со Меркосур, и покрај противењето на Париз. Како одговор, шефот на државата и премиерот ја зголемуваат заканата за распуштање на Националното собрание.
На дипломатскиот фронт, во надворешната политика, Макрон донесе низа скандалозни одлуки, вклучувајќи го и обидот за оправдување на киднапирањето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро од страна на американските сили на 3 јануари во Каракас.
Ставот за Венецуела предизвика бураод критики
Една објава на социјалната мрежа Икс од шефот на државата беше доволна за да предизвика бура критики. „Венецуелскиот народ сега е ослободен од диктатурата на Николас Мадуро и може само да се радува“, коментираше Емануел Макрон на Икс таа вечер, без да ја спомене американската интервенција. Веќе гледајќи напред кон ерата по Мадуро, само неколку часа по неговото киднапирање со кршење на меѓународното право, францускиот претседател ја изрази својата желба за „мирна“ и „демократска“ транзиција. И тој веќе предлага име за да го наследи диктаторот: „претседателот Едмундо Гонзалез Урутија“, признаен од опозицијата и неколку земји како вистински победник на изборите во јули 2024 година.
Реакција „исто толку несреќна колку што е и несоодветна“ според неговиот претходник Франсоа Оланд, „слепа, несвесна за реалноста и неодговорна“ според поранешниот премиер Доминик де Вилпен. Емануел Макрон се чини дека ја поддржува империјалистичката логика на американскиот претседател. Во земја со голистичко-митеранистичка традиција како Франција, која отсекогаш се стремела да одржува критичко растојание од суперсилите, шефот на државата е карикатуриран како „следбеник“ на Доналд Трамп. Отсуството на осуда од Елисејската палата на начинот на дејствување на Американците не поминува добро кај француската јавност.
Оваа благост на Макрон, според париски „Ле монд“, се објаснува особено со наводниот квалитет на меѓучовечките односи меѓу францускиот претседател и неговиот колега. Очигледно Трамп не мисли така, кој отворено се потсмеваше со Макрон во едно јавно обраќање во Вашингтон. И покрај отвореното непријателство на Трамп кон Европејците, Емануел Макрон има намера да го одржи дијалогот. „Макрон останува убеден дека може да го освои својот соговорник. Затоа не сака отворено да го напаѓа Доналд Трамп (…). Тој верува дека бидејќи Трамп одговара на неговите повици, не е сè изгубено. Тој секогаш функционирал на овој начин, и со Путин“, се доверува поранешниот социјалистички претседател Франсоа Оланд во книгата „Неон во Елисејската палата“ од Николас Доменах и Морис Сафран.
Дури и во рамките на претседателскиот табор, критиките за позицијата на шефот на државата се потивки. „Николас Мадуро заробен од Американците значи еден диктатор помалку, но не и една диктатура помалку“, забележува поранешниот пратеник (од центристичкото движење Модем) Жан-Луј Бурланж. „Меѓународното право не е променлива што треба да се приспособува“. „Ова е она што колективно нè штити од хаос“, инсистира Ањес Пание-Рунашер, пратеничката (Ренесанса) за Па-де-Кале и поранешна министерка на Макрон. „Наметнувањето политичка наредба однадвор е спротивно на меѓународното право и е осудено на неуспех“, додава Натали Лоазо, европратеничка (Хоризонти) и поранешна министерка.
Нелагодноста е уште поголема затоа што Емануел Макрон, откако дојде на власт, постојано изјавуваше дека е важно да не се создава впечаток, особено на Глобалниот Југ, за двојни критериуми.
Двојни стандарди на Макрон во геополитиката и во меѓународното право
Затоа, Макрон се обиде да се повлече два дена подоцна, за време на состанок на министерскиот кабинет. „Методот што го користеа“ САД за апсење на венецуелскиот претседател „ниту беше поддржан ниту одобрен“ од Франција, изјави тој, без сепак формално да го осуди. Еден од неговите блиски соработници призна дека шефот на државата веројатно реагирал премногу брзо на 3 јануари, нетрпелив да го спречи прашањето за демократската транзиција во Венецуела.
Гласот на Франција повеќе нема тежина. Како што е неговиот обичај, во деновите што следуваа, Емануел Макрон понуди пострационализација. „Не сме тука да се жалиме на состојбата во светот или да коментираме за неа. Тука сме да дејствуваме“, тврдеше тој на 8 јануари, пред конференцијата на амбасадорите. Одбивајќи да подлегне на „вазалство од една страна“ или да стане „морално немоќна сила“ од друга страна. Како „во свет што се распаѓа“, како што вели самиот, повикувањето на почитување на правилата на меѓународното право кога се зборува во име на Франција да не е чин на пркос.
За многу проникливи набљудувачи, гласот на Франција повеќе нема тежина, пишува „Ле монд“. „Ние сме земја на двата клуба“, се жали Жан-Луј Бурланж. „Макрон има само едно оружје во однос на суверената моќ: нуклеарната сила што ја наследи“, оценува неговиот поранешен поддржувач Ален Минц. „Во овој капацитет тој сè уште има тежина. Инаку, неговото меѓународно влијание би било сведено на ништо“.
Еден знак е непогрешлив: петнаесет месеци пред претседателските избори, кандидатите од централниот блок за наследник на Емануел Макрон за првпат се дистанцираат од меѓународните активности на претседателот, некогаш неоспорени во неговата партија. „Сакаме да се маскираме со идејата за стратешка автономија. Единствената автономија што ни останува е автономијата на коментарот“, тврди Едуар Филип, претседател на Хоризонти. Од своја страна, Габриел Атал, генерален секретар на Ренесанса, е убеден дека „патот на силата“ сега е единствениот начин да се обезбеди дека „правото повторно ќе преовладее“. Ова го поттикнува професорот Емеритус Бертран Бади од „Политички науки“, кој во „Ле монд“ забележува: „Никој не би можел да каже каква е Макроновата надворешна политика денес“.
Украинското прашање останува еден од неговите симболи. Емануел Макрон ја нагласи улогата на Франција во Коалицијата на волјата, сојуз создаден за да му понуди безбедносни гаранции на Киев. На состанокот во Париз на 6 јануари се обезбеди првата јасна обврска од Американците да ѝ обезбедат воена поддршка на Украина во случај на руска агресија по хипотетички прекин на огнот.
Распуштањето на Собранието како чин на авторитетна моќ
Овој дипломатски успех беше делумно засенет од маргинализацијата на Франција во Брисел во врска со трговскиот договор со Меркосур, усвоен од мнозинството земји од Европската Унија (ЕУ) во петокот. Еден ден претходно, Емануел Макрон потврди дека Франција ќе гласа против овој договор за слободна трговија со четири јужноамерикански држави (Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај). Закупецот на Елисејската палата, под притисок од земјоделската криза и заканата од гласање недоверба против владата на Лекорну, конечно одлучи да му се придружи на кампот „против“ заедно со Ирска и Унгарија. „Денес е јасно дека гласот на Франција не беше слушнат“ од страна на Европската комисија, забележа поранешниот европски комесар Тиери Бретон, кој има забрана за влез во САД
Оваа епизода илустрира како недостигот од мнозинство од распуштањето на Националното собрание во јуни 2024 година ги поткопува меѓународниот кредибилитет на Емануел Макрон и неговиот авторитет на домашната сцена. Извршната власт, која се надеваше дека ќе ја обезбеди стабилноста на владата на Лекорну, не беше поштедена од поднесување две барања за недоверба, едната од Ла Франс инсоумиз и другата од Национален собир.
Бесни, претседателот на Републиката и неговиот премиер, Себастијан Лекорну, им се закануваат на политичките партии со распуштање и предвремени парламентарни избори распишани истовремено со локалните избори на 15 и 22 март, доколку владата биде соборена поради Меркосур или буџетот.
Распуштањето тогаш би се појавило како последен чин на овластување за продолжување на „инерцијалниот легитимитет“ на Емануел Макрон, концепт измислен од професорите по јавно право Денис Баранже и Оливие Бо во „Распуштањето на Петтата Република“. „Претседателот на Републиката повеќе нема потребен легитимитет да се однесува како политички лидер“, тврдат тие, но тој упорно „се однесува како да го има“.
Рејтингот на Емануел Макрон повторно паѓа
Без поддршка, што може да направи претседателот на Републиката? Ова е прашањето со кое се соочува Емануел Макрон на почетокот на годината, чиј рејтинг на одобрување падна на 12 отсто, особено поради оддалечувањето на некои од неговите поддржувачи од Централниот блок: пад од 15 поени за еден месец. Сега, бројките се еднакво поделени помеѓу оние што му веруваат (49 отсто) и оние што не му веруваат (49 отсто). Само 77 отсто од поддржувачите на Ренесанса (пад од два поена) сè уште го поддржуваат. Под овие околности, тешко е да се биде слушнат и, пред сè, да се убедат другите. Ова произлегува од анкетата на Вериан за „Ле фигаро“, спроведена од 4 до 6 јануари 2026 година, во која беа опфатени 1.000 лица, репрезентативна за целата популација на возраст од 18 години и повеќе, анкетирани онлајн со метод на квотно земање примероци (пол, возраст, занимање на референтното лице и регион).
Себастијан Лекорну е во иста ситуација, иако премиерот доживува закрепнување. Но, со 26 отсто тој останува многу непопуларен додека се подготвува за нови дискусии за буџетот со пратениците. Во текот на оваа недела социјалистите посочија дека околу дваесет од нив би можеле да гласаат за предлог за недоверба доколку владата го искористи членот 49.3 за да го усвои буџетскиот закон. Оваа бројка предизвикува стравувања од пад на владата. За да се избегне тоа, дали премиерот ќе се согласи на значителното зголемување на даноците како што бара Социјалистичката партија? Со ризик да ја изгуби поддршката од десницата?
Кај испитаниците се потврдува популарноста на Националниот собир и неговите лидери Џордан Бардела и Марин Ле Пен, кои се на првата и втората позиција на популарноста, пред Бруно Ретајо и Едуар Филип и Габриел Атал. Првата личност од редовите на левицата Рафаел Глуксман се наоѓа дури на единаесеттата позиција.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































